Во салонот на Kia пристигна електричниот Niro EV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во салонот на Kia пристигна електричниот Niro EV!

Во салонот на KIA во Скопје деновиве пристигна новиот, целосно-електричен Niro и на голема врата ја започнува електрификацијата на корејскиот бренд во Македонија!

Дизајнот на Niro е футуристички без да биде екстремен. Уште кога го претставија Niro, дизајнерите на Kia ни кажаа дека инспирацијата доаѓа директно од концептните автомобили – и ако е тоа целта, тогаш целта е постгината! Ни се допаѓа целата форма, но ни се допаѓаат и индивидуалните детали – како на пример комплексните предни светла и Ц-столбовите кои се во контрастна боја и во кои се вградени и задните светлосни групи. Храбар дизајн!

Од Kia дизајнот го објаснуваат преку нивната Opposits United филозофија и кажуваат дека инспирацијата доаѓа од природата и се манифестира преку изборот на бои, материјали и текстури за да постигнат рамнотежа меѓу пристап кој е чувствителен кон животната средина и поглед кон иднината.

Кабината ги следи тековните трендови, па препознаваме целосно-дигитални инструменти и централна конзола која е завртена кон возачот, на која е поставен и кружната рачка за менувачот. Кабината добива и амбиентално осветлување, супер-комфорни седишта, итн.

Кога сме веќе кај седиштата – тие се изработени од рециклирани материјали и природни материјали добиени од листови од еукалиптус, а тапацирот на кровот е изработен од рециклирани ѕидни тапети. Боите кои се користени за Niro се добиени преку еколошки процес и во нив нема загадувачки материјали.

Инаку, новиот Niro се нуди како хибриден, плаг-ин хибриден или целосно-електричен автомобил – и со задоволство можеме да кажеме дека токму целосно-електричната варијанта е пристигната во Македонија. Секако, од Киа Моторс Македонија ни потврдија дека ќе следат и другите погонски изведби – а сето тоа е голем и храбар чекор кон електрификација на гамата на корејскиот бренд на нашиот пазар.

Електричниот Niro има батерија со капацитет од 64.8 kWh, како и електромотор кој испорачува 204 коњски сили и според официјалните податоци може да помине повеќе од 450 километри со полни батерии. Ниту перформансите не се за занемарување – 100 километри на час пристигнуваат за 7.8 секунди а максималната брзина е 167 километри на час.

Поврзано:   Kia пушти тизер за новиот EV6!

Наскоро и самите ќе имаме можност да го возиме новиот електричен Niro и ќе ги пренесеме нашите впечатоци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.