Во интервју за News.com.au, директорот на Geely Australia кажа нешто навистина храбро.
Geely Group минатата година испорачал вкупно 4.1 милиони возила. Секако, тука се вбројуваат и продажбите на сите други брендови во портфолиото на кинескиот гигант – Volvo, Lynk & Co, Zeekr, Proton, итн – но со оглед на растот на продажбата на глобалните пазари, Geely е на одлична траекторија. Сега Alex Gu, новиот шеф на Geely Australia има нешто навистина интересно да каже. Во интервју за News.com.au, тој изјави дека Geely сака да се позиционира „како Toyota, но од Кина“. И со оглед на глобалната позиционираност на Toyota – тоа се храбри зборови.
Но не и невозможни – под водството на Alex Gu, Geely Middle East имаше раст од 3.000 на 50.000 додека тој беше одговорен за тој регион. Во ред, изјавата на Gu се однесува на Geely во Австралија – но дали е тоа премногу далеку од глобалните амбиции на Geely?
Би рекле дека најверојатно не. Како што веќе знаеме, Geely во своето портфолио има цела гама на успешни и посакувани брендови (одличниот плаг-ин хибриден Lynk & Co 08 македонската публика го изгласа за Најпосакуван Електрифициран Автомобил за 2026, а интересот за плаг-ин хибридниот Geely Starray EM-i е огромен) кои одлично се продаваат, а пристапот на кинеската групација е агресивен и самоуверен.
Плус, минатата година електричниот Geely EX2 (кој наскоро треба да пристигне и во Европа) беше најпродаван автомобил во Кина. Не најпродаван електричен автомобил. Најпродаван Автомобил.
Како Toyota, но од Кина. Па и не звучи толку налудничаво, нели?







