Volkswagen го откри ентериерот на новиот Tiguan – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen го откри ентериерот на новиот Tiguan

Volkswagen откри како ќе изгледа кабината на новиот Tiguan, но ги потврди и погонските опции кои ќе бидат достапни кај новиот SUV.

Новиот Tiguan ќе биде поставен на MQB Evo платформатa на Volkswagen. Третата генерација на популарниот SUV ќе биде долга 4551 милиметар, широка 1939 милиметри и висока 1630 милиметри – а сето тоа значи дека новата генерација ќе биде нијанса поголема во сите насоки.

На европскиот пазар Tiguan ќе се нуди со лајт-хибридниот 1.5 eTSI турбо-бензинец, како и поголемиот 2-литарски TSI. Ќе биде достапен и 2-литарскиот TDI во неколку различни конфигурации, а ќе бидат достапни и две eHybrid плаг-ин хибридни опции. Сега за сега немаме информации за врвниот Tiguan R (кој исто така очекуваме да биде плаг-ин хибриден), но Volkswagen потврди дека двете плаг-ин хибридни верзии ќе нудат 204 одноно 272 коњски сили. Според Volkswagen, овие две верзии ќе имаат батерија со капацитет од 18.5 kWh и ќе можат да поминат до 100 километри со полна батерија.

Без разлика кој погон ќе го одберете, Tiguan ќе доаѓа само со DSG автоматски менувач.

Покрај погонските опции, Volkswagen ни го откри и ентериерот на новиот Tiguan. Да, фотографиите се од пред-продукциски прототип – но тоа е тоа. Во кабината главното внимание оди кон 15-инчниот екран за инфозабавниот уред, но од Volkswagen напоменуваат дека фидбек од корисниците е користен при развивање на новиот оперативен систем. Инфозабавниот уред може да се контролира и преку „тркалце“ поставено на централната конзола меѓу возачот и совозачот. Забележуваме и дека на управувачот има нормални, физички копчиња, но и дека рачката за менувачот е поставена зад управувачот а не меѓу возачот и совозачот.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили!

Новиот Tiguan ќе пристигне на пазарот на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.