ПРЕМИЕРА: 666 коњски сили за новиот Porsche Cayenne S Electric – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: 666 коњски сили за новиот Porsche Cayenne S Electric

Porsche додаде нова изведба токму во средината на портфолиото на новиот Cayenne Electric – изведба која при Launch Control има „ѓаволски“ 666 коњски сили!

Porsche Cayenne S Electric е (помалку или повеќе) на средина меѓу „обичниот“ Cayenne Electric и неговите 441 коњска сила и монструозниот Cayenne Turbo Electric со неговите максимални 1156 коњски сили (кој неодамна ја имаше и својата македонска претпремиера).

Благодарение на погонот на сите четири тркала, Cayenne S Electric кон подлогата испорачува 544 коњски сили, односно дури 666 коњски сили при Launch Control. Што значи сето тоа? Па како звучат 100 километри на час за само 3.8 секунди, како и максимални 250 километри на час?

Плус, ако го нарачате Sport Chrono пакетот (а треба да го нарачате) ќе ја добиете и Push-To-Pass опцијата која е како играње со шифри и ослободува дополнителни 120 коњски сили во интервал до 10 секунди.

Електромоторите се хранат од огромна батерија со капацитет од 113 kWh, која може да се полни со максимални 400 kW на соодветен полнач и да се дополни од 10 до 80% за помалку од 16 минути. Истовремено, батеријата овозможува импресивна автономија до одлични 653 километри.

Визуелно, Cayenne S Electric ќе го препознаете по детали кои се специфични за S а вклучуваат декоративни елементи во Volcano Grey на предниот и задниот браник, како и големи 20-инчни Аеро тркала кои се ексклузивни за Cayenne S.

Интересна опција за ентериерот е Interior Style Пакетот кој е направен во соработка со Porsche Exclusive Manufaktur дивизијата кој вклучува комбинација од црна кожа со зелени детали и шевови.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche кажува дека Cayenne Coupé Electric е инспириран од 911


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.