ТЕСТ: Mazda 6e 245 Long Range Takumi Plus – Од истокот нешто ново. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 6e 245 Long Range Takumi Plus – Од истокот нешто ново.

Mazda малку доцни во сегментот на електрични седани, но со 6е недвосмислено покажува што знае и умее.

Кога Mazda го најави електричниот 6е, очекувањата беа огромни. Зошто? Па со оглед на успехот на Mazda 6 со конвенционални мотори (како глобално, така и на нашиот пазар), фановите на Mazda оправдано имаа високи очекувања.

Малку историја

И вистината е дека технологиите позади електричните автомобили се предизвик за сите – па дури и за оние со повеќедецениско искуство во работењето, а да се донесе нов автомобил на пазарот воопшто не е едноставно. И Mazda го најде можеби најдоброто решение – искористи технологии и решенија од свои партнери за да го забрза процесот и да понуди исклучителен автомобил, а притоа значително да скрати на времето за развој.

Mazda соработува со кинескиот гигант Changan веќе долго време. Кои се Changan? Компанијата постои повеќе од 160 години, веќе долго време произведува возила за Ford и Mazda а во своето портфолио има брендови како Avatr (во соработка со мобилниот гигант Huawei), Deepal и уште неколку.

И зошто го зборуваме сето ова? Заради тоа што Mazda 6e е производ на директната и блиска соработка меѓу Mazda и Changan – инженерингот и развојот се на Mazda, базирани врз платформи и батерии на Changan. Плус дизајнерите на Mazda ја носат нивната Kodo дизајнерска магија, а инженерите се позанимавале со подвозјето и суспензијата.

Kodo дизајнерска магија.

Резултат на сето тоа? Mazda 6e. Уште на прв поглед се препознава дека е Mazda – тенките и широки предни светла и широката предна маска се препознатливиот дизајнерски потпис на јапонскиот бренд.

Профилот е низок, со ниска карактерна линија и чисти површини. Големите тркала одлично ги пополнуваат крилата, а вовлечените рачки за вратите се премиум детал кој го очекуваме кај еден ваков автомобил.

На задниот дел вниманието оди кон „исфрлениот“ врв на поклопецот од багажникот во кој е скриен автоматскиот заден спојлер. Трендовскиот широк едноделен светлосен елемент има по два тркалезни елементи на секоја страна и со нив го добива препознатливиот заден светлосен потпис на Mazda. Ни се допаѓа дека просторот за регистерската табличка е во вратата од багажникот а не долу во браникот. Многу поелегантно изгледа.

Сè на сè – 6e е низок, елегантен и визуелно-динамичен седан. И во ера на разно-разни SUV и кросовер модели, седаните се вистинско освежување.

Топла премиум кабина

Океј, а како е внатре? Ја отвараме возачката врата (btw, вратите се без рамки!) и нè пречекува визуелно-опулентен и премиум ентериер. Веднаш ги забележуваме седиштата, кои како и некои други површини се обвиени во кожа и велур во карамел боја. Би рекле дека изгледа несекојдневно и топло.

Поврзано:  Mazda го претстави новиот целосно електричен кросовер CX-6e

Пред возачот е поставен дигитален дисплеј наменет за информациите околу возењето, додека на арматурната табла е поставен голем дисплеј наменет за сите други функционалности. Да, и Mazda го следи трендот на (можеби прекумерна) дигитализација, но барем системот е лесен за користење. На левата рачка позади управувачот се контролите за трепкачите и бришачите, додека десната рачка е контолер за преносот.

Централниот мултимедијален уред функционира навистина брзо, а доаѓа и со можност за безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Преку екранот се контролираат и сите функционалности околу клима уредот, загревањето (и ладење) на седиштата, панорамскиот сончев кров, итн.

Како што напоменавме, во кабината е топло и пријатно, а седиштата се исклучително комфорни. Би сакале да можеше возачкото седиште да се спушти уште малку, а и воланот да може да се извлече уште неколку сантиметри за да се седи уште поседански – но во суштина, тоа е тоа.

Меѓу возачот и совозачот има голем централен гребен со простор за складирање, два држачи за чаши и безжичен полнач за мобилен телефон.

