Citroën за CARclub.mk – C3 е многу важен автомобил за нас, не смееме да не успееме! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Citroën за CARclub.mk – C3 е многу важен автомобил за нас, не смееме да не успееме!

На неодамнешната премиера на новиот ë-C3 имавме можност да разговараме со луѓето кои се на самиот врв на францускиот бренд и да дознаеме повеќе за новиот автомобил, но и за плановите и амбициите на Citroën.

Можностите да седнеме „на маса“ со луѓе кои се на самиот врв на еден производител на автомобили се навистина ретки – но на неодамнешната премиера на електричниот e-C3 ја имавме токму таа можност. Ја искористивме шансата да разговараме со Federico Goyret кој сега е на чело на одделот за маркетинг и односи со јавност во Citroën, Laurence Hansen која е на чело на одделот за стратегии и планирање, Pierre Leclercq кој е главен дизајнер во Citroën, но и со новиот главен извршен директор на Citroën – Thierry Koskas.

CARclub: Каков е предизвикот да претставите достапно електрично возило, без луѓето да претпостават дека е евтино?

Federico Goyret: Поставувате навистина важно прашање. Автомобилот не е евтин. Евтин значи дека нема функционалности, или пак да се прифати такво позиционирање. Но не го правиме тоа. Погледнете ја Европа и позиционирањето на автомобилот – автомобилот не е евтин, но автомобилот е достапен. Кога кажуваме дека автомобилот е направен да трае – тој едноставно не е евтин.

CARclub: И самите рековте дека има конкуренција која доаѓа од далечниот исток која е поевтина и како да има натпревар да се понуди што е можно подостапно возило. Го гледаме тоа во вестите периодов – одредени Кинески производители добиваат локални субвенции, па тука е предизвикот да се произведе достапно возило без да се чувствува дека е евтино – ви требаат добри материјали, треба звукот при затворање на вратата да е добар. Дали тука има предизвик?

Federico Goyret: Секако – и еве го примерот. Едно е кога нешто е со ниска цена, но друго е кога нешто е паметно. Ние не седнавме со тимот да ги бараме најниските цени од добавувачите. Ова почна пред четири години – паметниот инженеринг, добрите преговори, наоѓање нови добавувачи и нови решенија. На пример, хед-ап дисплејот – обично, ваквото решение дуплира информации, а тука ги прикажуваме само еднаш. На такви работи штедиме, без да тргнеме функционалности кои купувачот ги сака, без да биде евтино. Или поврзувањето со вашиот мобилен телефон – со самото поврзување, на пример, веќе работат контролите на управувачот. Не е само место за телефонот – туку навистина го користиме.

CARclub: Беше навистина одлично изненадување дека се обидовте да го скриете C3 со конвенционален мотор тука пред објектот. Ви благодариме! Но нашето прашање е – кои се главните конкуренти со кои го споредувавте E-C3?

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Laurence Hansen: Вашето прашање е интересно – но работата е дека планирањето продукт е долг процес, трае 5-6-7 години. Ако само ја гледаме конкуренцијата, не можеме да направиме нов автомобил. Конкурент се мејнстрим брендовите, но како што гледате – во изминатите неколку години пазарот се смени. Имаме брендови кои го потресоа пазарот – прво од Кина, но и локални брендови. Нашата задача е да го увериме сопственикот на тековниот C3 дека имаме нешто ново, но исто така дека имаме и оружје да се бориме со конкуренцијата кои агресивно настапуваат со цени.

Понатаму, имаме одлично мејнстрим возило наменето за мејнстрим пазарот, со вистинските функционалности и можности, со вистинскиот комфор и дизајн – и тоа и во двете верзии. Имаме возило кое ќе ги задоволи купувачите. На пример, верзијата со автономија од 200 километри може да биде совршената алатка за транспорт до и од работа за многумина. Додека возилото со поголема автономија може да биде идеалното за семејства со едно или две деца, кои сакаат да преминат на електрично возило, но по истата цена на нивното моментално возило со мотор на внатрешно согорување. Всушност, тука веќе не зборуваме само за возилото, туку зборуваме за купувачите.

Во Citroën кога препознаваме проблем, бараме да најдеме ново решение. Не зборуваме за конвенционалните работи, туку сакаме нетрадиционално да ги решиме проблемите. Не е само ние да понудиме нешто, туку гледаме што купувачот бара. Особено во контекст на новите цени и кога луѓето имаат сè помал буџет за нивната мобилност. Во Европа лимитот е околу 25.000 Евра. Порано се гледаше само на месечните рати, но сега кога каматите се повисоки – повисоки се и месечните рати, па нашата цел беше 25.000 Евра. Сега предизвикот е да се препознае што навистина му треба на купувачот. Многу од купувачите прашуваат – „Зошто ми е толкав екран? Имам телефон, таму ми е навигацијата, музиката… Ако можам, нема да платам за 2-3-4 исти работи.“ Затоа ги слушавме купувачите за нивните потреби и навики на користење – купувачите на Citroën кажуваат дека сакаат партнер во животот. Затоа и инспирацијата за ентериерот е да се чувствувате како дома.

Истовремено, сакаме да ги едуцираме нашите купувачи – да им кажеме дека не е само автомобилот туку и целата лепеза на сервиси околу него. Планирањето рути, планирањето полнење, итн – сето тоа е дел од искуството.

CARclub: Индустријата бутка кон поголеми батерии поради страв од кратката автономија. Колку беше лесно или тешко да се одбере полесна батерија која ја подобрува ефикасноста?

