Volkswagen ја проширува SUV-понудата со Tayron, поставен меѓу Tiguan и Touareg – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen ја проширува SUV-понудата со Tayron, поставен меѓу Tiguan и Touareg

Tayron е новиот SUV на Volkswagen и во понудата на германскиот бренд ќе биде поставен меѓу Tiguan и Touareg.

Иако Tayron дели визуелни елементи со Tiguan, сепак навистина добива засебен индентитет. Покрај тоа што е подолг цели 231 милиметар од Tiguan (и има 110 милиметри подолго меѓуоскино растојание), добива и засебен преден и заден дел со посериозен лик и поробустни форми и детаљи. Истовремено, пропорциите се понагласени во скоро сите димензии, па Tayron навистина изгледа поголем од Tiguan.

Секако, тоа значи повеќе простор во кабината, што пак резултира со можноста Tayron да биде нарачан и со седум седишта. Дури и во оваа конфигурација, Tayron има багажник со капацитет од одлични 345 литри. Преклопете ги задните седишта и ќе добиете неверојатни 885 литри! Инаку, кабината е слична на онаа кај Tiguan, па добиваме дигитални инструменти, огромен централен мултимедијален дисплеј, безбројни ситни (и не толку ситни) практични додатоци и елементи и (секако) врвни системи за активна и пасивна безбедност.

Во однос на моторите – веќе добро ги познаваме сите погонски конфигурации. Исто како и Tiguan, и Tayron е поставен на MQB Evo архитектурата, а таа овозможува и многу различни мотори, и погон на предните или на сите четири тркала. Понудата започнува со 1.5-литарскиот лајт-хибриден eTSI со 150 коњски сили, но Volkswagen ги потенцира двете плаг-ин хибридни опции – едната со 204 коњски сили, другата со вкупно 272 коњски сили. Овие користат батерија со капацитет од 19.7 kWh и поминуваат повеќе од 100 километри на струја. Volkswagen ќе понуди и две варијанти на 2.0 TSI со 190 и 262 коњски сили.

Секако, тука е неизбежниот 2.0 TDI кој може да се добие во изведба со 150 коњски сили, како и верзија со 193 коњски сили. Во зависност од одбраниот мотор, ќе можете да го добиете Tayron и со 4Motion погон на сите четири тркала.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: VW ID. Cross е повеќе од концепт, пристигнува следната година

Tayron ќе се произведува во Wolfsburg и нарачките се веќе отворени. Продажбата низ Европа ќе започне оваа есен, а ќе бидат достапни три конфигурации – Life, Elegance и R-Line.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.