ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport – Еден меѓу многуте! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport – Еден меѓу многуте!

Кога пред скоро 10-тина години Toyota го претстави првиот C-HR, наметна нов пристап во сегментот кои многуминаа пробуваа да го реплицираат. Дали сега, со новата, втора генерација на несекојдневниот кросовер, Toyota ќе успее да го направи истото?

Првата генерација на C-HR ни е добро позната. Не само што го возевме несекојдневниот јапонски кросовер во неколку различни погонски изведби, туку го имавме и на долгорочно 3-месечно тестирање каде имавме можност навистина да се увериме во неговите можности и таленти. И да, компактниот C-HR имаше свои компромиси, но на крајот на денот беше препознатлив, забележлив и се издвојуваше меѓу директните (и индиректните) конкуренти.

Сега пред нас е новата, втора генерација на C-HR. Со неа, Toyota кај својот компактен кросовер воведува грст новитети – како од аспект на дизајнот, така и од аспект на погоните и технологиите. Некои работи се нови, некои работи се веќе традиоционални кај Toyota. Да зборуваме за новиот C-HR!

Нова платформа, нови погони, плаг-ин хибридна варијанта

Новиот C-HR е поставен на најновата итерација на Global Architecture платформата на Toyota. GA-C платформата дозволува пристап до најновите технологии кои се дел од портфолиото на јапонскиот гигант, но и пристап до најновите погонски единици кои Toyota ги нуди. Па така, новиот C-HR може да се добие со новиот 1.8-литарски хибрид со 140 коњски сили, или пак со помоќниот 2-литарски хибрид со 197 коњски сили (кој може да се комбинира со погон на предните или на сите четири тркала).

На самиот врв на понудата е новиот 2-литарски плаг-ин хибрид кој ветува автономија од над 60 километри на електрична енергија, но и системски 223 коњски сили! Ова е прв пат C-HR да е достапен со плаг-ин хибриден погон, а Toyota очекува дека не-баш-незначителен процент од купувачите ќе ја одберат токму оваа опција.

2-литарски Performance Hybrid, уверливи перформанси, импресивна економичност

Автомобилот со кој ние поминавме еден викенд е C-HR во динамичната GR Sport варијанта, придвижуван од 2-литарскиот хибрид со 197 коњски сили и AWD-i погон на сите четири тркала, каде задните тркала се придвижувани исклучиво од електромотор.

Оваа конфигурација се покажува како навистина уверлива. 2-литарскиот бензинец испорачува респектабилни 152 коњски сили при 6000 вртежи во минута, но уште поважно – тој соработува со уште два електромотори. Предниот електромотор кој (исто како бензинецот) ја испорачува силата кон предните тркала, нуди дополнителни 113 коњски сили и 206 Nm вртежен момент, додека задниот електромотор кон задните тркала испорачува 43 коњски сили и 84 Nm. Вудуто на Toyota значи вкупна, системска моќност од 197 коњски сили.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Сето тоа резултира со забрзување до 100 километри на час кое трае респектабилни 8.1 секунда, додека максималната брзина е 170 километри на час (или 180 километри на час кај верзијата со погон само на предните тркала). Ова се достигнува и поради новиот пристап нa Toyota кај C-HR – системот дозволува максималниот вртежен момент од сите мотори „во приказната“ да биде испорачан истовремено и „од нула“. Овој пристап Toyota го нарекува Performance Hybrid. И како функционира сето тоа во вистинскиот свет? Би рекле – прилично уверливо. Притиснете ја педалата за гас „до даска“ и по кратко прилагодување на e-CVT менувачот, C-HR неуморно и линеарно забрзува нанапред. Перформансите дури и нè изненадија!

Она што не нè изненади е економичноста. Toyota декларира просечна потрошувачка од 4.6 до 5 литри на 100 изминати километри. Ние измеривме просечна градска потрошувачка од околу 6 литри на 100 изминати километри.

Дизајнерска еволуција

Океј, откако зборувавме за погонот, ајде да зборуваме за дизајнот. На прв поглед, новиот C-HR ја продолжува насокоата која Toyota ја започна со првиот C-HR – но овој пат дизајнот е повеќе во склад со дизајнерската насока на брендот и се препознаваат дизајнерски елементи од други модели од гамата. Би рекле дека C-HR е дизајнерски најблизок од новиот Prius, но препознаваме детали и од електричниот bZ4X.

Дали тоа значи дека C-HR изгубил дел од својот препознатлив визуелен идентитет? Можеби. Намален е ефектот на оној карактеристичен Cab-Rearward дизајн кој беше толку дефинирачки кај минатата генерација и кој правеше C-HR да не наликува на ниту еден друг автомобил.

