CARclub на 24 Часа Le Mans 2023 – Круната на автомобилскиот моторспорт, одблиску! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARclub на 24 Часа Le Mans 2023 – Круната на автомобилскиот моторспорт, одблиску!

Оваа година 24 Часа Ле Ман ја прославуваше својата стогодишнина, а на покана на Еуроимпекс и Peugeot ние имавме можност да бидеме „на лице место“ за овој јубилеј.

Наместо овој текст да биде само една репортажа за трка, одлучивме да биде малку поинаков. Одлучивме да зборуваме за емоциите, за еуфоријата, за автомобилите и за публиката. Бидејќи ако не се спомне сето тоа, нема да се оддаде почит онаму каде е навистина заслужена.

Постојат трки и трки. Постојат настани и настани. 24 Часа Ле Ман е од овие вторите трки и настани. Приказната започнува во 1923-та година – пред точно 100 години – и трката била замислена како платформа да се тестираат и да се докажат перформансите и издржливоста на тогашните автомобили. Да, секој автомобил може да се трка – но не секој автомобил може да ја издржи тортурата низ која се поминува кога еден автомобил се трка 24 часа!

Низ годините (односно декадите), токму Le Mans наметнува еден поинаков пристап кон автомобилскиот моторспорт. Токму Le Mans наметнува подобрувања на аеродинамиката на возилата и ефикасноста на моторите. Токму Le Mans наметнува пристап каде освен перформансите на возилата и талентот на возачите, огромна улога игра и стратегијата на тимот и подготвеноста на сите кои се вклучени во „танцот“ наречен 24 Часа Ле Ман.

По патувачка авантура која одлучивме да ја наречеме „Низ Половина Европа за 24 часа“, тука сме и ние. Тука сме на покана на македонската компанија Еуроимпекс која е застапник за Peugeot за Македонија, Србија, Албанија, Косово и Црна Гора, но и на покана на Peugeot TotalEnergies тимот кој се натпреваруваше на овогодинешниот Le Mans со нивниот хибриден Peugeot 9X8.

Автомобилот на Peugeot е несекојдневен. Поинаков. Тимовите имаат ограничување колку аеродинамичен може да биде секој автомобил, но Peugeot 9X8 го постигнува тоа без огромен заден спојлер. Аеро елементите околу, под и над автомобилот прават тој да ја има целата потисна сила која е потребно, а притоа да изгледа… Елегантно и достоинствено. Плус, предните светла и вертикални LED елементи на предниот и задниот дел го прават да биде лесно препознатлив меѓу неговите конкуренти.

Одењето на Ле Ман е своевиден аџилак за секој вљубеник во автомобилите и автомобилскиот моторспорт. Луѓето тука се водени од една единствена цел – да уживаат во и да бидат дел од прославата наречена 100 Години Ле Ман. Со првото стапнување во округот се менува атмосферата и се чувствува пријателство меѓу сите присутни. Првото стапнување на светиот асфалт на Circuit de la Sarthe едноставно извлекува емотивна рекација за која е тешко да се најдат зборови да се опише.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

На ден пред трката, подготовките се во тек. Од една страна тимовите се зафатени со финалните нагодувања на автомобилите, финалните тестирања и финалните одлуки околу стратегиите за следниот ден. Од другата страна, атмосферата ја подигнуваат и ја одржуваат активностите околу трката.

Секој тим има свој изложбен простор каде ги презентира своите технолошки достигнувања и својот бренд, продава своја гардероба и ги привлекува верните фанови. Peugeot во соработка со Lego започнува еден храбар проект – за 24 часа ќе направат Lego верзија од тркачкиот 9X8, и тоа во реална големина – и од ова ќе објавиме посебна галерија, толку е фраерски! Пред почетокот на трката седнуваме со Линда Џексон (главната извршна директорка на Peugeot) и тимот, како и возачите. Возилото со број 93 ќе го возат Paul Di Resta, Mikkel Jensen и Jean-Eric Vergne, а возилото со број 94 ќе го возат James Rossiter, Gustavo Menezes и Loïc Duval.

Со нив зборуваме за автомобилот, за тимот, за предизвиците и стратегиите. Возачите и тимот се сериозни, но истовремено и опуштени. Настапуваат амбициозно, но и искрено – ова е прв настап на Le Mans на Peugeot 9×8 и главната цел е и двата автомобили да ја завршат трката. Сè повеќе од тоа е дополнителен успех!

Истовремено, во рамките на настанот работат барови, продавници и ресторани. Има забава како за помали, така и за поголеми деца. Тука е дури и аукциската куќа RM Sotheby’s која за време на наддавањата успеа да продаде автомобили во вредност од неколку милиони Евра, но и знаме за старт на Ле Ман од 1965-тата година кое се продаде за неверојатни 396.000 Евра!

Race day. За неколку часа започнува Le Mans, а атмосферата веќе станува сè понаелектризирана. На околу еден час пред стартот, започнува церемонијата – надлетуваат авиони и хеликоптери од француската воена авијација, прелетува и еден огромен авион придружуван од неколку помали и заеднички го исцртуваат француското знаме на небото над Le Mans. Сите ги наоѓаме своите места, а ние одиме ниско, веднаш до патеката за одблиску да го видиме и овековечиме стартот.

