Grenadier не е наменет за позерите кои сакаат комфорен SUV со кој ќе глумат дека се некакви авантуристи. Grenadier е наменет за оние кои навистина сакаат да се изгубат.
Пред да зборуваме за Grenadier, мораме малку да зборуваме за неговата историја, односно… Што е всушност Ineos Grenadier?
Ине… Што?
Да да, Ineos. Пред да зборуваме за моделот, ајде да зборуваме малку за брендот. Брендот Ineos Automotive е основан од Sir Jim Ratcliffe (да, има титула) кој е воедно и на чело на интернационалната компанија Ineos, која пак се занимава со хемикалии. Неговата прва идеја била да ги откупи правата и алатите за самиот продолжи да го произведува Land Rover Defender, но откако бил одбиен, тој одлучил самиот да дизајнира и развие сличен автомобил кој ќе биде во духот на стариот Land Rover, но технолошки втемелен во новите времиња.
А името го добил по неговиот омилен паб – The Grenadier во населбата Белгравиа во Лондон. Замислете некој Македонец да направи теренец и да го нарече… Жабарот?
Добро, а што е Grenadier?
Па наједноставно кажано – партнерски проект на Ineos Automotive, Magna Steyr и BMW. Австриската компанија Magna Steyr беше задолжена за инженеринг и развој на Grenadier, додека погоните (3-литарскиот турбодизел или 3-литарскиот турбо-бензинец, како и соодветните менувачки кутии) доаѓаат од BMW.
За време на развојот, поминати се повеќе од 1.8 милиони километри при тестирање, за на крај да се добие едноставно… Незапирлив теренец. Инаку, Grenadier се произведува во темелно-реновирана фабрика во Хамбах, Франција.
Дизајнов ми личи на нешто…
Па иако Grenadier не е директна реплика на Land Rover Defender, Toby Ecuyer кој беше (и сè уште е) главен дизајнер во Ineos не крие дека мисијата на брендот била да направи модерен Defender. И нема ништо погрешно во тоа.
Првиот впечаток од Grenadier е дека е огромен. На предниот дел визуелно доминираат големите светла кои се исфрлени безмалку кон самите рабови на страниците, како и големата централна решетка. Робустниот преден браник и заштитната плоча под него несуптилно кажуваат дека големиот Grenadier едноставно не се шегува.
Профилот е токму онаков каков што и очекуваме – едноставен и со примарен фокус кон теренските предизвици, па дури и кога не е во движење, Grenadier изгледа самоуверено и подготвено.
Панелите се чисти, без непотребни форми и линии, но со вградени панели за прикачување дополнителни компоненти. Веднаш се забележува растојанието од подлогата (кое е цели 264 милиметри), а се забележуваат и едноставните тркала обвиени во теренски пневматици – баш како што треба.
На задниот дел интересни ни се кружните задни светла, но уште поинтересни се резервното тркало (кое има двојна улога и како мало „куферче“ за складирање ситници) и скаличката за пристапување кон кровот.
Интересно решение е заднатаврата, која е (асиметричина и) дводелна и овозможува лесен пристап кон товарниот простор.
Внатре како во тенк
А внатре? Па океј, пристапувањето е малку тешко поради високата линија на прагот, но кога сте внатре веднаш се препознава дека ова е Сериозна Работа. Скоро сите контроли се физички (и големи) за да можат лесно да се користат дури и со ракавици, но истовремено се и јасно обележани за да можете лесно да го најдете прекинувачот кој ви треба.
Меѓу возачот и совозачот има широк гребен на кој се поставени рачката од менувачот и робустната механичка рачка за контролирање на диференцијалите. Плус, со сите тие копчиња и прекинувачи и специфичниот дизајн околу нив се чувствувавме како да сме во тенк. А тоа некако му прилега на огромниот Grenadier.
Простор? Простор има. И тоа навистина многу – и на предните седишта, и на задната клупа. Седиштата се комфорни, големите стаклени површини нудат одличен поглед без разлика каде седите, а во самиот Grenadier се чувствуваме незапирливи.
