ПРЕМИЕРА: Освежениот Porsche Cayenne добива затегнат дизајн, темелно ревидирана кабина и помоќни мотори! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Освежениот Porsche Cayenne добива затегнат дизајн, темелно ревидирана кабина и помоќни мотори!

Големиот спортски луксузен SUV на Porsche добива значителни измени, a Cayenne S повторно добива V8!

Ајде прво да зборуваме за визуелните измени. Најзабележливиот детал се новите изменети предни светла кои имаат целосно-нова форма. Забележуваме и редизајниран преден браник, а поклопецот на моторот и предните крила се редизајнирани за големиот SUV да добие и поатлетски изглед. Задниот дел добива редизајнирани задни светла кои се дел од едноделен светлосен елемент. Дизајнерските измени се однесуваат како на Cayenne, така и на Cayenne Coupe – Porsche одлучи двата освежени модели да ги претстави истовремено. Меѓу другото, воведени се и три нови бои – Algarve Blue Metallic, Montego Blue Metallic и Arctic Grey, како и нови тркала со дијаметар од 20 до 22 инчи.

Како што веќе знаеме, Cayenne добива и освежен ентериер. Измените започнуваат со новиот 12.6-инчен дигитален инструмент-панел со седум различни режими на приказ (меѓу кои е и Night Vision приказот) поставен пред возачот, додека на централната конзола е поставен нов 12.3-инчен екран наманет за инфозабавниот уред. Секако, овој уред има целосна Android Auto и Apple Carplay интеграција, но интересен новитет е и интеграцијата со Apple Music и Spotify. На дисплејот може да се прикажува и видео, но само кога возилото е паркирано.

Интересен новитет (и директно инспириран од Taycan) е третиот екран поставен пред совозачот. 10.9-инчниот дисплеј е вграден во конзолата пред совозачот и му овозможува да ја контролира навигацијата. Совозачот ќе може и да гледа видеа на овој екран, но самиот дисплеј е покриен со специјален филтер за возачот да не може да гледа, односно екранот да не може да му го одвлече вниманието.

Управувачот на освежениот Cayenne доаѓа од 911, а контролерот за менувачот веќе не е на централната конзола туку на мал прекинувач поставен зад управувачот. Ова ослободува простор на централната конзола за други елементи – дискретни контроли за клима уредот, контролер за аудио уредот, место за одлагање ситници, итн.

Сега веќе можеме да зборуваме малку и за погонските опции. Во Европа новиот Cayenne ќе дебитира со три различни погонски опции и можеби најинтересниот новитет е 4-литарскиот битурбо V8 кој го заменува досегашниот V6 во Cayenne S. Овој мотор испорачува 474 коњски сили и 600 Nm вртежен момент – 34 коњски сили и 50 Nm повеќе од V6 моторот кој го заменува. Cayenne S забрзува до 100 километри на час за 4.7 секунди и достигнува максимални 273 километри на час. Основниот мотор и понатаму е 3-литарскиот турбо V6 кој сега испорачува 353 коњски сили и 500 Nm вртежен момент.

Истиот мотор се користи и како основа за погонот на Cayenne E-Hybrid, но измените кај хибридниот Cayenne се подетални. Покрај помоќниот електромотор кој сега испорачува 176 коњски сили, Cayenne E-Hybrid добива и поголема батерија со капацитет од 25.9 kWh, која пак овозможува автономија до 90 километри на електрична енергија (според WLTP мерењата). Системската моќност на Cayenne E-Hybrid е импресивни 470 коњски сили.

Секако, понатаму во понудата ќе се најдат и помоќни изведби во форма на Cayenne Turbo, а во моментов врвниот Turbo GT нема да биде достапен во Европа поради ЕУ регулативите за емисија на штетни гасови. На другите пазари ширум светот, врвниот Cayenne Coupe Turbo GT сега ќе располага со 659 коњски сили благодарение на кои ќе забрзува до 100 километри на час за само 3.3 секунди и ќе може да достигне максимална брзина од 305 километри на час.

Истовремено, Porsche ја искористи шансата да ја ревидира и суспензијата на големиот SUV. Cayenne сега стандардно ќе доаѓа со PASM (Porsche Active Suspension Management) а добива и надградени амортизери кои според Porsche се прилагодени за секакви ситуации и ќе нудат покомфорно возење при ниски брзини но и подобрено управување при агресивно возење. Секако, ревидирана е и воздушната суспензија која би требало да го издигне сето ова на сосем друго ниво.

Нарачките се веќе отворени и првите примероци се очекуваат да бидат испорачани ова лето.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.