ПРЕМИЕРА: Dacia Bigster е повеќе од поголем Duster! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Dacia Bigster е повеќе од поголем Duster!

Новиот Bigster е најголемиот модел на Dacia во историјата на романскиот бренд и ќе се обиде да понуди повеќе и биде повеќе од „само поголем Duster“.

Bigster е долг 4.57 метри, однсоно цели 230 милиметри подолг од Duster. Дополнително, добива и продолжено меѓуоскино растојание, што пак овозможува повеќе простор во кабината – повеќе простор за патниците на задната клупа, како и огромен багажник со капацитет од 667 литри. Сега за сега, од Dacia не потврдуваат дали ќе има верзија со седум седишта – но навистина, не би биле изненадени доколку биде понудена во месеците кои доаѓаат.

Инаку, Bigster добива и редизајниран преден браник, поголем заден надвис, дискретно редизајнирани детали околу целиот автомобил и редизајнирана задна врата. Сето ова всушност сака да наметне дека Bigster не е само поголем Duster, туку е засебен модел кој цели кон поинаква група на купувачи. И покрај тоа што централната конзола е преземена од Duster, Bigster добива технолошко и безбедносно унапредување во однос на својот помал брат.

Bigster е поставен на CMF-B платформата на Renault групацијата, која пак овозможува интересна гама на погонски опции. Како кај Duster, и кај Bigster се вградуваат бензински мотори со можност за работење и на LPG. Интересно, Bigster е првиот модел во рамките на Renault Group кој го добива новиот Hybrid 155 хибриден погон.

Овој погон комбинира четири-цилиндерски бензинец со два електромотори, мала батерија со капацитет од 1.4 kWh и автоматски менувач без спојка. Вкупната моќност од 155 коњски сили значи дека оваа конфигурација на Bigster е најмоќниот модел на Dacia во историјата на брендот, а во градски услови може повеќе од 80% од времето да вози на струја.

Поврзано:  Dacia го освежи популарниот Sandero

Во понудата ќе ги најдете и TCe 140, како и ECO-G 140 кој за прв пат комбинира лајт-хибридни технологии со LPG. Оваа комбинација ветува врвна автономија – благодарение на 50-литарски резервоар за бензин и 49-литарски резервоар за плин, Bigster може да помине 1450 километри пред повторно да мора да одите на бензинска станица.

Единствениот Bigster со 4х4 погон е Bigster TCe 130 4×4. Оваа верзија добива бензинец со 130 коњски сили и мануелен менувач, како и Terrain Control системот на Dacia кој нуди пет различни режими на возење – Auto, Snow, Mud/Sand, Off-Road и Eco. Интересен исчекор за Dacia е новиот Bigster Extreme кој добива изненадувачки многу опрема – панорамски сончев кров, премиум 3D аудио уред, вградена навигација и безжично полнење, а Journey пакетот дополнително вклучува електрично-задвижувана петта врата и (за прв пат кај Dacia) адаптивен темпомат.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.