ТЕСТ: Ford Kuga ST-Line X 2.0 TDCI 120 – Поинаква интерпретација на добро-познатиот SUV. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Kuga ST-Line X 2.0 TDCI 120 – Поинаква интерпретација на добро-познатиот SUV.

Новата Ford Kuga веќе добро ја познаваме, но каков впечаток остава во комбинација со автоматски менувач и 2-литарски турбодизел?

Ова не е прв пат да седнеме зад управувачот на тековната Ford Kuga – всушност, пред точно една година го објавивме тестот на Kuga ST-Line опремена со 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец со 150 коњски сили и мануелен менувач. Уште тогаш бевме импресионирани од традиционалние вредности на Ford – привлечен дизајн (особено во ST-Line опрема и сите спортски додатоци кои ги вклучува), опремена кабина, моќен турбо-бензинец и управливост на самиот врв на класата.

Ова е Kuga која веќе добро ја познаваме!

Сега – една година подоцна – повторно сме зад управувачот на Kuga, но овој пат во малку поинаква, поекономична изведба. Повторно сме зад управувачот на Kuga ST-Line, но овој пат во името има суфикс X кој нагласува уште побогата опрема.

На пример, покрај веќе богатата ST-Line опрема, Kuga ST-Line X добива LED предни светла и еден куп други додатоци.

Плус, тука се одличните 18-инчни фелни (кои за волја на вистината, би изгледале уште подобро ако се број-два поголеми) и спортските ST-Line браници, прагови и заден спојлер. Сè на сè – ставот на Kuga е динамичен и дури би рекле и купеовски благодарение на острите столбови и нагласениот спојлер.

Оплеменета, богато-опремена и супер-практична кабина со многу, многу опрема!

Дополнително е оплеменета и кабината – покрај спортските седишта и спортскиот управувач, нашиот тестен модел дојде и со Winter Pack кој вклучува греење на седишта, загревање на управувачот и загревање на ветробранското стакло.

Секако, тука е и одличниот SYNC3 аудио уред со безжично поврзување со мобилен телефон, но особено ќе го пофалиме моќниот B&O аудио уред со 10 звучници – звучи навистина одлично!

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

Инаку, ова е кабината на Kuga која веќе добро ја познаваме. Просторна, комфорна и практична. Возачката позиција е висока и прегледна, околу предните седишта има многу места за одлагање дребулии а на задната клупа комфорно ќе седнат двајца патници.

Командите се лесни и разбирливи и повторно со задоволство ќе истакнеме дека за многу од контролите се користат конвенционални физички копчиња и тркалца – многу, многу попрактично за секојдневно користење од „лутањето“ низ милион менија и под-менија на дигиталниот екран.

Некакви посебни забелешки немаме. Некои од пластиките во пониските предели се поцврсти од она кое би сакале, а би сакале и малку повеќе поддршка на долниот дел од седиштата – но навистина, тоа е тоа.

Изненадувачки еластичен 2-литарски турбодизел!

Е сега, ајде малку и за моторот. Нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски TDCi турбодизел кој испорачува 120 коњски сили при 3500 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент од само 1550 вртежи во минута. Силата се испорачува кон предните тркала преку одличен 8-степен автоматски менувач и сето тоа резултира со забрзување до 100 километри на час за 11.6 секунди и максимални 180 километри на час.

На хартија тоа можеби и не делува како особено брзо, но реалноста е дека 2-литарскиот турбодизел подготвено одговара на секое притискање на педалата за гас и Kuga забрзува линеарно и неуморно. Секако, тука свој придонес има и 8-брзинскиот автоматски менувач кој мазно и неприметно ги менува брзините.

Придобивки има и на бензинските пумпи, секако – за време на неколкудневното тестирање измеривме потрошувачка од едвај 7 литри на 100 изминати километри – повеќе од импресивно со оглед на големината на Kuga. На отворен пат лесно ќе го најдете идеалното темпо а потрошувачката дискретно ќе ја надмине бројката од 6 литри дизел на 100 изминати километри.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Kuga и понатаму е еден од најдинамичните SUV модели во сегментот

Секако, бидејќи се работи за Ford, Kuga импресионира и во свиоците. Всушност, тврдиме дека Kuga е еден од најдинамичните SUV модели во сегментот. И минатиот пат рековме, и сега ќе повториме – Kuga не вози како SUV, туку чувството зад воланот е повеќе како да сте во спортски хечбек. Да, се чувствува нијанса поголемата маса во предниот дел поради потешкиот турбодизел, но разликата не е драстична а Kuga самоуверено ја менува насоката на движење.

И всушност, повторно сме импресионирани од Kuga. Инженерите на Ford знаат што прават кога станува збор за нагодување на подвозјето, моторот испорачува доволно моќност за секојдневно користење и притоа е супериорно-економичен, а Kuga ги исполнува сите семејни обврски без приговор. Во време кога дизелите како да одат во заборав, убаво е да се потсетиме на онаа докажана комбинација од комфорен семеен SUV (кој патем може да биде и изненадувачки динамичен) и тивок, рафиниран и економичен турбодизел. Ваквите комбинации ќе ни недостасуваат во иднина.

Спецификации

Модел: Ford Kuga 2.0 TDCi 120 FWD A8 ST-Line X
Мотор: 2-литарски турбо-бензинец
Моќност: 120 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 340 Nm / 1550 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 11.6 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4614 mm
Ширина: 1883 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1660 mm
Тежина: 1640 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2710 mm
Багажен Простор: 435 – 1534 литри
Потрошувачка: 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford Kuga Titanium 1.5 EcoBoost FWD M6 – 32.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford Kuga 2.0 TDCi 120 FWD A8 ST-Line X – 52.200 Евра
Напомена: Во моментот на објавување на овој тест, акциската цена за Kuga ST-Line X e 44.500 Евра.
Повеќе Информации: Ford.mk
Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.