ТЕСТ: Peugeot 308 1.6 Plug-In Hybrid 180 е-ЕАТ8 Active Pack – Економичен електрифициран адреналин! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 308 1.6 Plug-In Hybrid 180 е-ЕАТ8 Active Pack – Економичен електрифициран адреналин!

Тврдиме дека новиот плаг-ин хибриден Peugeot 308 нуди идеална комбинација од моќ, брзина и ефикасност. Но дали плаг-ин хибридиот 308 е најдобриот 308? Прочитајте повеќе за да дознаете.

Најновата генерација на Peugeot 308 не е нова на нашите страници. Пред нешто повеќе од една година бевме на официјалната презентација на францускиот хечбек во Кан, за потоа да имаме можност повторно да го возиме на наш, домашен терен. Во Франција ги возевме сите изведби на 308, а во Македонија седнавме зад управувачот на Peugeot 308 во врвното GT Line ниво на опрема, задвижуван од одличниот 1.5-литарски BlueHDI.

Неодамна повторно имавме можност да се дружиме со 308, но овој пат во една поинаква (и во нашите очи поинтересна) изведба. Возевме Peugeot 308 опремен со плаг-ин хибриден погон кој испорачува 180 коњски сили и ветува дека може да помине 50-тина километри на електрична енергија.

Моќен хибриден погон

Погонот кај хибридниот 308 комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец со дополнителен електромотор и батерија со капацитет од 12.4 kWh. Четирицилиндерскиот турбо-бензинец испорачува 150 коњски сили при 4250 вртежи во минута, како и 250 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Електромоторот испорачува дополнителни 110 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Вкупната системска моќност на овој плаг-ин хибриден погон е 180 коњски сили и 360 Nm вртежен момент.

Пфф, тоа не звучи како многу“, ве слушаме како обвинувате. На хартија, можеби и не звучи како многу, но перформансите се уверливи. Одберете го 1.2-литарскиот нехибриден турбо-бензинец со 130 коњски сили (кој во моментов е најмоќниот не-хибриден турбо-бензинец кој Peugeot го нуди) и ќе добиете забрзување до 100 километри на час за 9.7 секунди и максимални 210 километри на час. На хибридниот 308 му требаат дури 2 секунди помалку, односно забрзува до 100 километри на час за само 7.6 секунди и максимална брзина од 225 километри на час!

Истовремено, според официјалните податоци можете да поминете околу 60 километри на електрична енергија со едно полнење на батериите. За време на неколкудневото тестирање ние не успеавме да достигнеме таква автономија, но со внимантелно возење комфорно надминавме 45 километри на струја со едно полнење на батериите – во градски услови, секако. Погонот на 308 овозможува движење на струја при брзини до 135 километри на час.

Што се случува кога ќе ги испразниме батериите „до даска“? Хибридниот систем на 308 самиот си „брка работа“ и ги дополнува батериите кога може, за да понуди ефикасно возење. Доколку ги полните батериите редовно и не поминувате повеќе од 40-50 километри на ден, тогаш градската потрошувачка на бензин би била Нула Литри на 100 Километри. Доколку сепак треба да го активирате бензинецот очекувајте потрошиувачка од околу 2.5 литри на 100 изминати километри. Ако стигнете до тоа „дереџе“ целосно да ги испразните батериите, очекувајте потрошувачка од околу 5.5 литри на 100 изминати километри низ град. На отворено (со наменски испразнети батерии) измеривме потрошувачка од 7 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Три режими на возење, три различни карактери

Системот на 308 нуди три различни режими на работа – Electric, Hybrid и Sport. Електричниот режим е прилично самообјаснувачки – возиме на струја. Hybrid режимот ја нуди идеалната комбинација меѓу моќ и ефикасност, и во тој режим самиот систем одлучува што и кога да направи. Но и ние имаме контрола, секако. Ако ја притиснеме педалата за гас посилно, се активира и бензинецот и 308 ги нуди целосните перформанси. Sport режимот не само што цело време ги нуди максималните перформанси, туку додава и малку тежина на управувачот и го насочува менувачот да задржи повисоки вртежи – сето во насока на максимални перформанси и максимално уживање зад воланот.

