Кога пред неколку месеци французите го покажаа новото Clio, фановите и публиката останаа занемени. Clio е ново, поинакво и похрабро – и од денес е во салонот на Renault во Скопје.
Ние веќе имавме можност одблиску да го „ѕирнеме“ новото Clio на саемот на автомобили во Минхен – и сега со задоволство можеме да кажеме дека пристигна и во Македонија. Новото Clio доаѓа со поагресивен дизајн и целосно нова предна маска со навистина храбар и самоуверен лик. Всушност, би рекле дека токму кај Clio – еден од најмалите модели на Renault – се случува кулминацијата на новата дизајнерска насока на францускиот бренд.
На прв контакт, препознаваме дека во кабината е посветено многу внимание на деталите и препознаваме квалитетни и рафинирани материјали, а вграден е и двојниот екран со OpenR Link и интегрирани Google функционалности. Достапни се и до 29 напредни помошни системи за возачот, вклучувајќи го адаптивниот темпомат со интелигентна асистенција и автоматското сопирање во случај на итност.
Македонските купувачи ќе ја имаат на располагање целата гама на погони кои Renault ги нуди кај Clio. Во превод, тоа значи основен мотор во форма на 1-литарски турбо-бензинец со 115 коњски сили кој може да се комбинира со мануелен или автоматски менувач, понатаму тука е LPG ECO-G со 120 коњски сили на самиот врв на понудата е хибридниот E-TECH со 160 коњски сили кој ветува екстремно ниска потрошувачка од само 3.9 литри на 100 изминати километри.
Цените сè уште не се објавени, но ги очекуваме деновиве! Во меѓувреме, можете да го погледнете новото Clio во салонот на Renault во Скопје, или пак да дознаете повеќе на официјалната веб-страница.




















