ПРЕМИЕРА: Fiat 600e е електричен, шармантен и супер-италијански! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Fiat 600e е електричен, шармантен и супер-италијански!

Со новиот целосно-електричен 600e, Fiat се поставува во самото срце на супер-популарниот Б-сегмент.

Како од Fiat го опишуваат новиот 600e? Кажуваат дека „идеалното решение за вљубениците во градот и ентузијастите за отворениот простор, и е совршеното отелотворување на италијанскиост стил и одржливоста“. Понатаму, додаваат дека 600е е „кул и убав, со дарежливи домензии и доволно простор за петмина, врвна практичност и електрична автономија од повеќе од 400 километри во комбинирани услови односно 600 километри во град“.

Големи ветувања, но ајде да почнеме од самиот почеток. На прв поглед, 600e е очигледна и препознатлива еволуција на дизајнот кој дебитираше кај одичниот 500е, со соодветни карактеристики препознатливи за градски кросовер. Предните светла имаат кружна форма, но горниот дел е дел од предниот поклопец. Под светлата гордо стои значката 600, додека во браникот забележуваме „насмеани“ отвори за воздух. Профилот е карактеристичен за кросовер и тука се препознава поврзаноста меѓу веќе пензионираниот 500Х и новиот 600е, додека на задниот дел вниманието оди кон скапоцените задни светлосни елементи и дискретниот заден спојлер. Сè на сè – би рекле дека дизајнот е успешен, особено со оглед на успехот на 500е.

Кабината е супер-модерна и дигитализирана, но со препознатлив италијански ретро шмек. Конзолата пред возачот и совозачот е заоблена и панелот со инструменти е во кружно куќиште, но инструментите се дигитални и се прикажуваат на 7-инчен дигитален екран, додека на централната конзола е поставен голем 10.25-инчен екран за мултимедијалниот уред и многу од функционалностите.

Секако, овој уред е прилагодлив според желбите на корисникот и доаѓа со навигација, но и целосно поврзување со Android Auto и Apple CarPlay. Меѓу другото, 600е ги добива и сите системи за активна и пасивна безбедност, автономно сопирање, 360-степенски сензори и широкоаголна задна камера и многу, многу повеќе.

Поврзано:   Луѓето ја сакаат Fiat Panda - Fiat им го дава на луѓето она кое го сакаат!

Задолжен за задвижување на 600е е електромотор со моќност од 115 kW односно 156 коњски сили, додека батеријата е со капацитет од 54 kWh. Според Fiat (и WLTP мерењата) ова му овозможува на 600е да има автономија од 400 километри на струја во комбинирани услови, односно дури 600 километри во урбано возење.

На AC полнач полнењето е со максимална моќност од 11 kW, додека со пристап до брз DC полнач 600е ќе може да се полни со максимална моќност од 100 kW, што ќе овозможи полнење на батеријата до 80% за помалку од половина час. Секако, Fiat ќе понуди и конвенционален погон – најавено е дека до средината на следната година во понудата ќе биде додаден и хибриден погон.

Инаку, на самиот старт ќе се нудат две специјални изведби на 600е – врвната La Prima и подостапната RED верзија. La Prima ќе доаѓа со сета можна опрема за да може да понуди максимален комфор и „италијанско Долче Вита искуство“ и ќе се нуди во четири бои – Sun of Italy, Sea of Italy, Earth of Italy и Sky of Italy. RED верзијата претставува подостапна верзија и е чекор понатаму во соработаката со организацијата (RED) која прави партнерства со глобални брендови за да може да се бори против глобални здравствени кризи. Оваа верзија ќе биде во црвена боја (очигледно), но црвената боја ќе доминира и во кабината.

Нарачките за 600e ќе започнат на 5ти Јули а првите примероци ќе пристигнат на италијанскиот пазар веќе во Септември. Пристигнувањето на другите пазари ширум Европа се очекува до крајот на оваа година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.