Во време кога многу различни автомобили се обидуваат да бидат сè одеднаш, вистинско освежување е кога ќе видиме автомобил со толку добро дефинирана цел – да биде вистински семеен суперхерој!
Кога Opel го воскресна името Frontera, многумина гледаа кон новиот автомобил со некакво осудување. „Ама ова не е Frontera“, врескаа од крововите. „Не смее да се вика Frontera“, извикуваа гласно од зад тастатурите. И обично, тоа се оние кои се плашат од промени и прогрес. Но што е прогресот, ако не промена?
Промените се движечката сила позади еволуцијата, позади растот и позади… прогресот. Без промени, нема одење кон подобро. Без промени, остануваме на она на кое сме биле пред години и години… А сакаме работите да бидат подобри, нели?
И океј, тука се оние кои ќе речат „ама порано беше подобро“. И – повторно – океј, можете така да мислите. Но само заради тоа што нешто е поинакво, не мора да значи дека е полошо. Или погрешно. Едноставно е… поинакво. А штом е поинакво, тогаш треба да биде гледано и со поинакви очи.
И тоа нè носи до Frontera. И всушност до прашањето, што е денес Frontera? Ако зборуваме строго хиерархиски, или пак во контекст на димензии, лесно би било да кажеме дека Frontera е „моделот меѓу Mokka и големиот Grandland“. Но ако разгледаме малку повнимателно, ќе видиме дека Frontera е повеќе замислена да биде модел паралелен на Mokka. Онаму каде Mokka е стилска, урбана и фраерска, Frontera е практична, просторна и семејна. И тоа е Добра Работа.
Всушност, ова не е наш прв контакт со Frontera. Првиот контакт со Frontera го имавме пред точно една година, кога го возевме германскиот SUV на шпанскиот остров Мајорка.
Чист, самоуверен дизајн.
На прв контакт, забележуваме дека дизајнот на Frontera е чист и безвременски. Океј, ова не е дизајн кој ќе ви ја зоврие крвта во жилите, но токму ваквиот пристап резултира со автомобил кој ќе изгледа подеднакво свежо и за неколку години од сега. На предниот дел главниот збор го имаат Vizor маската на Opel и длабокиот преден браник. Интересен модерен детал кој ни се допаѓа е Opel Blitz знакот кој е во црна боја и е интегриран во Vizor маската.
Профилот е изненадувачки мускулест, со исфрлени предни и задни крила. Ни се допаѓа двобојната комбинација ја ја оплеменува надворешноста, а формата сугерира (и со право) дека во кабината има многу, многу простор.
Задниот дел е можеби најконзервативен, но сепак добива заден спојлер и задни светлосни групи на две нивоа.
Сè на сè – Frontera изгледа привлечно. Иако е автомобил со силен фокус на семејната практичност, сепак наметнува самоуверен став, а семејната практичност не резултира со здодевен дизајн. Напротив, Frontera е забавна за гледање!
Кабина замислена за семејна „злоупотреба“.
Океј, а како е внатре? Ја отвораме возачката врата и веднаш препознаваме елементи и решенија од другите модели во портфолиото на Opel.
Веднаш ги забележуваме супер-комфорните седишта со AGR сертификат. Се прилагодуваат во повеќе насоки, па лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција.
Пред возачот се поставени јасни и читки дигитални инструменти, додека на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред преку кој се контролират инфозабавните функционалности. Секако, мултимедијалниот уред доаѓа со Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Особено ќе ги истакнеме и ќе ги пофалиме физичките контроли за клима-уредот!
На централниот гребен се поставени безжичниот полнач за мобилен телефон и селекторот за пренос. И во суштина – тоа е тоа.
Кабината е солидно изработена, со внимание посветено на финалната обработка. Има интересни детали во сиво-сребрена боја кои ја разигруваат атмосферата, а ќе ги пофалиме и материјалите со кои се обвиени седиштата. Некои од пластиките се цврсти, но би рекле дека затоа ќе бидат и издржливи, и ќе ги истрпат предизвиците од семејното користење. Деца, гледаме директно кон вас.
Од друга страна, во кабината има навистина многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа. Всушност, би рекле дека тука Frontera е еден од суперхероите во класата – за сегментот, на два-три прсти се бројат автомобилите кои нудат приближно толку простор. На задната клупа комфорно ќе седат и повисоки патници. Патниците добиваат и два USB-C приклучоци.
