Peugeot 3008 и 5008 добиваат лајт-хибриден турбо-бензинец – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot 3008 и 5008 добиваат лајт-хибриден турбо-бензинец

Peugeot воведува нов лајт-хибриден погон за 3008 и 5008 кој ветуваат дека ќе ја намали потрошувачката на бензин за до 15%.

Новиот погон е базиран на одличниот 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец кој веќе се вградува во моделите на Peugeot, но надграден со 48-волтен лајт-хибриден систем и нов e-DSC6 автоматски менувач со двојна спојка. Турбо-бензинецот добива варијабилен турбополнач и работи на Милеровиот циклус, а во менувачот е интегриран електромотор кој испорачува дополнителни 28 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Вкупната, системска моќност е 136 коњски сили и 230 Nm вртежен момент – дискретно зголемување од 6 коњски сили во однос на постоечкиот, неелектрифициран PureTech.

Но она што е поважно е подобрената ефикасност на погонот во однос на конвенционалниот турбо-бензинец. Од Peugeot кажуваат дека оваа технологија може да ја намали потрошувачката за до 1 литар на 100 километри на WLTP мерењата во комбинирани услови, односно до 2.5 литри на 100 километри во градско возење и да ја намали емисијата на CO2 за до 20 грама на изминат километар – а со тоа моторот ќе ги исполни супер-строгите ЕУРО 6Е стандарди. Малата батерија за хибридниот систем е поставена под возачкото седиште и е со капацитет од 898 Wh.

Благодарение на хибридниот систем и рекалибрираниот старт-стоп систем, според анализите на Peugeot, 3008 би можел да вози во целосно електричен режим повеќе од 50% од времето – односно при стартување, паркирање и движење на ниски брзини. На возачите ќе им биде достапен и нов дигитален приказ на работењето на системот кој ќе го прикажува текот на енергијата, статусот на батеријата, начинот на кој таа се користи, како и процент на возење без емисија на штетни гасови.

Новиот лајт-хибриден погон наскоро ќе се најде и кај други модели на Peugeot – односно кај 208, 2008, 308, 308 SW и новиот 408, а францускиот бренд потврди дека ќе има уште една изведба на погонот со 100 коњски сили која најверојатно ќе се нуди само кај 208, 2008 и 308.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.