Теренска авантура со SSangYong и Аутомакедонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Теренска авантура со SSangYong и Аутомакедонија

Нашите пријатели од Аутомакедонија нѐ поканија да бидеме дел од теренска презентација на моделите на SSangYong, но и да го одбележиме стартот на продажбата на електричното Korando во Македонија!

Презентациите на нови модели – особено кога имаме можност да повозиме, видиме и направиме нешто несекојдневно – секогаш се интересни. Нашите домаќини од Аутомакедонија одлучија да ни презентираат добар дел од гамата на корејскиот производител SSangYong, а вистинско изненадување беше и електричниот Korando кој пристигна и на нашиот пазар.

Но освен електричниот Korando, што е тука несекојдневно? Дестинацијата! Заедно со Korando, Korando E-Motion и големиот Musso се упативме кон Барово, во близина на Кавадарци.

Стартуваме од салонот на Аутомакедонија во Скопје, каде го имавме првиот контакт со новиот Musso и електричниот Korando E-Motion. Конвенционалниот Korando веќе го познаваме – го возевме пред неколку години – но сега се запознаваме со освежениот Korando опремен со турбо-бензински мотор достапен во две верзии – со автоматски менувач и погон на сите четири тркала, но и со погон на предните тркала и мануелен менувач.

Се упатуваме кон Барово и на неколку локации го менуваме автомобилот кој го возиме. Од Korando со мануелен менувач се префрламе во големиот Musso, па оттаму одиме во Korando со автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Корејскиот SUV Korando одлично се снаоѓа на македонските патишта а турбо-бензинецот работи исклучитлно мазно и рафинирано. Од друга страна пак, изненадува рафинираноста на отворен пат на големиот, робустен и – искрено – теренски Musso.

Пристигнуваме во Барово каде нè пречекува сосем поинаква атмосфера. Вински полиња, чист воздух и прекрасна природа. Домаќините од Барово нѐ пречекуваат со вкусно мезе и ладно вино, но тука сме за нешто друго. Што друго? Теренската авантура, каде Musso и Korando со погон на сите четири тркала се во вистинско светло.

Грубата подлога, длабоките и мокри калливи премини и теренските препреки не се никаков предизвик за корејските теренци. Musso како да лебди над сето тоа, а неговиот 2.2-литарски турбодизел во комбинација со погонот на сите четири тркала овозможува непречено надминување на сите овие „ситни“ препреки.

Поврзано:   ТЕСТ: SsangYong Torres 1.5 T-GDI AT6 FWD Forest Edition - Ново име и нов пристап за корејскиот производител

По кратка пауза за воздишка, тргнуваме назад кон Скопје. Сега сме зад управувачот на електричниот Korando E-Motion. Електричниот погон лесно го совладува нерамниот пат од Барово до Кавадарци а потоа тивко и комфорно се возиме по автопат кон Скопје. Корејскиот електричен SUV помина повеќе од 300 километри со полни батерии без никаков проблем. Во ред, во Скопје пристигнавме со индицирани 9 километри преостаната автономија – но стигнавме, а притоа возевме со нормална автопатска брзина и со цело време вклучен клима уред!

Првото запознавање со Musso и новите верзии на Korando само ни го разбудија апетитот за повеќе теренски авантури! Наскоро ќе имаме можност да ги тестираме новите модели на SSangYong па ќе ги пренесеме нашите впечатоци!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.