Но и покрај тоа, C-HR изгледа засебно и современо, особено со C-обликуваните предни светла и двобојната комбинација на каросеријата. Всушност, на предниот дел доминираат големите светла и големата предна маска (која не-толку-суптилно ја нагласува семејната врска со Lexus), додека профилот е јасно „поделен“ благодарение на двобојната комбинација.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Линиите на профилот се комплексни, со конфликтни површини и комбинација од остри агли и течни линии. Секако, свој удел имаат и големите тркала, но и напрчениот заден дел. Дополнително, рачките во вратите кои се вовлекуваат даваат дополнителен визуелен ефект на ексклузивност и рафинираност.

На задниот дел вниманието оди највеќе кон задните светлосни елементи – дискретните, тенки и широки задни светла, како и светлечкото C-HR лого меѓу нив. Во долниот дел има огромен црн пластичен панел кој го разигрува задниот дел и ја разбива монотонијата. Детаљ кој ни се допаѓа? Дводелниот заден спојлер кој не само што изгледа одлично, туку и ја подобрува аеродинамиката.

Детаљ кој не ни се допаѓа? Рачките од вратите кои се вовлекуваат се многу, многу кул, но би сакале да не се покриени кога ќе се отворат – така ќе бидат полесни за користење. Плус, „ударот“ при вовлекување е неочекувано бучен и првиот пат помисливме дека сме удриле во нешто.

Супер-современа кабина

Инаку, кабината на C-HR е супер-современа. Седиштата (особено во оваа GR Sport) варијанта се истовремено и комфорни и спортски, и нудат одлична странична поддршка. Повеќето површини се обвиени во квалитетни материјали кои (согласно имиџот на Toyota) оддаваат чувство како да ќе преживеат и нуклеарна војна.

Инженерите на Toyota посветиле многу внимание за во кабината да биде комфорно, но и сите команди и контроли да бидат јасни и лесни за користење. На управувачот се поставени повеќето контроли кои се секојдневно потребни, а на централниот гребен е поставена малата рачка за контролирање на трансмисијата.

Пред возачот е поставен голем дигитален дисплеј со сите инструменти и информации, додека на централната конзола е поставен новиот 12.3-инчен мултимедијален уред преку кој се контролираат навигацијата и мултимедијалните функционалности. Плус, ќе го пофалиме и одличниот JBL аудио систем со 9 звучници.

Возачот и совозачот ќе уживаат во повеќе од доволно простор. Адекватно е и на задната клупа, но C-HR не е меѓу најпросторните во класата. Големите Ц-столбови малку ја намалуваат прегледноста од задната клупа, но тоа е прифатлива цена за динамичниот дизајн на C-HR.

Багажникот е со капацитет од 364 литри, односно 388 литри кај верзијата со погон на предните тркала. Најмал багажен простор има плаг-ин хибридниот C-HR кој има багажник со капацитет од 310 литри – но таму дел од багажниот простор е искористен за батериите.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Комфорен и уверлив зад управувачот, со нескриена динамичност кога „ќе згусти“

И конечно, по сето ова, како е зад управувачот на C-HR? Со задоволство ќе кажеме дека C-HR во оваа конфигурација потполно ја оправдува GR Sport значката. Управувањето е директно и прецизно, без притоа да биде претешко. Компактниот кросовер лесно ја менува насоката на движење, а вртежниот момент од погонскиот систем гарантира дека динамичниот карактер на C-HR ќе биде оправдан и преку динамичните перформанси.

Суспензијата е нагодена да биде цврста без да биде некомфорна, па C-HR од една страна успева да оди од еден свиок во друг без нагласено навалување, а од друга страна успева да биде комфорен и по нашите, македонски улици.

C-HR никогаш не беше за сите – но оние кои го разбираат, уживаат во фактот дека возат нешто посебно

Сè на сè, Toyota ја продолжува успешната приказна која ја започна со првиот C-HR. Ако првиот C-HR беше храбар (и успешен) обид да се отвори нов сегмент, сега јапонскиот гигант ги користи сите научени лекции и нуди производ кој е темелно посозреан и порафиниран, без притоа да изгуби од карактерот кој е толку многу важен кај ваквите автомобили. C-HR никогаш не беше за сите –  ниту новиот не е – но оние кои ќе го разберат, ќе уживаат во знаењето дека возат нешто навистина посебно.

Спецификации

Модел: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport
Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + 2 електромотори
Моќност: 197 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 202 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 8.1 секунди
Максимална Брзина: 170 километри на час
Должина: 4362 mm
Ширина: 1832 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1558 mm
Тежина: 1520 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 424 литри
Потрошувачка: 6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota C-HR 1.8 Hybrid 2WD Cult – 33.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport – 51.190 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.