Ford и Geely ќе соработуваат? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford и Geely ќе соработуваат?

Според гласини кои пристигнуваат од неколку различни места, можно е да се јави подлабока индустриска соработка меѓу Ford и Geely и кинескиот гигант да започне да произведува автомобили во некои од фабриките на Синиот Овал.

Гласините за можна директна соработка меѓу Ford и Geely всушност се директен показател за влијанието на Европските закони за трговија. Според гласините кои веќе се шират на интернет, можно е да се појави посуштинско индустриско партнерство меѓу Geely и Ford, кое во старт би се фокусирало на фабрика на Ford. Се шпекулира дека фокус на разговорите е фабриката на Ford во Валенсија, Шпанија.

Во моментов во Валенсија се произведува Ford Kuga, но не е искористен целиот капацитет на фабриката. Доколку се воведе производство на модели на Geely во фабриката, од една страна Ford би го искористил целиот потенцијал на фабриката без притоа да мора да прави дополнителни инвестиции, а за Geely би се овозможило локално, европско производство, заобиколување на дополнителните давачки кои се наметнати кон возилата од Кина – но и значително побрз пат кон проширување во Европа.

Според познавачите, токму европската регулатива е водечкиот фактор позади дискусиите. Европската Унија воведе дополнителни тарифи за автомобили произведени во Кина, поради наводни субвенции кои производителите ги добиваат од државата. Доколку започне да произведува во ЕУ, Geely ќе ги заобиколи овие дополнителни давачки и ќе ја подобри ценовната компетитивност на своите модели.

Сега за сега нема никакви информации околу тоа кои модели на Geely потенцијално би се произведувале во фабриката на Ford, но со оглед на капацитетот и подготвеноста на тамошниот персонал, не би биле изненадени доколку Geely започне во Валенсија да го произведува плаг-ин хибридниот Starray EM-i. Секако, сега за сега ова се само гласини, но се директен индикатор за промените во автомобилската индустрија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.