ТЕСТ: Fiat 600 1.2 Hybrid 136 AT: Ретро-модерен италијански темперамент – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat 600 1.2 Hybrid 136 AT: Ретро-модерен италијански темперамент

Новиот Fiat 600 има важна улога – од една страна, треба да биде своевиден наследник на супер-популарниот 500X, а од друга страна треба да го пренесе Fiat во сосем ново поглавје.

Би било многу лесно само да кажеме дека новиот 600 е наследник на 500X, да уфрлиме неколку зборови на италијански (малку „Долче Вита“ оваму, малку „Белисимо“ онаму) и тука некаде да ја завршиме дискусијата. Но тоа навистина не би било фер кон новиот кросовер на Fiat. Не би било ниту фер, ниту пак доволно.

600 е првиот нов автомобил на Fiat во рамките на Stellantis

Новиот 600 е првиот нов автомобил на Fiat развиен по спојувањето со Stellantis. Да, може да го споменеме електричниот 500е, но тој беше развиен уште во времето на FCA, додека 600 е развиен под закрилата (и со технологии) на Stellantis.

А што значи тоа? Накратко кажано – докажана и проверена платформа и нов електричен и хибиден погон. А ако сакаме да навлеземе во малку повеќе детали, ќе дополниме дека 600 е поставен на eCMP платформата која веќе ја користат и други слично-димензионирани модели од портфолиото на Stellantis. Најблиски му се Jeep Avenger (кој го возевме минатата година, тестот можете да го прочитате тука) и Alfa Romeo Junior кои се произведуваат покрај 600 во фабриката на Stellantis во Тиши, Полска.

Плус, 600 е развиен со електрификацијата на прво место. А тоа пак значи дека во основа, 600 е замислен да биде целосно-електричен автомобил, но и дека платформата дозволува интегрирање на напреден хибриден погон.

Истиот оној хибриден погон кој комбинира 1.2-литарски турбо-бензинец со електромотор поставен во менувачот и мала батерија која се крие под совозачкото седиште. Овој погон испорачува вкупно 136 коњски сили, а електромоторот е задолжен за задвижување на 600, маневрирање при ниски брзини и движење во „тргни-застани“ ситуации – и со тоа ветува повеќе од добри перформанси во комбинација со исклучителна ефикасност.

Во превод, сето тоа значи спринт до 100 километри на час за 8.5 секунди и максимална брзина од 200 километри на час. Секако, дополнителните 21 коњска сила и 50-тина Nm вртежен момент од електромоторот го прават искуството да биде линеарно и опуштено, а сето тоа резултира со просечна потрошувачка од околу 6.5 литри бензин на 100 километри во градски услови. Погонот ја пренесува силата кон предните тркала преку 6-брзинскиот e-DCT менувач со двојна спојка, во кој (како што напоменавме) е интегриран електромоторот.

Поврзано:  Ова се автомобилите кои ќе се борат за титулата Европски Автомобил на Годината за 2026!

Храбрите бои одлично му прилегаат на 600

Но доволно за возењето, ајде да зборуваме за тоа како изгледа 600. А изгледа навистина современо, особено во оваа црвено-портокалова боја. На предниот дел вниманието веднаш оди кон „очите“ и несекојдневните „трепки“. Предните светла храбро ја потенцираат врската на 600 со помалиот брат, Fiat 500, но сепак 600 е поголем и понаметлив. Во долниот дел од браникот се наоѓаат отворите за воздух, додека на средината, меѓу предните светла гордо стои ознакатa 600.

Профилот е динамичен и тука најлесно се препознава врската меѓу 500Х и 600. Карактерната линија е поставена високо, додека стаклените површини се релативно ниски, исто како и кровната линија. Сето тоа наметнува интересен, динамичен и самоуверен став.

Задните светла се уште една визуелна врска меѓу 600 и 500, но покомплексната графика кај 600 им дава засебен, можеби нијанса повозрасен лик. На средина, меѓу светлата е поставена значката на Fiat додека во долниот дел од браникот е втиснато логото на 600, а сличен детаљ има и во долниот дел од задните врати.

