Врвната изведба на огромниот плаг-ин хибриден SUV на М-дивизијата на BMW располага со системски 748 коњкси сили и 1000 Nm вртежен момент кои резултираат со навистина импресивни перформанси.
Големиот XM Label Red (ве молиме да не го мешате со Red Label) е најмоќниот модел во историјата на М-дивизијата на BMW. Комбинацијата од надграден 4.4-литарски твин-турбо V8 и моќен електромотор резултира со вкупно 748 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент.
Интересно е што зголемената моќност во однос на „обичниот“ XM не доаѓа од појак електромотор туку од доработен твин-турбо V8. Моќниот 4.4-литарски твин-турбо бензинец испорачува дополнителни 95 коњски сили за вкупно 585 коњски сили и 723 Nm вртежен момент. Дополнително, интересен новитет е и новиот „pre-gearing“ систем за моќно лансирање поставен меѓу електромоторот и влезното вратило на преносот – систем кој во суштина го зголемува вртежниот момент на електромоторот од 280 Nm на импресивни 450 Nm вртежен момент.
Но што добиваме со системските 748 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент? Импресивно забрзување до 100 километри на час кое трае само 3.8 секунди, како и максимална брзина која е електронски ограничена на 250 километри на час, односно 280 километри на час доколку го одберете опционалниот M Driver’s Пакет.
Инаку, BMW XM Label Red ќе го препознаете по црвените детали – црвени се значките и ознаките, како и додатоците во тркалата, а можете да добиете и Toronto Red црвен акцентен декоративен елемент наместо стандардниот црн.
Достапни се дури 50 бои за екстериерот преку BMW Individual програмата, а M-дивизијата најави дека ќе произведе ограничен број примероци во BMW Individual Frozen Carbon Black боја.
Секако, црвени детали има и во кабината – црвени се шевовите на седиштата, на панелот со инструменти и на централната конзола, како и уште неколку дополнителни детали.
BMW XM Label Red ќе биде достапен за нарачки од 28-ми Април годинава.