Прв Контакт со Neue Klasse – BMW iX3 на саемот во Минхен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Прв Контакт со Neue Klasse – BMW iX3 на саемот во Минхен!

На IAA Mobility саемот во минхен имавме прв контакт со Neue Klasse на BMW – и како изгледа новиот iX3 во живо?

Со претставувањето на новиот iX3, BMW влезе во сосем нова ера. Од нов дизајн, преку нова платформа, па сè до нови технологии и нов пристап кон возењето, BMW влегува во сосем ново поглавје. Всушност, од BMW самите кажуваат дека со Neue Klasse е како целосно да прескокнуваат една генерација автомобили. И по тоа кое го видовме во Минхен, мораме да се согласиме.

На прв контакт, iX3 е доминантен. Дизајнот е истовремено успева да биде и супер-современ и да евоцира спомени од минатото на BMW. Како и многу други модели на BMW – „едно е на слики, друго е во живо“. На предниот дел вниманието оди директно кон тенките, вертикални бубрези и широките светла. На профилот доминираат чистите линии и површини, но строго-дефинираните крила му даваат мускулест изглед. На задниот дел најзабележителни се задните светла кои повторно малку наликуваат на моделите на BMW од минатото.

Новиот iX3 ја добива најновата eDrive технологија на BMW која сега е во нејзината шестта генерација. Сите компоненти се дизајнирани и конструирани за 800-волтно функционирање, а густината на моќноста во батеријата е подобрена за 20%. Тоа значи подобра автономија, помала (и полесна) батерија и подобрени перформанси.

Батеријата е со капацитет од 108.7 kWh. Според WLTP мерењата, iX3 би требало да може да помине до 805 километри со полни батерии. Најдете доволно моќен полнач и можете да полните со максимални 400 KW, што пак би требало да овозможи да се наполнат до 372 километри автономија за само 10 минути.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Нова ера започнува - iX3 е првиот Neue Klasse модел на BMW!

Во кабината доминира новиот BMW Panoramic iDrive со новиот BMW Operating System X. Интересен новитет е новиот Panoramic iDrive кој дебитира токму кај електричниот SUV. Овој систем ги заменува конвенционалните инструменти со огромен „хед-ап дисплеј“ поставен под ветробранското стакло. Овој пристап треба да обезбеди одлично информирање без да има потреба да се оттргне вниманиет од патот. Дополнително, на централната конзола е поставен уште еден голем дисплеј преку кој се контролираат другите функционалности.

Според BMW, четирите супер-мозоци кои работат во позадина би требало да обезбедат врвни перформанси, а супер-современите екрани и оперативниот систем би требало да обезбедат фокус кон возачот, но и одлична ергономија. На прв поглед, сето ова изгледше интересно и навистина функционално. Системот реагира навистина подготвено и брзо на сите команди, но останува да видиме како тоа ќе функционира во вистинскиот свет кога и самите ќе седнеме зад управувачот на iX3.

Neue Klasse е ново време за BMW. Ако многу други компании ја најавуваат иднината, иднината на BMW е веќе тука.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.