Плус, тука е и огромниот и практичен багажник. Преку огромната петта врата се пристапува до багажник со капацитет од 460 литри, односно дури 1600 литри кога ќе ги преклопите задните седишта. Со прилагодливото дно се добива целосно-рамен простор, па лесно ќе пренесете и поголеми предмети. Но навистина – 460 литри! Погледнете!
Супер-ефикасен хибриден погон
Под предниот поклопец се крие добро-познатиот 1.2-литарски хибриден погон на Opel. Погонот комбинира 1.2-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец со мала батерија и електромотор интегриран во менувачот. Сето тоа значи системска моќност од 145 коњски сили и 230 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен автоматски менувач со двојна спојка, а резултат на сето тоа е забрзување до 100 километри на час за рамно 9 секунди и максимални 194 километри на час. Но она кое навистина изненадува (и е одлично за семејниот буџет) е ниската потрошувачка – ние измеривме нешто над 7 литри бензин на 100 километри.
Во вистинскиот свет, хибридниот систем функционира… Незабележително. Маневрирањето се случува на електрична енергија, а слично е и во тргни-застани ситуации кога всушност автомобилите трошат највеќе. Со малку повеќе „учење“ и внимание, лесно се вози на струја дури и во ситуации кога не би очекувале.
Интересно е што погонот секој пат стартува со активен систем за регенеративно сопирање, односно рекуперација на електрична енергија. На прво возење ова може да биде малку чудно за оние кои немаат искуство со хибридни или електрични автомобили, но во овој режим најбрзо и најлесно се полни малата батерија. Бара малку навикнување, не дека не – но сè е во контекст на максималната ефикасност.
Снаодлива низ град, комфорна на автопат
И да, Frontera лесно се снаоѓа во градски услови. Високата возачка позиција овозможува одлична прегледност, а паркирањето го олеснуваат камерите и сензорите. Суспензијата е ориентирана кон комфор, но се препознава влијанието на германските инженери па контролата на каросеријата е одлична дури и кога ќе побарате Малку Повеќе. Но вистината е дека ова не е автомобил кој е замислен и дизајниран да биде притискан – опуштете се и уживајте во комфорот, комфорната суспензија и одличните седишта.
Истовремено, одлучивме да провериме како ќе се снајде и кога ќе снема асфалт, односно дали останале барем малку од гените од онаа, олд-скул Frontera. И да, останале – новата Frontera не е робустен, тежок теренец, но ниту пак се плаши од малку кал и недостаток на асфалт.
Frontera се снаоѓа добро и на автоапт, но ќе напоменеме дека (скоро како и секој друг SUV од сегментот) при повиски автопатски брзини се забележува малку повеќе бучавост во кабината.
Купувачите го препознаваат името, но вредностите се нови
И сè на сè – Frontera си го наоѓа своето место и во портфолиото на Opel, но и на пазарот. Купувачите несомнено го препознаваат името, а оние кои ќе ѝ дадат шанса, ги препознаваат и новите вредности. Frontera има една, многу внимателно и многу прецизно дефинирана цел – да биде семеен суперхерој. Да биде практична, комфорна, ефикасна и забавна. И успева во тоа. Вистински семеен суперхерој!
Спецификации
| Модел: | Opel Frontera 1.2 Hybrid 145 eDCT6 GS |
| Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV |
| Моќност: | 145 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 230 Nm / 1750 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 6 брзини |
| 0-100 км/ч: | 9 секунди |
| Максимална Брзина: | 194 километри на час |
| Должина: | 4385 mm |
| Ширина: | 2020 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1655 mm |
| Тежина: | 1344 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2670 mm |
| Багажен Простор: | 460 – 1600 литри |
| Потрошувачка: | 7.4 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Opel Frontera 1.2 Hybrid 110 eDCT6 Edition – 21.000 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Opel Frontera 1.2 Hybrid 145 eDCT6 GS – 24.700 Евра |
| Повеќе Информации: | Opel.mk |
































































