ТЕСТ: Mazda CX-60 E-SKYACTIV PHEV Homurа – Голем, ефикасен и моќен SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda CX-60 E-SKYACTIV PHEV Homurа – Голем, ефикасен и моќен SUV

Веќе добро ја познаваме новата Mazda CX-60, но каква е комбинацијата на големиот SUV со моќен плаг-ин хибриден погон?

Големата Mazda CX-60 еднаш веќе се појави на нашите страници. Тоа беше минатата година, кога го возевме јапонскиот SUV во комбинација со неочекувано големиот, моќен и ефикасен 3.3-литарски турбодизел. Тогаш рековме дека дизелот не е мртов – и сè уште стоиме позади тоа – но кога ни се укажа можност да ја пробаме Mazda CX-60 во комбинација со плаг-ин хибриден погон, со задоволство ја прифативме понудата!

Ефикасен плаг-ин хибриден погон и повеќе од 300 коњски сили!

Плаг-ин хибридната изведба на CX-60 всушност е најмоќната изведба на големиот SUV. Погонот кој се вградува во CX-60 очекувано комбинира бензински мотор со електромотор и батерија.

Бензинецот во равенката е 2.5-литарски атмосферец кој испорачува 192 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 261 Nm вртежен момент, а тој пак соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 175 коњски сили и 270 Nm вртежен момент. Електромоторот се „храни“ од батерија со капацитет од 17.8 kWh, кои овозможуваат официјална автономија од 63 километри на електрична енергија (според WLTP). Ние успеавме да поминеме малку над 50 километри со полни батерии на големиот SUV.

„Вкупната математика“ е особено интересна, бидејќи според официјалните податоци, Mazda CX-60 PHEV располага со вкупно 327 коњски сили од 4000 вртежи во минута и одлични 500 Nm вртежен момент. Сето тоа е доволно за импресивен спринт до 100 километри на час за само 5.8 секунди, како и максимални 200 километри на час.

Истовремено, погонот е исклучително ефикасен. Како што веќе напоменавме, можете да очекувате автономија од околу 50 километри на електрична енергија – сосем доволно за дневните потреби на просечниот возач во Македонија, а кога ќе се испразнат батериите CX-60 PHEV се трансформира во конвенционален хибриден SUV очекувајте потрошувачка која ќе се движи во рамките на 5-6 литри бензин на 100 изминати километри. Вградениот полнач е со моќност од 7.2 kW – па полнењето на батериите трае околу три часа. Дополнително, CX-60 може да се полни и на побрз полнач, со максимална моќост до 22 kW.

Електромоторот лесно го движи јапонскиот SUV низ град, без во ниту еден момент да се почувствувате дека „фали“ нешто. Во оној момент кога ќе побарате повеќе перформанси, едноставно ја притискате педалата за гас до крај, се активира и бензинецот и CX-60 катапултира нанапред.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

CX-60 успешно ја крие масата и компетентно се движи од свиок во свиок.

Изненадувачки, CX-60 успева одлично да ја скрие масата – која како да не надминува два тони. Од свиок во свиок, CX-60 ја менува насоката како некој значително полесен автомобил. Суспензијата успева да го одржи овој SUV рамен, дури и побрзи свиоци, а бидејќи платформата е примарно на заден погон, при поентузијастички наредби кон управувачот, можете да очекувате и контролирано надуправување.

Управувањето е директно и изненадувачки комуникативно. Во Sport режим управувањето станува уште подиректно, а секое притискање на педалата за гас резултира со самоуверено катапултирање нанапред. Управувањето едноставно влева доверба во можностите на големиот CX-60, а спортските афинитети не го нарушуваат комфорот во кабината.

Луксузна и кофморна кабина со многу простор и сите современи технологии

Инаку, ова и понатаму е CX-60 – а тоа значи комфорна и (дури би рекле) луксузна кабина обвиена во квалитетна кожа, многу технологии и играчки, и многу, многу простор. Ни се допаѓа одлуката на инженерите на Mazda да не се претерува со „тач“ деталите, туку повеќето работи да се управуваат преку централно-поставен контролер.

Секако, не се изоставени модерните технологии – пред возачот има јасен и остар хед-ап дисплеј како и 12-инчен дигитален дисплеј за инструментите. На централната конзола е поставен голем, 12.3-инчен мултимедијален дисплеј наменет за инфозабавните функции, навигацијата и поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto, а CX-60 ги добива и напредните системи за асистенција и безбедност кои Mazda ги има во своето портфолио.

И исто како кога ја возевме дизелската Mazda CX-60, ќе истакнеме дека во кабината има многу, многу простор. Благодарение на огромното меѓуоскино растојание од 2870 милиметри, во кабината има многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа. Багажниот простор исто така останува непроменет – отворете ја огромната петта врата и ќе ве пречека капацитет од завидни 570 литри, кои растат на 1726 литри со преклопена задна клупа.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Mazda беше суптилна со своите амбиции… А сега? Сега веќе не е толку суптилна.

Mazda CX-60 едноставно ни се допаѓа. Толку е лесен заклучокот. Ни се допаѓа дизајнот, ни се допаѓа и погонот, ни се допаѓа и квалитетот. Mazda ги прави работите малку поинаку, а токму најмоќниот погон во портфолиото на CX-60 можеби е најинтересниот. Доколку автономијата од 50-тина километри ги задоволува вашите дневни потреби, тогаш ќе уживате во комфорен, рафиниран и современ (и безмалку) електричен SUV. А за сите оние патувања, тука е моќниот бензинец кој едноставно го отстранува стравот од „а каде ќе полнам“.  Mazda одамна суптилно ги покажува своите премиум амбиции – но со CX-60, веќе не го прави тоа толку суптилно.

Спецификации

Модел: ТЕСТ: Mazda CX-60 E-SKYACTIV PHEV Homurа
Мотор: 2.5-литарски атмосферец, 4 цилиндри во линија, MHEV
Моќност: 192 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 261 Nm / 4000 вртежи во минута
Моќност (електромотор): 175 коњски сили
Вртежен Момент (електромотор): 270 Nm
Системска Моќност: 327 коњски сили
Системски Вртежен Момент: 500 Nm
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 5.7 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4745 mm
Ширина: 2134 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1680 mm
Тежина: 2055 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2870 mm
Багажен Простор: 570 – 1726 литри
Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: ТЕСТ: Mazda CX-60 E-SKYACTIV PHEV Homurа – 73.500 Евра
Повеќе Информации: Mazda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.