Официјално доделени наградите Златно Тркало за 2023! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално доделени наградите Златно Тркало за 2023!

Вчеравечер на свечен настан официјално ги доделивме наградите од четвртиот по ред избор за Најпосакуван Автомобил во Македонија – Златно Тркало.

На ова издание на Златно Тркало имавме можност да воведеме и едно ново признание и една нова плакета наменета за македонци кои оставаат траг во автомобилската индустрија ширум светот и Македонија ја ставаат на глобалната автомобилска мапа.

Особено сме горди што прв добитник на признанието е Славче Таневски, македонец кој повеќе од една декада дизајнира за Mercedes-Benz и потпишува врвни модели – меѓу кои и најновата генерација на SL. За време на доделувањето, Славче изјави дека иако добива награди ширум светот, сепак е особено горд и среќен за признание кое го добива токму во Македонија, од македонски медиуми.

Секако, фокусот на вечерта беше на овогодинешните победници на изборот Златно Тркало. Годинава се натпреваруваа 8 возила во три различни категории и вкупно беа направени 12.875 гласања.

Најпосакуван семеен автомобил со 30,49 проценти од гласовите е избран Toyota Corolla Cross и наградата ја прими Г-ѓа Ана Трајковска, маркетинг менаџер во Тојота Авто Центар.

Во категоријата Најпосакуван премиум автомобил со 35,64 проценти од гласовите е избран Alfa Romeo Tonale, и наградата ја прими Г-ѓа Ана Бураку, Генерален директор на Аутомобиле СК.

Главната награда за Најпосакуван автомобил во Македонија за 2023 година, ја понесе Peugeot 408, кој освои 30,62 проценти од гласовите во својата категорија.Плакетата ја прими Ивана Манчева Михајловска – Заменик на Извршниот директор и маркетинг директор во Еуроимпекс.

Изборот Златно Тркало го организираме ние, во соработка со нашите колеги од Автоплус, CarsByVik и RPM.mk. Кон крајот на секоја година формираме листа на нови автомобили кои се пристигнати на нашиот пазар во период од една година и потоа на листата на гласање се наоѓаат модели кои овластените импортери ќе ги номинираат. Кога ќе започне гласањето, токму вие – нашата публика ги одбирате победниците.

Со прогласувањето на победниците завршува циклусот за 2023, а следниот циклус започнува денес. Горди сме што уште еднаш успеавме да го опипаме пулсот на македонските купувачи и Ви се заблагодаруваме и на вам за гласањето и вниманието. Уште еднаш им честитаме на сите победници и им посакуваме многу, многу успех и многу продадени автомобили!

Поврзано:   Peugeot Sport доби специјално еко-признание од FIA


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.