На неколку минути пред старот еуфоријата станува сè понагласена. На трибините околу стартот и блиските објекти има околу 50.000 посетители кои не го кријат својот ентузијазам. Тимовите се подготвени, возачите се подготвени и… Стартуваме!

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

Татнежот од тркачките автомобили придружен од громогласната реакција од фановите во комбинација со локацијата прават еуфоријата да е неизбежна. Можеби е клише да се каже – но едноставно, адреналинот понесува со неговата моќ, секое влакно на рацете се исправува и како што минуваат автомобилите ја сфаќаме разликата меѓу брзи автомобили и Le Mans Брзи Автомобили.

Трката почнува хаотично – сепак на стартот има повеќе од 60 автомобили кои веќе од првиот момент се борат за што подобар пласман. Доаѓа до контакт и веднаш се активира Safety Car и трката малку се успорува. Но за само неколку минути работите се нормализираат и трката го „фаќа“ своето вистинско темпо.

Од минута во минута, од круг во круг па и од час во час, трката станува сè повозбудлива. Се менуваат и временските услови, па еден дел од патеката е дождлив и мокар а друг дел од патеката е „барут“ сув. Ова влијае на перформансите токму поради нерамномерното загревање на пневматиците, но влијае и на излетувањата и контактите меѓу возилата.

Во еден момент едно од возилата на Peugeot го презема водството! По четири часа, возилото број 94 на Peugeot кое наизменично го возеа Loic Duval, Gustavo Menenez и Nico Muller го презема водството, а во објектот на Peugeot се случува експлозија на задоволство и поддршка!

Ваквото темпо продолжува и во текот на ноќта. Тимовите на Peugeot, Ferrari и Toyota наизменично си го менуваат првото место и водството во трката. Временските услови придонесуваат за излетувања, контакт и несакани ситуации, а фановите – особено оние кои упорно и тврдоглаво ја следат трката и за време на ноќното возење – имаат можност да видат „на лице место“ како се прави автомобилска историја. Во текот на ноќта возилото број 94 на Peugeot имаше непријатна ситуација и поради дупната гума имаше физички контакт со бариерите. Возачот Menezes успеа да го врати возилото во боксот и тимот брзо го врати на патеката, но оваа незгода резултираше со пад од третото на единаесеттото место.

Изгрева сонцето за вториот ден на трката но тимовите, возачите и автомобилите неуморно се борат за секоја секунда и за секој круг. Возачите возат во таканаречени „стинтови“ од околу 55 минути, но тоа не значи дека секој возач вози по 55 минути и потоа на негово место доаѓа друг. Еден возач вози обично вози два стинтови, по што влегува во боксот за возилото да добие освежување и на негово место да дојде друг, одморен возач. Преку ноќ два возачи возат по три стинтови за третиот возач да биде одморен и кога ќе дојде утрото да биде подготвен и свеж за возење.

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Да кажеме дека Le Mans се буди би било погрешно – Le Mans не ни заспа. Фановите се соживуваат со трката и уморот станува неважен – важно е да се искуси секој момент, да се слушне секој автомобил и да се искуси секое искуство кое Le Mans го нуди.

Во последните часови од трката, борбата за пиедесталот е меѓу тимот на Ferrari и Toyota. На крајот, победува Ferrari – тим кој се враќа на Le Mans по 50 години отсуство, односно по 58 години од последната победа. Но кај ниту еден тим не се забележува незадоволство. Напротив – само да се заврши Le Mans е вистински успех. Да завршат и двата автомобили е навистина за почит! Во „куќата“ на Peugeot задоволството е опипливо – тука повторно е и Линда Џексон која заедно со тимот и со сите нас ужива во успехот на тимот. На крајот, возилата на Peugeot завршуваат на 8-мото и 12-тото место во врвната, Hypercar класа а тимот е задоволен дека на првото излегување на Le Mans со ова возило и двата автомобили стигнуваат до целта но и дека автомобилите во одреден момент беа и предводници на трката!

Трката на Le Mans е трка на издржливост, трка на тимска сплотеност и стратегија и трка на перформанси. Очигледно е дека тимот на Peugeot Totalenergies го има „она специјалното“ кое е потребно да се учествува и да се победи на ваквите трки. Храброста на Peugeot да настапи со автомобил кој е поинаков од останатите и оди „контра“ на конвенционалните сфаќања зборува многу за амбициите на тимот и „аут оф д бокс“ размислувањето на инженерите и дизајнерите.

24 Часа Ле Ман 2023 заврши, а ние бевме дел од тоа. Бевме дел од Ле Ман! Тешко е да се најдат зборови да се опише ова искуство. Всушност, Le Mans не се опишува. Le Mans се доживува, а ние само можеме да бидеме благодарни на Еуроимпекс и Peugeot што ни овозможија да бидеме (мал, минијатурен) дел од овој голем, неповторлив и емотивен настан!

Фотографии: 24 Hours of Le Mans 2023



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.