ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Toyota го освежи и го надгради уличниот рели-тркач – GR Yaris добива затегнат дизајн, освежена кабина, ревидиран погон со уште повеќе моќ и нов тркачки менувач!

Кога Toyota го лансираше GR Yaris, го претстави и најмоќнот 3-цилиндерски мотор на светот. Сега, со најновите надградби – малиот турбо-бензинец е уште помоќен! Верувале или не, 1.6-литарскиот турбо-бензинец сега испорачува 280 коњски сили и 390 Nm вртежен момент, додека верзиите на домашниот, јапонски пазар располагаат со 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент! Секако, силата и понатаму се пренесува кон сите четири тркала.

Дополнителен важен новитет е новиот 8-брзински автоматски менувач. Toyota го нарекува менувачот Direct Automatic Transmission и системот следи неколку различни параметри во возењето за да може да ги очекува и да ги предвиди барањата на возачот. Системот следи параметри како забрзување или успорување, Г-сензор, брзина, но и како возачот ги користи педалата за гас и педалата за сопирачките – и благодарение на сетот оа, може да очекува кога ќе биде потребно да смени брзина – па менувањето е брзо и агресивно. Од Toyota кажуваат дека системот функционира (и секако дека функционира – на Toyota e!) и овозможува подобри времиња на тркачките патеки.

Секако, измените не се само механички – препознаваме редизајниран преден дел со нов браник и поголеми и позабележителни отвори за воздух. На задниот дел препознаваме редизајнирани задни светлосни елементи кои сега се споени во една целина, а во понудата се воведува и нова сива боја.

Интересен редизајн добива и кабината. Дизајнерите на Toyota кажуваат дека кокпитот на GR Yaris влече инспирација директно од рели-трките и дека е пофокусиран кон возачот – па затоа централната конзола е насочена кон возачот за 15 степени, а инфозабавниот систем е помодерен и преземен од GR Corolla – но поставен е и 5 сантиметри пониско за подобра прегледност кон патот. Поради истата причина е преместен и централниот ретровизор кој сега е поставен повисоко – повторно, за подобра прегледност. Истовремено, напоменуваат дека возачкото седиште е пониско за 25 милиметри, а дека прекинувачот за четирите жмигавци и старт копчето се преместени за да можат полесно да се достигнат кога возачот користи целосен појас кој се врзува во неколку точки.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Сега за сега Toyota не објавува информации околу перформансите, но најави дека ќе претстави две специјални изведби на GR Yaris именувани по двата WRC возачи кои возат за Toyota. Новите Sebastien Ogier Special Edition и Kalle Rovanpera Special Edition се базирани на концептни возила и ќе дебитираат на Rallye Monte-Carlo кое ќе се одржи од 25 до 28 Јануари годинава.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.