ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави ID. Polo, цената во Европа започнува од 25.000 Евра! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави ID. Polo, цената во Европа започнува од 25.000 Евра!

Polo е значка која постои повеќе од 50 години, а низ тие години се продадени повеќе од 20 милиони примероци. И да, тоа значи дека сите треба многу да внимаваме кога Volkswagen лансира ново, целосно-електрично Polo.

Новото Polo е навистина ново. Всушност, толку е ново – што и името му е ново. Кажете му добредојде на ID. Polo.

ID. Polo е поставено на MEB+ платформата за електрични возила на Volkswagen, која е преработена да понуди максимален простор во компактно пакување, а истовремено да понуди врвна ефикасност и електрични перформанси. Погонот е на предните тркала, а во зависност од конфигурацијата ќе можете да поминете меѓу 329 и 455 километри со едно полнење.

На самиот старт ќе бидат достапни три погонски опции. Верзиите со 116, односно 135 коњски сили добиваат батерија со капацитет од 37 kWh, која пак овозможува автономија до 329 километри и DC брзо полнење со макимслани 90 kW. Тоа не звучи како многу, но е сосем доволно со оглед на сегментот и намената, а полнењето од 10 до 80% трае 27 минути. Верзијата со 208 коњски сили добива поголема батерија со капацитет од 52 kWh, која пак би требало да овозможи автономија до 455 километри и се полни со максимални 105 kW. Тука полнењето трае 24 минути.

Следната година ќе пристигне и ID. Polo GTI со 226 коњски сили, кое ветува забавни електрични перформанси!

Но да се навратиме на платформата. MEB+ e новата платформа на Volkswagen Групацијата наменета за електрични возила. Моторот е поставен напред, а и погонот е на предните тркала. Тоа ослободува повеќе простор во багажникот – ID. Polo има багажник со капацитет до 441 литар, а со преклопени задни седишта дури 1243 литри!

Плус, патниците на задната клуша добиваат дополнителни 19 милиметри простор за нозете – а тоа е навистина многу, со оглед на класата. Инаку, ID. Polo е долг 4053 милиметри, широк 1816 милиметр и висок 1530 милиметри, но затоа меѓуоскиното растојание е 2600 милиметри – само 36 милиметри пократко од Golf 8!

Поврзано:  Трендовите се менуваат: повеќе електрични и хибридни, помалку бензински и дизел возила; Volkswagen најпродаван бренд, Sandero најпродаван модел!

Нова е и кабината – главниот дизајнер на Volkswagen, Andreas Mindt кажа дека сака кабината на ID. Polo да биде како близок пријател. Инспирацијата очигледно доаѓа од минатото на Volkswagen, но сепак цврсто се гледа кон иднината. Пред возачот е поставен 10-инчен екран наменет за информациите околу возењето, додека на централната конзола е поставен 13-инчен инфозабавен дисплеј.

Но не е сè дигитално – клима уредот добива физички контроли, а физички се и контролите на управувачот. Меѓу предните седишта има тркалце за аудио уредот и уште неколку други интересни решенија. А да, за прв пат Polo добива предни седишта со масажа.

Дизајнот на екстериерот е современ, но истовремено и воздржан. Дизајнот е многу сличен (да не речеме идентичен) на ID.2all концептот од 2023, а има и интересни детали, како на пример скриените рачки во C-столбовите. Секако, ID. Polo добива и уникатен светлосен потпис, како на предниот, така и на задниот дел.

И сега на крај, цената. Во Европа, основното ID. Polo ќе чини од 24.995 Евра – и тоа е навистина привлечна цена. Останува да видиме колку ќе чини кога ќе пристигне во Македонија, но навистина – возбудени сме за ID. Polo.

А тек па за GTI…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.