Во ред, очигледно е дека 600 следи дизајнерски насоки од супер-популарниот 500 – но тоа воопшто не е лоша работа. Напротив, дизајнерските решенија од 500 одлично се пренесуваат во поголема и попрактична форма, но без притоа да бидат доминантни. 600 ја интерпретира филозофијата на 500 на свој начин – и би рекле, доста успешно.

Модерна кабина со ретро-инспирирани детали

Слично е и во кабината. При отворање на широката возачка врата нè пречекува просторна кабина со многу интересни детали. Првото кое го забележуваме се седиштата кои се обвиени во текстил во кој е втиснато логото на Fiat. Седиштата не само што изгледаат одлично, туку и се навистина комфорни. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, а и лесно се снајдовме во кабината.

Поврзано:  Пристигна Fiat Grande Panda!

Пред возачот е поставен 7-инчен дигитален дисплеј со неколку различни режими на приказ, додека на средината на предната табла е поставен голем 10.25-инчен дигитален дисплеј наменет за навигацијата и мултимедијалните функционалности. Секако, има и Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Веднаш под екранот се физичките кратенки до „домашниот“ екран и омилените функционалности околу автомобилот, но и физичките контроли за клима-уредот. Под нив се контролите за менувачот, во форма на четири засебни PRND копчиња. Копчињата изгледаат интересно и овозможуваат повеќе простор во гребенот меѓу возачот и совозачот, но „бараат“ малку навикнување – односно при првите маневри, треба да се погледне во нив за да се најде копчето за движење наназад или нанапред.

Атмосферата во кабината е шармантно-италијанска. Дизајнерските решенија се несомнено интересни, но би сакале малку повеќе боја во ентериерот. Некои од пластиките се цврсти, но затоа би требало да бидат долготрајни, а за среќа Fiat нуди опции за персонализација на ентериерот, па можете дополнително да ја оплемените кабината по сопствен избор.

Задната клупа нуди доволно простор за двајца патници, дури и за подолги патувања. По потреба, ќе собере и тројца, но тоа би го препорачале само за пократки патувања кон поблиски дестинации. Задната клупа се дели во однос 60:40, а багажникот е со капацитет од 385 литри, односно нешто повеќе од 1200 литри со преклопени задни седишта.

Безбедно зад управувачот

Зад управувачот, 600 е токму она кое го очекуваме. Управувањето е доволно директно за да биде забавно, но да не биде заморно. Автоматскиот управувач го олеснува движењето во град, но ќе напоменеме дека регенеративното кочење е вклучено цело време и нема опција да се деактивира. Суспензијата без приговор ги впива нерамнините од нашите улици, а дополнителното оддалечување од подлогата значи дека 600 е подготвен и за (внимателни, секако) теренски авантури до вашата викендичка, или нешто слично.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Fiat го објави новиот хибриден Fiat 500

Неизбежен заклучок: Fiat 600 горделиво го истакнува италијанскиот темперамент

Сето ова нè носи до неизбежниот заклучок. Fiat многу добро знае да прави мали автомобили, но одлично се снаоѓа и со оние малку поголемите. Плус, Fiat можеби најдобро ја погодува онаа толку-тешката-за-погодување ретро-модерна рамнотежа и тоа одлично го демонстрира со 600. Италијанскиот темперамент не е изгубен, туку напротив – тој горделиво се забележува и во најситните детали. Белисимо!

Спецификации

Модел: Fiat 600 1.2 Hybrid 136 AT
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV
Моќност: 136 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 8.5 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4171 mm
Ширина: 1981 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1536 mm
Тежина: 1275 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2557 mm
Багажен Простор: 385 – 1256 литри
Потрошувачка: 6.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Fiat 600 1.2 Hybrid 100 AT – 21.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Fiat 600 1.2 Hybrid 136 AT – 23.700 Евра
Повеќе Информации: Fiat.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.