ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави освежениот ID.3 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави освежениот ID.3

Од Volkswagen кажуваат дека многу внимание е посветено на освежувањето на ID.3 – електричниот автомобил кој ја започна вистинската електрична трансформација на VW добива грст подобрувања.

Визуелните измени се дискретни, но сепак наменски – ID.3 добива нов преден браник со редизајниран отвор за воздух (кој има и активни „прегради“ кои при повисоки брзини се затвораат за да се подобри аеродинамиката), како и странични отвори за воздух кои го подобруваат струењето на воздухот околу тркалата. Измените на предниот дел ги заокружуваме со новиот светлосен потпис на предните светла, како и редизајнираниот преден поклопец кој сега изгледа визуелно подолг. Профилот и задниот дел се скоро недопрени, ќе напоменеме дека и задните светла имаат нова графика а и сегментите од задните светла кои се во петтата врата сега се осветлени.

Секако, добиваме и нови, аеро-оптимизирани тркала, а достапен ќе биде и црн кров со мат-сребрени детали. Добиваме и неколку нови бои меѓу која е и длабоката Dark Olivine Green металик боја.

Слична е приказната и во кабината каде „мали-но-многу-измени“ пристапот на Volkswagen е повторно очигледен. Volkswagen ги послуша купувачите и автомобилските медиуми па за освежениот ID.3 користи поквалитетни материјали во кабината кои се помеки на допир, а надградени се и поголеми панели – како на пример панелите на вратите кои имаат поголем наслон за рацете.

Интересно, Volkswagen воведува и нов материјал кој го нарекува Artvelours Eco – микрофибер материјал кој го користи за седиштата и панелите на вратите. Овој материјал не само што изгледа скапо, туку е и еколошки – изработен е од 71% рециклирани материјали.

Поврзано:   СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG - 100 километри за 80 денари?

Купувачите и понатаму добиваат 5.3-инчен дигитален панел со инструменти пред возачот, како и голем, 12-инчен мултимедијален систем кој сега е стандарден. Како дел од дополнителната опрема е супер-напреден систем за надградена реалност во хед-ап дисплејот кој „проектира“ инструкции за навигацијата пред возилото. Секако, ID.3 ги добива и системите за асистенција – адаптивен темпомат, систем за следење на коловозната лента, итн.. Новитет е Park Assist Plus системот кој има вградена меморија и може да репродуцира претходно-научени движења и маневри.

Во однос на погоните, можете вашиот ID.3 да го нарачате со батериски модул со капацитет од 58 или 77 kWh. Во зависност од батеријата ќе можете да поминете меѓу 425 и 545 километри со едно полнење на батериите (според WLTP мерењата, секако). Силата оди кон задните тркала благодарение на електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент и овозможува забрзување до 100 километри на час за 7.3 секунди.

ID.3 Pro може да се полни со максимална моќност од 120 kW, додека ID.3 Pro S може да се полни со максимални 170 kW, што пак овозможува полнење на батеријата до 80% за 30 минути. Volkswagen ќе воведе и двонасочно полнење – што пак значи дека ќе можете да го користите вашиот електричен автомобил за да обезбедите електрична енергија за електрични уреди. Корисно!

Новиот ID.3 наскоро ќе пристигне во салоните.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.