ПРЕМИЕРА: Ford го претстави електричниот E-Transit Courier – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford го претстави електричниот E-Transit Courier

Новиот, супер-практичен E-Transit Courier е поставен на електрична платформа која ќе ја дели со електричната Puma.

Новата платформа за електрични возила на Ford веќе добива форма и ќе се користи за електричниот E-Transit Courier кој го гледаме денес, но и за новата електрична Puma, а обата модели ќе се произведуваат во фабриката на Ford во Крајова, Романија.

Токму благодарение на новата платформа, електричниот E-Transit Courier е значително попросторен од конвенционалниот кој го наследува. Електричниот модел е подолг 118 милиметри, но товарниот простор е долг цели 1803 милиметри – скоро 200 милиметри повеќе од конвенционалниот. Дополнително, ширината меѓу задните тркала е зголемена за 200 милиметри и тоа дозволува две еуро-палети да бидат внесени во товарниот простор. Токму ова го прави особено интересен за секојдневни доставни активности, особено во градски услови.

Сега за сега немаме информации околу батеријата која Ford ќе ја вградува во E-Transit Connect, но знаеме дека ќе доаѓа со електромотор со моќност од 136 коњски сили кој ќе ги задвижува предните тркала. Максималната брзина е 145 километри на час, а доколку имате пристап до брз полнач, E-Transit Connect ќе добие скоро 90 километри автономија за само 10 минути полнење.

Ford настапува со силни аргументи – во некои земји купувачите ќе добијат двегодишно бесплатно полнење, а истовремено напоменуваат дека трошоците за одржување се очекува да бидат 35% пониски во однос на верзија опремена со конвенционален мотор.

Кога сме кај конвенционалните мотори, Transit Courier ќе може да се добие и со 1-литарски EcoBoost со 125 коњски сили и 1.5-литарски EcoBlue со 900 коњски сили и мануелен или автоматски менувач. Овие изведби ќе се нудат на повеќето пазари и ќе се препознаваат по различните значки, засебната предна маска и уште неколку детали. Без разлика на тоа каква верзија ќе одберете, од Ford кажуваат дека товарниот простор ќе биде идентичен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.