ТЕСТ: Ford Kuga 1.5 EcoBoost 150 M6 ST-Line – SUV кој не се однесува како SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Kuga 1.5 EcoBoost 150 M6 ST-Line – SUV кој не се однесува како SUV!

Новиот SUV на Ford е конечно во наши раце – па ајде да видиме што имаат да кажат новата Ford Kuga и нејзиниот 1.5-литарски EcoBoost!

Верувале или не, првиот контакт со новата Kuga го имавме уште во Април 2019 кога на покана на Ford отидовме на Go Further настанот во Амстердам, каде Синиот Овал ги најави своите планови околу новите модели и електрификацијата, и за прв пат ни го покажа новиот SUV. Сега, точно три години подоцна конечно седнуваме зад управувачот на овој SUV – па ајде да го разгледаме.

Kuga гради свој индивидуален карактер

На прв контакт, Kuga можеби ќе ви заличи како да е Focus, но вертикално издолжен. Но да погледнеме поубаво, и забележуваме природна еволуција од хечбек во SUV. Да, Focus и Kuga ја делат платформата, и иако дизајнот на Kuga го следи дизајнерскиот јазик кој Ford го дефинираше со Focus, конечниот производ сепак гради свој индивидуален карактер.

На предниот дел доминираат широката предна решетка и страничните отвори за воздух (каде се поставени и светлата за магла), а погледот го задржуваат и дооооолгите предни светлосни групи.

Профилот (барем визуелно) има изненадувачки купеовска форма благодарение на храброто играње со линиите на профилот на вратите и кровот, а висината визуелно е намалена со прекршените елементи во долниот дел од вратите.

На задниот дел погледот природно го привлекуваат големите задни светлосни групи, но има и други детали кои ни се допаѓаат – како на пример дискретнио спојлер и (види, можело!) вистинските завршетоци на издувниот систем.

Сè на сè, Kuga изгледа привлечно и современо, особено во оваа црвена боја, а акцент на спортскиот карактер дава ST-Line бодикитот.

Просторна кабина со сите потребни „играчки“

Одиме внатре – и тука уште повеќе се препознаваат гените кои Kuga ги дели со Ford Focus. Се сместуваме во комфорното возачко седиште и веднаш ги препознаваме квалитетите кои ги нуди SUV формата на Kuga – просторноста и прегледноста (освен кон задниот дел) се одлични. Возачката позиција е висока, а тоа нуди одличен поглед нанапред.

Инструментите се навистина слични на оние кај Focus – добиваме дигитална инструмент табла пред возачот, 8-инчен мултимедијален уред (со Android Auto и Apple CarPlay поврзување, кое за жал не е безжично) и фини, убави, нормални физички контроли за клима-уредот.

На прв контакт, Kuga можеби делува како да е малку застарена, особено во однос на конкурентите кои сите контроли ги заменија со дигитални – но ние ќе речеме дека ваквата конфигурација е попрактична и подобра за секојдневно користење! Немаме особени забелешки на материјалите во кабината – скоро сè што редовно допираме е обложено со фин материјал. Некои од пониските пластики се нијанса поцрврсти и би сакале малку повеќе странична поддршка на долниот дел од предните седишта – но тоа е тоа.

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

Во кабината има многу места за одлагање ситници и дребулии – џебовите во вратите се навистина длабоки, а има простор и во централниот наслон меѓу возачот и совозачот. Има многу простор и на задната клупа, како за главите, така и за колената на патниците. Всушност, би рекле дека Kuga е еден од рекордерите во класата. Наслонот на задната клупа се нагодува според желбите на патниците, па на сите ќе им биде комфорно – дури и на подолги патувања.

Конечно – ајде малку и за багажникот. Багажниот простор на Kuga е со капацитет од 435 литри со задните седишта во нивната најкомфорна положба, односно одлични 1534 литри кога целосно ќе ги преклопите. Отворот на багажникот е голем, па внесување и пренесување и поголеми предмети не би требало да претставува никаков проблем.

