ТЕСТ: Lynk & Co 01 PHEV More – Добриот избор, уште подобар! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lynk & Co 01 PHEV More – Добриот избор, уште подобар!

Lynk & Co подготви темелно освежување за плаг-ин хибридниот 01, кој добива затегнат дизајн, нов погон, ревидиран ентериер и нова платформа за технологиите во кабината.

Lynk & Co 01 се појави на нашите страници пред точно една година, и уште тогаш нè импресионираше со комбинацијата од храбар дизајн, моќен и ефикасен погон, но и врвни технологии во кабината. Но бидејќи инженерите и дизајнерите на Lynk & Co не рекле „океј, тоа е тоа, завршивме работа, ајде на кафе“, сега ќе зборуваме за освежениот 01.

Нов, уште поефикасен и помоќен погон

А што е ново? Па ајде прво да зборуваме за погонот. Пред освежувањето, 01 користеше плаг-ин хибриден погон кој потекнуваше од Volvo XC40 – одличен, моќен и ефикасен погон на кој во очите на многумина и не му требаше некакво унапредување. Но ако може да биде уште подобро, зошто да не?

Со освежувањето, погонот добива новоразвиен 1.5-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри кој самиот по себе испорачува 137 коњски сили и 230 Nm вртежен момент. Турбо-бензинецот соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 143 коњски сили и моќни 340 Nm вртежен момент, а целиот систем кон предните тркала испорачува 276 коњски сили и 535 Nm вртежен момент – тоа е 15 коњски сили повеќе, но и 110 Nm повеќе од пред освежувањето!

Но инженерите не застанале таму. Интересен новитет е новиот DHT Pro автоматски менувач со три брзини – и океј, тоа можеби звучи малку чудно, но во вистинскиот свет овој менувач е супер-рафиниран и тивок, а притоа гарантира максимална моќност и ефикасност.

Кога стартуваме во Pure режим (на струја) менувачот во суштина функционира како директен пренос и доаѓа до израз само во Hybrid и Power режимите. Во Hybrid режим скоро и да не се забележува, додека во Power режимот ги менува брзините пореспонзивно и позабележливо. При силно притискање на педалата за гас се забележува одредено кратко колебање додека системот да одреди како најдобро да ја испорача сета моќ на погонот и забрзувањето е уверливо – 100 километри на час пристигнуваат за 7.7 секунди, додека максималната брзина е 200 километри на час.

А што значи сето ова во контекст на потрошувачката? Па батеријата е со капацитет од 17.7 kWh (и може да се полни и на обичен приклучок) и со неа можете да поминете околу 70-тина километри пред воопшто да треба да се активира бензинскиот мотор, а и тогаш 01 импресионира со неговата ефикасност. На струја, потрошувачката на бензин е Нула Литри на Сто Килоемтри, додека во хибриден режим покажа потрошувачка од околу 5 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:  Официјално ги доделивме овогодинешните награди Златно Тркало

Современ но достоинствен дизајн

Океј, а сè друго? Ајде за дизајнот пред да зборуваме за ентериерот. Со освежувањето, дизајнот е затегнат – редизајнирани се браниците, предните и задните светла и воведени се и нови дизајни на тркалата и нови бои. Ако сме искрени, малку ни недостасуваат сините детали (и на каросеријата и на тркалата) кои беа толку карактеристични за 01, но без разлика на тоа, 01 изгледа современо и привлечно.

На предниот дел и понатаму доминира препознатливиот светлосен потпис на 01, со издвоени дневни светла и главни светла кои се „скриени“ во предната решетка. Профилот и понатаму е конвенционален, но благодарение на дизајнерските игри делува малку купеовски, а на задната страна вниманието оди кон едноделниот широк светлосен елемент.

Плус, тука се и кровните носачи, прилично големиот заден спојлер и интересната антена на кровот.

Освежена кабина, нова технолошка платформа

 

Супер, ајде сега да одиме внатре. Ја отвораме вратата и нè пречекува современа кабина која е во чекор со поновите модели на Lynk & Co – целосно-електричниот 02 и големиот плаг-ин хибриден 08.