Laurence Hansen: Тоа беше лично убедување, но и убедување на компанијата. Го видовте Oli? Тоа беше концептен автомобил, водечка светлина. Не е нешто што ќе стигне во вистинскиот свет, но одлучивме дека ќе го искористиме Oli како изјава за нас како бренд, против светот. Не можете да ги замислите перформансите кои ги добивме со овој автомобил. Истовремено, луѓето беа заинтересирани и подготвени да слушаат. Да, ќе биде потребно време тоа да се случи и ќе се навратам дека се потребни 5-6-7 години продукт да стане реалност – но луѓето се сега подготвени да направат компромис, прво поради тоа што нема големи финански ограничувања, а истовремено ги гледаат ефектите на климатските промени. Сите имаме деца или ќе имаме деца и не можеме да кажеме дека климатските промени не постојат. Луѓето се позрели на таа тема и поподготвени да слушнат друг, поинаков глас кој ќе ги предизвика постоечките стандарди.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 - Француска револуција!

CARclub: Добро е да ве видиме пак, минатиот пат се видовме на лансирањето на C4 X во Истанбул. Многу слушаме за цената и правење на електричната мобилност да биде достапна. Бидејќи вие сте одговорни за дизајнот – како достапноста влијае на дизајнот или како дизајнот влијае на достапноста?

Pierre Leclercq: Тоа е навистина тежок процес, бидејќи многумина ќе прашаат зошто ни треба ова или зошто ни треба она – но на крајот на денот, не сакаме автомобил кој изгледа евтино. Одличен пример е хед-ап дисплејот за кој веќе зборувавме. Сакавме да ги напуштиме класичните инструменти и да проектираме на стакло, но постојат регулативи кои кажуваат дека доколку возите позади бел камион, не ги гледате информациите – па затоа имаме информации како на ветробранското стакло, така и на инструментите. Затоа автомобилите кои имаат хед-ап дисплеј имаат два екрани на кои ги прикажуваат информациите. Малку е глупаво кога ќе помислите – па ако немате доволно пари за двата екрани, морате да размислувате поинаку. Затоа баравме начин како да ги прикажеме информациите – и успеавме да го развиеме овој хед-ап дисплеј.

CARclub: Сите автомобили ќе имаат само еден екран, нели?

Pierre Leclercq: Да, да! И убавината е дека технологијата дозволува незабележлива интеграција на површината на која се проектираат и не се забележува никаква разлика. Сè е навистина убаво интегрирано, и ова е навистина одличен пример за нашиот пристап.

CARclub: Со новиот Е-C3 откривте нов дизајнерски јазик кој е целосно нов – C3 не изгледа како ништо друго во вашето портфолио. Најверојатно можеме да претпоставиме дека идните автомобили ќе го прифатат овој дизајнерски јазик и кој е вашиот омилен дел од дизајнот, на што се гордеете највеќе?

Pierre Leclercq: Одлични прашања! Да, идните автомобили ќе бидат лесно-поврзливи со дизајнот на E-C3. Не само логото, туку и формите, ентериерот, седиштата – сето тоа ќе еволуира и ќе создаде едно цело семејство на модели. Мојот омилен детал? Најверојатно предните светла. Зошто? Затоа што сакавме светла кои се целосно-вертикални, не динамични. Сакавме да се издвоиме од другите брендови во рамките на Stellantis и беше тешко да „се убедиме“ во рамките на групата. Но кога го видовме финалниот продукт во сериско производство, бидејќи не изгледа како никој друг светлосен потпис – навистина е препознатливо за автомобилот. Ако искористевме нешто друго, немаше да биде толку иконско и препознатливо.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

CARclub: Како дизајнер, дали уживате во слободата која Ви ја даваат електричните автомобили? Не само за овој автомобил, туку за дизајнот општо.

Pierre Leclercq: Има толку многу работи кои се случуваат во автомобилската индустрија. Регулативите, стандардите, енергиите… Сето ова ги комплицира работите – пред 10 години беше полесно да се дизајнираат автомобили. Но таква е реалноста денес и јас личн ова го гледам како огромна шанса. Кога правиме автомобил кој е исклучиво електричен, тогаш имаме повеќе слобода. Кога дизајнираме автомобил кој работи на повеќе различни погони – тогаш имате неколку фиксни цврсти точки, но тоа е во ред. Ако сите работиме само на електрична архитектура, тогаш ќе го искористиме просторот кој се користи за мотори и дополнителни компоненти и ќе понудиме нешто сосем различно.

CARclub: C3 е првиот автомобил кој го лансирате како Главен Извршен Директор на Citroën, нели?

Thierry Koskas: Да, верувам дека е така. Тоа е првото претставување.

CARclub: Тоа е навистина важен автомобил и доаѓа со многу одговорности. Кои се предизвиците позади лансирањто толку важен автомобил?

Thierry Koskas: C3 е 40% од продажбата на патничките возила – и очигледно кога обновувате блокбастер има многу одговорност. Кога ќе лансирате ваков автомобил првата година продажбата е одлична, па потоа постепено се намалува. Ќе го освежите дизајнот и продолжува продажбата. Интересно со тековниот C3 е дека продажбата не се намали низ годините бидејќи автомобилот е толку добро дизајниран и после 6 години има уште сексапил. Кога обновувате блокбастер како C3 не смеете да не успеете, очигледно. Мораме да бидеме сигурни дека сè е „погодено“. Но самоуверени сме бидејќи дизајнот е одличен, пакувањето е одлично – опремата и слично – и цената е одлична. На крајот на денот, кога зборуваме со продавачите – тоа само ни дава самодоверба бидејќи тие контактираат со купувачите и тие знаат што ќе се продава најдобро. Одговорноста е голема и се надевам дека нема да биде последен автомобил кој ќе го претставам. Одговорноста е огромна!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.