Не би рекле дека кабината е „фенси“ – бидејќи не е, и не ни треба да биде. Кабината е просторна, практична и функционална. Истовремено, од Ineos самите кажуваат дека кабината е дизајнирана да биде експлоатирана во најекстремни услови и да се валка кога ќе сакате да отидете онаму каде Grenadier е на свој терен – онаму каде нема асфалт.
3-литарски турбодизел од BMW
Под огромниот преден поклопец се крие 3-литарски шест-цилиндерски турбодизел во линија со потекло од BMW. Неговите 245 коњски сили и 550 Nm вртежен момент ги пренесува кон сите четири тркала преку автоматски менувач и неколку диференцијали.
За време на тестирањето измеривме потрошувачка од околу 12 литри дизел на 100 изминати километри, но со огромниот резервоар од 90 литри, автономијата не би требало да претставува ама баш никаков проблем.
И? Како е кога ќе снема асфалт?
И добро, сега веќе можеме да зборуваме за најважното. Каков е Grenadier кога ќе снема асфалт? Па… Едноставно, одберете ја насоката во која сакате да одите и притиснете ја десната педала. И Grenadier ќе ве однесе онаму каде сакате, без никаков приговор.
Управувањето е лесно, возачката позиција е доминантна и исклучително прегледна (освен кон задниот дел, каде видливоста ја попречуваат асиметричните задни врати и големото резервно тркало, но затоа имате камера). Аголот на пристапување е 35.5 степени, аголот на прекршување (преминување) е 28.2 степени, додека аголот на заминување е 36 степени. Истовремено, Grenadier може да помине и низ вода длабока 80 сантиметри.
Перманентниот погон на сите четири тркала безмалку гарантира дека најверојатно нема да се најдете во ситуација од која не можете да се извадите. Тракцијата е беспрекорна, а системот ги користи механичките диференцијали за да ја насочи силата токму онаму каде е потребна и корисна. Плус, имаме мануелна контрола врз заклучувањето на диференцијалите, па едноставно… Нема каде не може. Навистина е толку едноставно.
Од друга страна, Grenadier е голем. Радиусот на вртење е сличен како на прекуокеански транспортер, а управувачот не се враќа самиот кон централната позиција. И поради тоа е добар, односно одличен теренец. Но истовремено, токму затоа кажуваме дека не е за позерите.
Не е за оние кои ќе го паркираат „чист-чистијацкат“ пред локалното кафуле и ќе им се фалат на другарите. Ова вистински теренец кој сака да се извалка и кој ужива во калта. Всушност, Grenadier е еден од оние автомобили кои изгледаат значително подобро кога се „во кал до прозорци“. И го сакаме токму поради тоа.
Позери стоп. Grenadier не е за секого – и тоа е Добра Работа.
Автомобилите како Grenadier не се за секого. Всушност, ова е еден од оние „треба да ти треба“ модели кои заслужуваат посебно место на пазарот. Не глуми дека е луксузен, ниту пак ја крие неговата намена. Grenadier не припаѓа на асфалтот и немојте да го казните со некоја таква погрешна одлука. Grenadier припаѓа онаму каде другите веќе се откажуваат. Едноставно, одберете насока и дајте гас!
Спецификации
| Модел: | Ineos Grenadier 3.0d 245 |
| Мотор: | 3-литарски турбо-бензинец, 6 цилиндри |
| Моќност: | 245 коњски сили / 3250 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 550 Nm / 1250 – 3000 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 9.9 секунди |
| Максимална Брзина: | 160 километри на час |
| Должина: | 4896 mm |
| Ширина: | 2146 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 2036 mm |
| Тежина: | 2740 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2922 mm |
| Багажен Простор: | 1152 – 2035 литри |
| Потрошувачка: | 12.5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на тестираниот модел: | Ineos Grenadier 3.0d 245 – 99.000 Евра |









































