Вниманието веднаш оди кон спортските седишта и контрастните шевови во неон-зелена боја. За жал, и во кабината веќе ги нема храбрите сини детали, но и покрај тоа, во кабината преовладува чувство на квалитет, робустност и внимание кон деталите. Пред возачот е поставен 10.2-инчен екран наменет за инструментите кој има неколку различни режими на приказ и ги прикажува најважните информации за возењето.

На арматурната табла доминира новиот 15.4-инчен инфозабавен уред, кој е изграден врз целосно-нова технолошка платформа базирана врз Snapdragon 8155 – истата платформа која се користи кај 02 и 08. Системот работи супер-брзо, супер-респонзивно и нема никакво колебање при било каква наредба од возачот или совозачот.

Поврзано:  Geely и Lynk & Co прославуваат две години успешна приказна на македонскиот пазар

Преку големиот екран се контролираат сите функционалности во автомобилот – да, дури и клима уредот, па и контролите за сончевиот кров, итн. Ова е во согласност со тековните трендови и очекувања од купувачите, а мораме да признаеме дека системот е прилично интуитивен и лесен за користење. Да, во ред, нема да биде по сечиј ќеф – но не можеме да одиме „контра“ на иновациите. Плус, Lynk & Co ги слуша купувачите и новинарите, па со освежувањето 01 добива и систем за закажување на полнењето, за да можеме да полниме на евтина струја во домашни услови.

Секако, 01 ги има сите системи за асистенција и безбедност кои брендовите од Geely групацијата ги имаат во своето портфолио. Некои од нив можеби ќе бидат и малку здодевни (како на пример камерата која ќе ве опомене доколку забележи дека премногу долго сте го тргнале погледот од патот) – но вистината е дека тие системи навистина функционираат и помагаат. А по потреба и лесно се исклучуваат. ;)

Инаку, во кабината е навистина пријатно и комфорно. Како што и очекувавме, многу внимание е посветено на квалитетот на материјалите и завршната обработка, па во 01 се чувствуваме како во автомобил кој би требало да чини многу, многу повеќе.

На задната клупа и понатаму комфорно ќе патуваат двајца патници. По потреба можеби и тројца, но не би го препорачале тоа за подолги патувања. Капацитетот на багажникот останува непроменет – 466 литри, односно 1213 литри со преклопена задна клупа.

01 и понатаму нуди премиум искуство зад упраувачот

И конечно, ајде малку за искуството зад управувачот. Инженерите на Lynk & Co очигледно многу добро знаат што прават, па искуството зад управувачот е… Премиум. Да, тоа го кажавме и минатиот пат, но нема зошто да не го кажеме пак.

Поврзано:  Започна гласањето за Златно Тркало 2026!

Суспензијата е доволно цврста за да влева доверба во динамичките таленти на 01, а притоа успева да ги исфилтрира несовршеностите од нашите патишта. Управувањето е прецизно и директно, па има „и забава за имање“ зад управувачот, особено во Power режимот на возење.

Од друга страна, на отворен пат е тивко и дури и при повисоки брзини во кабината лесно се „тера муабет“ без да има потреба од надвикување. Мора да ја пофалиме звучната изолација. Браво!

И?

Океј, и каде нè носи сето тоа. Во нашите очи, 01 веќе беше навистина добар избор. Техничките подобрувања се една работа, но кога на сето тоа ќе ги додадеме и технолошките унапредувања и очекуваниот премиум карактер на Lynk & Co… Сега 01 е уште подобар избор!

Спецификации

Модел: Lynk & Co 01 PHEV
Погон: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Електромотор + Батерија
Моќност: МВС: 137 коњски сили / 5500 вртежи во минута
ЕМ: 143 коњски силa
Системски: 276 коњски сили
Вртежен Момент: МВС: 230 Nm / 1500 вртежи во минута
ЕМ: 340 Nm
Системски: 535 Nm
Менувач: DHT Pro, 3 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.7 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4545 mm
Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1694 mm
Тежина: 1879 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2734 mm
Багажен Простор: 466 – 1213 литри
Потрошувачка: 2 литри на 100 километри (измерена, градска, со полна батерија)
Цена на основниот модел: Lynk & Co 01 PHEV Core – 37.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Lynk & Co 01 PHEV More – 42.990 Евра
Повеќе Информации: Lynk & Co Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.