BMW не успеа да ги освои срцата на многумина со робустниот дизајн на XM – но од Mansory сметаат дека истиот можат да го подобрат.
Mansory е тјунер на врвни брендови како Porsche, Rolls-Royce или Range Rover и досега има изработено многу карбонски пакети за модели како Lamborghini Aventador, Bentley Continental GT и Mercedes G-Class. Во повеќето случаи, обожавателите и критичарите имаат тенденција отворено да ги критикуваат за нивните дизајни. Како и со останатите проекти на Mansory, кај XM се забележуваат карбонските додатоци кои и овој пат ги има во изобилие.
Страничните карбонски додатоци над тркалата се спојуваат со аголните делови на предниот и задниот браник. На крајот од кровот следи спојлер во истата тематика, а предниот дифузор изгледа прилично смирено за разлика од задниот. Карбонските странични панели се шират малку повеќе од оние кај стандардните верзии на XM и зафаќаат дел од вратите.
Од Mansory велат дека и внатрешноста е целосно приспособлива, иако тоа не го покажаа кај промотивниот автомобил. Останува да видиме како интернет заедницата ќе реагира на нивниот последен тјунинг проект.