Kia станува сериозен електричен играч – претстави еден нов електричен модел и два концепти на првиот EV Day – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Kia станува сериозен електричен играч – претстави еден нов електричен модел и два концепти на првиот EV Day

Kia го искористи својот прв EV Day за да претстави еден целосно-нов електричен автомобил, но и два концепти кои се блиску до сериско производство. Со EV Day – кој во иднина ќе се одржува секоја година – Kia планира да ја доближи својата електрична стратегија до глобалните купувачи.

Kia планира значително и брзо да ја зголеми својата понуда на електрични возила. Визијата која Kia ја нарекува EVs for All (Електрични возила за сите) ќе му помогне на јужнокорејскиот бренд да продолжи да расте во сегментот на електрични возила и откако се постави како електричен бренд со одличните EV6 (кој веќе пристигна и во Македонија) и EV9 , сега ја зголемува својата понуда со три нови електрични модели.

На првиот EV Day дебитираше новиот EV5 – компактен електричен SUV наменет за модерните фамилии. Истовремено, Kia ја искористи можноста да претстави два нови концептни м одели – Concept EV3 кој има за цел да ги пренесе талентите на големиот EV9 во значително помал, компактен SUV, како и Concept EV4 кој одново дефинира што може да понуди електричен седан со супер-напреден визуелен идентитет. Истовремено, преку својата стратегија, Kia сака да ги подобри задоволството на купувачите и доверливоста на автомобилите, но и да помогне да се надминат одредени предрасуди и грижи – како на пример инфраструктурата за полнење.

Инаку, стратегијата на Kia се концентрира на зголемување на електричната понуда и подобрување на инфраструктурата за полнење со цел електричните возила да станат достапни и корисни за што е можно повеќе купувачи. Според најавеното, електричните возила на Kia ќе чинат меѓу 30.000 и 80.000 Долари. Kia планира да ја зголеми понудата во Б и Ц сегментите и да воведе и помали електрични возила со цена од 35.000 до 50.000 Долари. На пазари каде подемот на електрични возила е сè уште во тек на почетокот ќе се концентрираат на EV6 и EV9 за понатаму да ги воведат и другите модели.

EV5 би требало да биде новиот бест-селер од електричната понуда на Kia. Димензиониран да биде помал од EV6, но со дизајнерски линии од големиот EV9, новиот компактен SUV ќе се нуди со неколку погонски опции и неколку различни конфигурации за седење. Ќе може да се добие во Standard, Long Range и Long Range AWD погонски конфигурации. Иако е поставен на E-GMP платформата, EV5 е примарно со погон на предните тркала.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Стандардната конфигурација доаѓа со батерија од 65 kWh, додека Long Range опциите добиваат батерија со капацитет од 84 kWh. Во зависност од конфигурацијата, се очекува автономија меѓу 530 и 720 километри со полни батерии.

Со претставувањето на EV4 Concept, Kia ја пренесува својата визија за електричен наследник на Stinger и Stinger GT. Според главниот дизајнер на Kia – Karim Habib – EV4 Concept има храбар, неочекуван дизајн кој е фокусиран на перформансите и визуелниот импакт. Сепак, EV4 не е конвенционален седан – растојанието од подлогата е поблиско до кросовер отколку до конвенционален седан, но дизајнот е нагласено динамичен со силни пропорции, нагласени агли и LED елементи.

Интересно, задниот дел е дизјаниран да биде со петта врата (како Stinger) – со што значително се подобрува практичноста. Во кабината многу внимание е посветено на подобрување на просторната понуда и фокусирање кон возачот – дури и контролите за клима уредот се кријат кога не се потребни.

Конечно, Kia го претстави и EV3 Concept за кој најавуваат дека е „решение за електрична микро-мобилност“. Малиот електричен автомобил добива V2L (Vehicle-To-Load) систем кој овозможува и други уреди да се напојуваат од него – и во суштина се трансформира во огромна мобилна батерија. EV3 Concept – исто како и EV5 – влече инспирација од EV9, но повторно – во уште помало пакување. Според најавеното, би требало да биде со слични димензии како Niro, но нема да биде замена за него. Сега за сега нема информации ниту за батериите ниту за погонот, но очекуваме серискиот EV3 да ги искористи сите придобивки од E-GMP платформата.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Kia станува сериозен играч на електричниот пазар. Јужнокорејскиот гигант го користи сето искуство кое го изгради со своите постоечки електрични модели за со еден огромен чекор неколкукратно да ја зголеми својата електрична понуда – а тоа зборува многу за храброста и самодовербата на Kia, но и за вербата која ја имаат во новите модели. Со нетрпение ги очекуваме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.