ПРЕМИЕРА: Audi ги претстави новите Q6 и SQ6 e-tron – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi ги претстави новите Q6 и SQ6 e-tron

Германскиот бренд продолжува да го збогатува електричното портфолио со новите Q6 E-tron и SQ6 E-tron, кои се базирани на PPE платформата и ги делат гените со новиот Porsche Macan.

Новите електрични SUV модели на Audi се поставеин на Premium Platform Electric платформата која е развиена за потребите на премиум и луксузните автомобили во портфолиото на Volkswagen групацијата. Првиот модел поставен на оваа платформа веќе го видовме во форма на новиот, електричен Porsche Macan, а сега и Audi го претстави својот прв PPE модел.

Платформата користи нова литиум-јонска батерија со 12 модули и вкупен капацитет од 100 kWh. Според официјалните информации кои ги објави Audi, ова овозможува автономија до 625 километри. Купувачите на Q6 E-Tron ќе добијат погон на сите четири тркала и 387 коњски сили, кои пак овозможуваат спринт до 100 километри на час за само 5.9 секунди. Оние кои ќе го одберат SQ6 E-tron ќе добијат максимални 517 коњски сили при Launch Control – а со тоа ќе добијат и спринт до 100 километри на час за 4.2 секунди и максимална брзина од 230 километри на час.

Во однос на дизајнот, Q6 и SQ6 E-tron добиваат мускулест визуелен идентитет, со нагласени облини кои ги потенцираат перформансите. Добиваат нови активни дигитални предни светла кои овозоможуваат не само импресивно осветлување, туку преку засебното светло за комуникација, овозможуваат и комуникација со останатите возачи.

Препознаваме и остро, закосено ветробранско стакло и динамична кровна линија. На задниот дел доминираат едноделниот светлосен елемент и задниот спојлер, а во зависност од одбраната конфигурација ќе добиете најмалку 18-инчни, односно 19-инчни тркала. SQ6 E-Tron добива нијанса пониска суспензија, поагресивни браници и странични прагови, понагласен заден спојлер и поголеми тркала, секако.

Поврзано:   Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

Кабината е темелно-дигитална – па огромниот преден екран е всушност комбинација од 11.9-инчен инструмент панел, голем 14.5-инчен инфозабавен дисплеј (изграден врз одличната Android Automotive платформа) и (опционален) 10.9-инчен дисплеј за совозачот. Можете да добиете и надграден хед-ап дисплеј, а можете да нарачате и премиум аудио уред со 22 звучници од Bang & Olufsen. Секако, очекуваме дека материјалите и финишот во кабината ќе бидат беспрекорни.

Продажбата ќе започне во третата четвртина од годинава.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.