Германскиот хечбек по кој името го носи цела една класа на возила токму денес полни 50 години!
На 29-ти Март 1974 – пред точно 50 години – започна сериското производство на Golf, во фабриката на Volkswagen во Wolfsburg. Од Volkswagen самите признаваат – никој не знаеше дека овој компактен автомобил кој беше развиен да биде наследник на легендарната Буба, ќе биде најуспешниот Volkswagen и најпродаваниот европски автомобил во историјата.
Golf го отсликуваше духот на времето, го даде своето име на цела една класа на автомобили и беше верен придружник на генерации и генерации ширум светот. Верувале или не, досега се продадени повеќе од 37 милиони примероци од Golf – а тоа значи дека повеќе од 2000 купувачи купувале Golf, секој ден, изминативе 50 години.
Golf е навистина светски автомобил. Од фабриката во Wolfsburg досега излегоа повеќе од 20 милиони примероци. Останатите 17 милиони примероци се произведени во други фабрики на Volkswagen во Германија, но и во Белгија, Бразил, Кина, Малезија, Мексико, Словачка и Јужна Африка. Истовремено, Golf наметнувал нови стандарди, а технологиите кои биле и се дел од Golf биле типичен пример за прогресивниот германски инженеринг.
Низ 8 генерации, Golf секогаш беше директен сведок на своето време, нудејќи различни погонски опции и нови технологии. Од ефикасни и моќни дизели, до спортски турбо-бензинци, па и електричен и плаг-ин хибриден Golf. Германскиот хечбек секогаш имал една јасна мисија – а тоа е да биде сосем доволно автомбоил за сите животни потреби. Среќен роденден, Volkswagen Golf!