Mini во соработка со лајфстајл брендот Deus ex Machina подготви две специјални и уникатни изведби на John Cooper Works – и со тоа ја слават тркачката историја на брендот и заедничката страст кон моторспортот и персонализацијата.
Mini е забавен бренд, па зашто да не ужива малку повеќе во сопствената креативност? Заедно со Deus ex Machina, Mini ги направи Machina и Skeg, кои се хипер-тркачки, хипер-модификувани верзии на John Cooper Works и добиваат екстремни бодикитови, уникатни кабини и графички елементи кои едноставно ги издвојуваат од сè друго. Имавме можност да ги видиме во Минхен, и резултати се.. Како поинаку да кажеме, освен – спектакуларни!
Machina е тркачката варијанта со широки крила, ретро-инспирирани светла на предниот поклопец, редизајнирана решетка, огромен заден спојлер и голем дифузер. Кабината добива тркачки седишта со тркачки ремени кои се прицврстуваат во пет точки. Добива и специјален управувач, алуминиумски детали и заштитен кафез. Machina добива турбо-бензински мотор.
Од друга страна, Skeg е електричен и оддава почит на сурф-културата. Кај него доминираат графички елементи во сребрена, црна и жолта боја, а голиот фајберглас асоцира кон сурф-даските. Дополнително, добива и проширена каросерија, тркачки тркала, огромен дифузер и грст други додатоци.
За жал, овие уникатни примероци нема да одат во сериско производство, но интересно е да се напомене дека се базирани врз постоечки модели и користат постоечки погони. Machina користи турбо-бензинец кој испорачува 231 коњска сила и 380 Nm вртежен момент, додека електричниот Skeg има на располагање 258 коњски сили и 350 Nm вртежен момент.
Дали ова значи дека мооооожеби ќе видиме барем некакви опции за персонализација на вашето Mini со слични елементи? Од Mini не негираат, така да…






















