Освеженото Clio добива врвна Esprit Alpine верзија која ќе ја замени тековната RS Line.
Визуелните измени кај освеженото Clio се најзабележливи на предниот дел. Градскиот хечбек на Renault добива целосно редизајниран преден дел со потенки светла, редизајнирана предна маска и дневни светла. Интересно, од Renault напоменуваат дека формата на дневните светла на освеженото Clio всушност би требало да асоцираат на логото на францускиот бренд – но пресечено на половина по вертикала. Профилот е генерално неизменет, додека на задниот дел забележуваме редизајнирани задни светла со нова графика, како и редизајниран заден браник со интегриран дифузер.
Освеженото Clio ќе биде достапно со пет дизајни на тркалата, со максимален дијаметар до 17 инчи, а достапни се и неколку бои – Arctic White, Platinum Gray, Black Pearl Black, Iron Blue, Decir Red, Valencia Orange и новата трослојна Rafal Gray.
Кабината е воглавно неизменета, но францускиот бренд се концентрира на користење одржливи и еко-прифатливи материјали – па затоа новото Clio нема да може да се нарача со кожен ентериер. Наместо со кожа, седиштата се обвиени со материјал изработен од материјал наречен TEP.
Инаку, можете да добиете 7 или 10-инчен инструмент панел, и 7 или 9.3-инчен централен мултимедијален уред. Секако, со поддршка за безжични Android Auto и Apple CarPlay. Истовремено, од Renault напоменуваат дека освеженото Clio може да добие и преку 20 различни системи за асистенција.
Во однос на погонските единици, новото Clio ќе може да се добие со 1-литарски трицилиндерски атмосферец кој испорачува 65 коњски сили и 95 Nm, или пак 1-литарски турбо-бензинец кој испорачува 90 коњски сили и 160 Nm вртежен момент. Послабиот бензинец се добива со 5-брзински мануелен менувач, додека помоќниот со 6-брзински мануелен менувач.
Врв на понудата е Clio E-Tech Full Hybrid кој комбинира 1.6-литарски атмосферец со два електромотори и мала батерија со капацитет од 1.2 kWh. Вкупната, системска моќност е 145 коњски сили кои се пренесуваат кон предните тркала преку двобрзински автоматски менувач кога автомобилот вози на струја, односно четирибрзински автоматски менувач кога работи и моторот на внатрешно согорување.
Интересно, Renault не се откажува од дизелот во овој сегмент па на одредени пазари Clio ќе може да се нарача и со добро-познатиот 1.5-литарски dCi турбодизел кој испорачува 100 коњски сили и 260 Nm вртежен момент.