Релито кое ќе се одржи викендов на 20-ти и 21-ви Септември е во рамките на националниот шампионат во рели со историски возила при Националната Федерација за Историски Возила.
Олдтајмер клубот ВМ Класик е организатор на релито „ВМ Класик Рели – Запад“ кое ќе се одржи викендов, односно на 20-ти и 21-ви Септември 2025. Релито е дел од националниот шампионат во рели со историски возила, а зад него стои Националната Федерација на Историски Возила.
Релито не е класично „тркачко“ рели, туку е во форматот Време-Брзина-Растојание (Time-Speed-Distance, TSD). Овој формат наметнува внимателно и прецизно возење, и учесниците мораат да возат со дефинирана просечна брзина по трасата и да завршат во точен временски интервал за да постигнат најдобро вкупно време.
Стартот на релито е во Скопје, спроти градскиот парк пред канцелариите на Општина Центар (односно пред Ван Гог), а потоа ќе се вози кон Фалише, Тетовско (каде ќе има и изложба на олдајмери) и Маврово за третата етапа да биде во Вевчани каде ќе има уште една изложба на олдтајмери. Учесниците ќе продефилираат и низ Струга и Охрид.
Организаторите напоменуваат дека со оглед на тоа дека се вози по јавни патишта, учесниците ќе ги почитуваат сите сообраќајни прописи и правила од законот за безбедност на патиштата.




