Бунтовниот Cupra Born добива усовршен погон, нови технологии и затегнат дизајн – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Бунтовниот Cupra Born добива усовршен погон, нови технологии и затегнат дизајн

„Бунтовниот“ братучед на Volkswagen ID.3 добива уште попривлечен дизајн и освежена кабина, но и надградени технологии за зголемена автономија и повеќе моќ.

Шпанскиот бренд подготви освежување за Cupra Born и уште повеќе го издвои од „првиот братучед“ – Volkswagen ID.3. Измените започнуваат со екстериерот, каде Born ја применува најновата интерпретација на дизајнерскиот јазик на Cupra. Предниот дел е уште позатегнат и поагресивен, а новите Matrix LED светла со триаголни форми ја дефинираат семејната врска со Tavascan и Formentor.

Профилот го освежуваат новите 19 или 20-инчни тркала кои се обвиени во нијанса пошироки пневматици. Од Cupra кажуваат дека пошироките пневматици (235 милиметри) ги подобруваат држењето и управувањето. Задниот дел добива едноделен светлосен елемент со интегрирано Cupra лого во средината.

Во кабината, Cupra ги исфрли хаптичките команди на управувачот и ги замени со физички копчиња. Сепак, Born ги задржува лизгачките контроли на главниот инфозабавен уред. Born и понатаму го носи истиот 12.9-инчен инфозабавен уред кој го доби со минатото технолошко освежување, но добива нов оперативен систем базиран на Android. Интересен новитет е дигиталниот инструмент-панел кој го заменува постоечкиот 5.3-инчен екран со поголем и покорисен 10.25-инчен екран. Кабината добива и редизајнирани тапацири и некои нови материјали.

Со освежувањето, Born ги добива најновите погонски решенија достапни за MEB платформата. Основниот Born добива батерија со капацитет од 58 kWh а моќноста на електромоторот е намалена од 204 на 190 коњски сили, но за сметка на тоа е зголемена автономијата од 425 на 450 километри. Во идеални услови, секако.

Поголемата батерија (со капацитет од 79 kWh) се комбинира со побрзо полнење (185 kW), но и со зголемена моќност на 231 коњска сила. Оваа конфигурација овозможув автономија до 600 километри. На самиот врв на понудата е Born VZ со 326 коњски сили. Интересно е што и оваа верзија има автономија до 600 километри по крај 100-те дополнителни коњски сили.

Cupra Born се очекува да пристигне во салоните во следниве неколку месеци, а до крајот на годината ќе биде претставен и малиот Cupra Raval, кој ги дели гените со Volkswagen ID. Polo.

Поврзано:  Започна гласањето за Златно Тркало 2026!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.