Како и предните, и задните седишта се исклучително комфорни. Сепак, ќе забележиме дека поради опаѓачката кровна линија, на оние навистина високите можеби ќе им недостасува малку простор за глава. За деца и Нормални Луѓе – нема проблем.

Mazda 6e гордо може да се пофали дека добива огромна и супер-практична петта врата. Багажникот е со капацитет од 466 литри (сметајќи го и просторот под подот на багажникот) а со спуштени задни седишта имате на располагање 1074 литри.

245 коњски сили, 80 kWh и одлична автономија

Океј, сега малку за платформата и за погонот. Mazda 6e користи батерија со капацитет од 80 kWh, која според WLTP мерењата овозможува автономија до 552 километри во комбинирани услови. За време на неколкудневното возење индикаторот покажуваше просечна потрошувачка која беше нешто пониска од 20 kWh на 100 километри – и тоа при ниски температури, со вклучен клима-уред и греење на предните седишта. Во превод, тоа значи дека можете да очекувате автономија од околу 430-450 километри во зимски услови, па и околу 500 километри кога е потопло. Ќе провериме. ;)

Поврзано:  Mazda има ново, помодерно и поедноставно лого

На отворен пат, во зимски услови би поминале меѓу 300 и 400 (поблиску до 400) километри пред да треба да се полнат батериите. На AC полнач можете да полните со максимални 11 kW, додека на брз DC полнач до максимални 90 kW. Полнењето од 30 до 80% трае околу 30 минути, односно околу 40 минути за полнење од 10 до 80%.

А зад управувачот? На секое пристискање на педалата за гас (особено во Sport режим) забрзувањето е директно, линеарно и моќно. Официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 7.8 секунди, но во вистинскиот свет инстантната достапност на 245 коњски сили и 320 Nm вртежен момент значи и инстантно, неуморно забрзување сè до максималните 175 километри на час.

Се препознава талентот на инженерите на Mazda.

И се препознава и влијанието на инженерите на Mazda врз упраувањето. По лансирањето минатата година и фидбекот добиен од автомобилските новинари, инженерите дополнително го рекалибрираа подвозјето да уште повеќе да се истакне препознатливиот Mazda карактер.

Во ред – низ управувачот не се пренесува никаков фидбек, но управувањето е доволно директно и прецизно, а 6e верно ги следи насоките и покрај масата од 2 тони. Благодарение на погонот на задните тркала, задниот дел знае да заигра во свиоци кога ќе го побарате тоа од него, но долгото меѓуоскино растојание и нагодената суспензија овозможуваат сето тоа да биде предвидливо и лесно за контролирање.

Во кабината е комфорно и тивко, дури и при повисоки брзини. Суспензијата е доволно цврста за да влева доверба, а истовремено успева да ги впие нерамнините без проблем, па 6e одлично ја игра улогата на комфорен, рафиниран крстосувач. Во град движењето го олеснуваат и 360-степенските камери и многуте сензори.

Поврзано:  Mazda го претстави новиот целосно електричен кросовер CX-6e

Убаво е да се потсетиме што значи Добар Седан.

И на крајот, каков е заклучокот? 6е истовремено може да биде и комфорен, рафиниран крстосувач, и експлозивен електричен автомобил, и технолошки шоурум. Има некои ситници кои кога ќе ги препознаете и ќе ги прифатите – а со тоа и ќе ги надминете – ќе ги препознаете вистинските Mazda карактерни особини. Седан за мерак!

Спецификации

Модел: Mazda 6e 254 Long Range Takumi Plus
Погон: Еден електромотор, батерија 80kWh, пренос кон задните тркала
Моќност: 245 коњски сили
Вртежен Момент: 320 Nm
Менувач: Автоматски, директен
0-100 км/ч: 7.8 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4921 mm
Ширина: 2156 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1491 mm
Тежина: 1953 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2895 mm
Багажен Простор: 466 литри
Автономија: 550 километри според WLTP (комбинирано)
420 километри (измерени)
Цена на тестираниот модел: 50.000 Евра
Повеќе Информации: Mazda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.