Citroën го претстави освеженото e-Berlingo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Citroën го претстави освеженото e-Berlingo!

Во Европа новото e-Berlingo ќе се продава исклучиво со целосно-електричен погон, додека на одредени други пазари ќе се нудат конвенционални бензински и дизел мотори.

Интересно, иако новиот e-C3 (кој ние го видовме на неговата официјална презентација во Франција) е моделот кој Citroën го избра за да го прикаже својот нов дизајнерски јазик, првиот модел кој најверојатно ќе пристигне во салоните со новиот дизајн и новото лого на Citroen е токму е-Berlingo.

Забележуваме целосно-нови предни светла (со три засебни LED елементи) и нова предна маска, но го препознаваме и новото лого на француската марка. Секако, формата на e-Berlingo останува иста – а таа ветува многу простор и многу практичност во кабината. Од Citroën гордо кажуваат дека e-Berlingo ќе може да се добие во пет различни и привлечни бои – Kiana Blue, Sirkka Green, Kaolin White, Perla Nera Black и Steel Gray. На купувачите ќе им бидат достапни и тркала со дијаметар од 16 и 17 инчи, како и кровни шини.

Секако, освежувањата не се само на екстериерот – многу внимание е посветено на кабината која за прв пат ги добива Citroen Advanced Comfort седиштата. Вториот ред има три засебни седишта, додека е-Berlingo XL добива и две седишта во третиот ред. Освежениот e-Berlingo добива и грст нови, напредни технологии – тука е најновиот My Citroen Play со 10-инчен мултимедијален уред со Apple Carplay и Android Auto поврзување, како и 10-инчен дигитален инструмент-панел, безжичен полнач и дури 18 различни системи за асистенција и безбедност.

Инаку, e-Berlingo е придвижуван од електромотор со моќност од 136 коњски сили, кој пак се напојува од батерија со капацитет од 50 kWh. Citroen очекува дека на WLTP тестирањата е-Berlingo ќе успее да помине до 320 километри, односно 20% повеќе од досегашниот електричен модел. Во зависност од моќноста на полначот, e-Berlingo се полни од 0 до 80% за само 30 минути (доколку полните на DC полнач со моќност од 100 kW), односно за 7.5 часа со 7.4 kW домашен полнач или 5 часа со 11 kW AC полнач.

Истовремено, Citroën ги препозна трендовите и барањата на купувачите па во Европа e-Berlingo ќе се добива исклучиво како целосно-електричен автомобил, додека на други пазари (меѓу кои најверојатно и нашиот) ќе може да сe добие со BlueHDi турбодизел со 90, 100 или 130 коњски сили, или пак со PureTech турбо-бензинец со 110 или 130 коњски сили.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.