Xceed е единствениот „преживеан“ член на Ceed семејството – и Kia му подготви изненадувачки темелно освежување.
Ова е второ освежување за Xceed – и тоа овој пат е навистина темелно. И визуелните измени се препознаваат веднаш – ако не знаевме дека зборуваме за Xceed, прво ќе помислевме дека зборуваме за освежениот Stonic. Xceed го презема дизајнерскиот јазик од новиот K4 и од освежениот Stonic и го интерпретира во дизајн кој одговара на карактерот на Xceed.
Предниот дел ги презема вертикалните светла и длабокиот преден браник, но профилот е неизменет. Значителни измени има и на задниот дел кој го презема светлосниот потпис од електричните модели на Kia и добива трендовски, едноделен светлосен елемент.
Темелно освежување има и во кабината на Xceed. Арматурната табла е целосно преработена и добива современ дигитален кокпит со два 12.3-инчни екрани (кои веќе се дел од другите модели на Kia), но истовремено задржува и дел од физичките контроли за полесно манипулирање со некои од функционалностите. Редизајнирани се и отворите за вентилација и седиштата, а нови се и управувачот и облогите на вратите.
Сега за сега, Kia не објавува детали околу погоните, но потврди дека Xceed ќе добие „бензински и лајт-хибридни погони“. Најавуваат и зголемен комфор благодарение на освежена суспензија и уште неколку подновувања. Производството на освежениот Xceed треба да започне кон крајот на Мај во фабриката на Kia во Словачка.





