ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Новиот француски кросовер ја дели платформата со веќе-претставениот Citroen C3, но доаѓа со значително поробустен изглед и за прв пат во сегментот нуди опција со седум седишта.

C3 Aircross е особено важен за францускиот производител – супер-практичниот кросовер е вториот-најпродаван модел на брендот и веќе брои стотици илјади задоволни и лојални купувачи. Со оглед на популарноста на овој сегмент во Европа, не е воопшто изненадувачко дека Citroën му посвети многу, многу внимание на новиот C3 Aircross. Однадвор SUV, одвнатре – дневна соба. Храбри зборови.

Citroën ја започна премиерата на новиот C3 Aircross со фактот дека новиот кросовер ја дели платформата со новиот C3, но и дека го дели неговиот дизјанерски идентитет и филозофијата за просторна кабина и врвен комфор. Дополнително, најавуваат дека имаат амбиции да „го размрдаат“ пазарот со компетитивно ценовно позиционирање.

Целосно-новиот C3 Aircross помина низ радикална промена и наметнува целосно нов пристап кон сегментот – не само што добива посамуверен карактер, туку добива и значително повеќе простор во кабината и можност за до седум седишта. Дизајнот е препознатлив – очигледна е семејната врска со C3, но C3 Aircross е уште посамоуверен и би рекле дури, нијанса подинамичен. Спoред Citroën , C3 Aircross е најголем во класата – C3 Aircross е подолг цели 240 милиметри од својот претходник и сега е долг цели 4.29 метри.

Во однос на погон, Citroën најавува гама на бензински, хибридни и електрични опции – и можеме да претпоставиме дека тука се зборува за 1.2-литарскиот PureTech со 100 коњски сили, односно 136 коњски сили во лајт-хибридна варијанта, како и електричниот погон кој беше претставен кај e-C3 кој испорачува 113 коњски сили и автономија до 320 километри. Не би ја исклучиле ниту опцијата C3 Aircross да го добие помоќниот електричен погон кој комбинира батерија со капацитет од 54 kWh и електромотор кој испорачува 156 коњски сили.

За жал, Citroën не објави фотографии од ентериерот на новиот C3 Aircross, но можеме да претпоставиме дека кабината ќе биде слична на онаа кај новиот C3 – а тоа значи иновативни решенија и материјали, како и комфор кој ќе биде на самиот врв во сегментот. Сепак, Citroën се вистински експерти кога станува збор за комфорот во возењето. Повеќе информации ќе имаме наскоро – Citroën најави дека сите детали ќе бидат објавени пред почетокот на летото.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.