СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 – Со ПХЕВ на годишен одмор? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 – Со ПХЕВ на годишен одмор?

Неретко аргументите против поседувањето и возење плаг-ин хибридно електрично возило се однесуваат на потрошувачката на отворено. Ние со нашиот плаг-ин хибриден Golf GTE бевме на годишен одмор. Какви се бројките?

Со летото поврзуваме најмалку две работи – високите (или во нашиот случај, превисоките) температури и годишниот одмор. Па ајде да дискутираме малку токму за овие две работи.

Високите температури значат почесто (ако не и постојатно) користење на клима-уредот во нашите автомобили. Како се одразува користењето на клима-уредот на досегот на нашиот плаг-ин хибриден Golf GTE? Со вклучен клима-уред, автономијата се намалува за некаде меѓу 15% и 20%, во зависност од интензитетот со кој таа работи. Со тоа автономијата со полни батерии се намалува од околу 55 километри на околу 45 километри.

Втора работа – годишен одмор. Неретко добиваме коментари дека „ама колата многу троши кога ќе се испразни батеријата“ или пак „ете, ќе се потроши батеријата и тоа е тоа“. Но кои се нашите увидувања?

Дестинацијата е Сарти, на Ситонија, вториот крак на Халкидики. Тргнуваме од Скопје со полн резервоар и уште во град префрламе во Hybrid режим на работа. Зошто? За бензинецот да „поработи“ во град и да биде подготвен и течностите да бидат доволно загреани за повисоки, автопатски брзини. На „одење“ на граница чекавме нешто помалку од два часа, додека на враќање едвај 20-тина минути. Имавме среќа! Кога сме кај среќата, во кампот каде бевме имавме можност навечер да ги полниме батериите на хибридниот Golf.

Одлучивме работите да ги задржиме едноставни, па ќе зборуваме за севкупната потрошувачка на гориво за време на целиот годишен одмор, како и за потрошувачката на враќање.  За време на целиот период поминавме 954 километри и просечната потрошувачка на крајот беше 4.9 литри на 100 изминати километри. Паралелно меревме и каква е автопатската потрошувачка на враќање – поминавме точно 370 километри со индицирана потрошувачка од 6.2 литри бензин на 100 изминати километри, без „влечење“ и со постојано вклучен клима-уред.

За оние кои сакаат малку повеќе податоци – на графиконот подолу можете да го видите дневниот приказ за потрошувачка на гориво односно електрична енергија. На одење просечната потрошувачка била 6 литри на 100 изминати километри, на враќање 6.2 литри на 100 изминати километри. Другите денови, односно локалното возење било целосно на струја, без воопшто да трошиме бензин и во тие денови потрошувачката на струја била некаде меѓу 15 и 20 kWh на 100 изминати километри.

Поврзано:  Шефот за дизајн на Volkswagen ќе го води дизајнот на сите брендови во групацијата

Забелешка која ја имаме? Кај конкретниот автомобил, батериите „јадат“ многу од багажниот простор – плаг-ин хибридниот Golf GTE има багажник со капацитет од само 275 литри, забележителни 100 литри помалку од обичниот Golf 8. Во зависност од тоа како се пакувате, помалиот багажник може да биде навистина проблематичен.

И сега, дали сте и понатаму толку убедени дека хибридите трошат многу на отворено? Секако, и со нашиот Golf GTE наскоро ќе го повториме мерењето Скопје – Охрид – Скопје кое го правевме со плаг-ин хибридните Jeep Compass и Peugeot 308 HYbrid за да можеме да споредиме со нив, но просечни 4.9 литри бензин во текот на целиот годишен одмор не е воопшто лошо, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.