Изненадување број 1 – 1.5-литарскиот EcoBoost со 150 коњски сили!

Е сега – изненадување број 1. Првото изненадување доаѓа напред, под поклопецот. Кај нашиот тестен модел, таму беше сместен 1.5-литарскиот EcoBoost турбо-бензинец со 150 коњски сили. И веднаш Ве слушаме – ама бензинец во вакво возило, па многу ќе троши, па… Но не! Одличниот 3-цилиндерски EcoBoost испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и корисни 240 Nm вртежен момент од само 1600 вртежи во минута.

Во комбинација со прецизниот 6-степен мануелен менувач со одлично одмерени степени на пренос, забрзувањето до 100 километри на час трае 9.7 секунди, а Kuga достигнува максимални 195 километри на час. Меѓузабрзувањето е одлично, а Kuga лесно „врти“ и до повисоки вртежи – и сето тоа е придружено од дури привлечен, спортски звук.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

И да ги барате, нема никаде да ги најдете оние две работи кои се карактеристични за три-цилиндерски мотор – нема да ги најдете вибрациите, ниту пак звукот кој асоцира на фен. 1.5-литарскиот EcoBoost звучи одлично, нуди супер перформанси и е прилично штедлив.

За време на неколкудневното дружење со Kuga, измеривме просечна потрошувачка која едвај надмина 9 литри на 100 изминати километри во градски услови, односно нешто над 6 литри бензин на отворено.

Изненадување број 2 – Kuga „вози“ како да е спортски хечбек!

Изненадување број 2 – управувањето. Токму поради управувањето кажуваме дека Kuga е SUV кој не се однесува како SUV. Тука ги препознаваме вистинските таленти на инженерите на Ford. Сите верзии на Kuga доаѓаат со мултилинк задна суспензија, а управувањето е директно и супер-прецизно. Насочете ја Kuga кон долги, споени свиоци и ќе бидете изненадени од подготвеноста да ја смени насоката, дури и при повисоки брзини. Едноставно, магијата е таму – ова е SUV кој не се однесува како SUV. Kuga успешно ги прикрива нејзините димензии и маса, а сето тоа резултира со возачко искуство кое обично го очекуваме кај низок хечбек, не кај SUV.

Свој удел тука има и спортската суспензија која е дел од ST-Line пакетот, но уште поимпресивно е дека оваа суспензија нема негативен ефект врз комфорот. Навалувањето во свиоци е контролирано, но избегнат е моментот на прецврста суспензија која би направила Kuga да е некомфорна. Да, суспензијата е притегната, но во ниту еден момент не почувствувавме непријатни вибрации во кабината – сигурно тоа се должи и на месестите пневматици на нашиот тестен автомобил.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Конкуренцијата е многубројна, но Kuga се издвојува со фактот дека се однесува како да не е SUV!

Во ред, ајде да заокружиме. Не го криеме фактот дека пазарот станува преплавен со разно-разни SUV модели, каде веќе сите наликуваат еден на друг и станува тешко да се направи погрешен (или правилен) избор – но Kuga има два силни аргументи кои ќе ги привлечат оние кои сакаат нешто подинамично – а тоа се одличниот 1.5-литарски EcoBoost и фантастичната шасија. Ова е SUV кој не се однесува како SUV!

Спецификации

Модел: Ford Kuga 1.5 EcoBoost 150 FWD M6 ST-Line
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец
Моќност: 150 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 240 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.7 секунди
Максимална Брзина: 195 километри на час
Должина: 4614 mm
Ширина: 1883 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1660 mm
Тежина: 1489 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2710 mm
Багажен Простор: 435 – 1534 литри
Потрошувачка: 9.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford Kuga Titanium 1.5 EcoBoost FWD M6 – 32.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford Kuga 1.5 EcoBoost 150 FWD M6 ST-Line – 35.800 Евра
Напомена: Во моментот на објавување на овој тест, акциската цена за Kuga Titanium и ST-Line модели e 31.900 Евра.
Повеќе Информации: Ford.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.