Веќе неколку пати сме кажале – возењето на струја е мирно, тивко и супер-рафинирано. Го забележуваме целосното отсуство на вибрации од моторот со внатрешно согорување. Низ градскиот метеж, 308 на струја се движи дискретно и притаено, но во оној момент кога ќе побараме перформанси, 308 скока нанапред со зачудувачка агилност.

Слично е и во свиоци – 308 веќе ја докажа својата динамичност, а и хибридниот 308 успева да ја прикрие својата тежина. Да, плаг-ин хибридниот 308 е околу 300 килограми потежок од својот конвенционален брат – но ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека таа разлика скоро и да не се забележува. Ниско-поставените батерии и електромотор придонесуваат кон тоа.

308 и понатаму е еден од назабележителните модели во сегментот

Инаку, 308 и понатаму е еден од најзабележителните модели во класата. Пред нас е „основниот“ 308 во неговото Active Pack ниво на опрема, но ниту на прв, ниту на втор поглед не би рекле дека се работи за воведен модел во гамата. Добиваме LED предни и задни светла, добиваме LED дневни светла (кои се малку поинаку изведени од LED дневните светла кај поопремените модели), добиваме 17-инчни тркала и фантастична Olivine Green металик зелена боја.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот, голем E-5008!

Дури има и детали кои повеќе ни се допаѓаат – на пример, кај 308 Active Pack пластичниот дел во задниот браник е од мат-црна пластика наместо сјајната црна пластика кај Allure и GT. Силуетата е ниска и широка, со нагласени остри детали и мускулести површини. Дури и паркиран, 308 изгледа како да се движи. На задниот дел вниманието повторно оди кон тенките задни светла и гордото централно-поставено ново лого на Peugeot.

Богата и квалитетна кабина, и покрај „основното“ ниво на опрема

Влегуваме внатре и повторно нè пречекува богата и квалитетна кабина. Добиваме одлично-профилирани спортски седишта кои се делумно обвиени во кожа и во кои се седи навистина комфорно. Секако, тука е препознатливиот i-Cockpit на Peugeot со голем дигитален дисплеј пред возачот и дополнителен дигитален дисплеј на централната конзола. Кај оваа изведба го нема i-Toggles дисплејот кој го има кај Allure и GT, но затоа добиваме практични физички контроли за клима уредот и уште некои функционалности.

Нешто што ни недостасува? Би сакале мултимедијалниот уред да има безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување, а ни недостигаше и задна паркинг камера. 308 секако има паркинг сензори, но камерата дополнително би го олеснила секојдневното маневрирање и паркирање.

Просторот на задната клупа е идентичен како и кај нехибридните изведби на 308, а тоа значи дека на задната клупа има доволно простор за двајца, а со малку убедување и тројца патници. Мал пенал претрпува багажниот простор кој се намалува од 412 на 361 литар, односно од 1323 на 1271 литар со преклопени задни седишта.

Плаг-ин хибридите не се за секого – но оние кои ќе ги разберат ќе уживаат во нив!

И сега, по сето ова – ајде да донесеме заклучок. Кога го возевме плаг-ин хибридниот 3008 кажавме дека хејтерите можат да хејтаат, но дека хејтаат оние кои не ги разбираат ваквите возила и не знаат правилно да ги користат. Многупати сме рекле дека плаг-ин хибридните автомобили не се за секого, бидејќи не само што бараат можност за полнење, бараат и промена во навиките за користење автомобили. Но за оние кои ги разбираат ваквите автомобили и знаат како правилно да ги користат – придобивките се навистина огромни. Полнете го 308 во домашни услови преку ноќ (на евтина струја, нормално) и 100 километри ќе ве чинат околу 100 денари, а јавните полначи на ЕВН сè уште се бесплатни.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!

Кога на сето ова ќе ги додадеме и опременоста, перформансите и динамичноста, веќе е јасно зошто сметаме дека Peugeot 308 во оваа хибридна изведба нуди ефикасен, електрифициран адреналин, нели?

Спецификации

Модел: Peugeot 308 1.6 Plug-In HYbrid 180 е-ЕАТ8 Active Pack
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 4250 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1750 вртежи во минута
Моќност (електромотор): 110 коњски сили
Вртежен Момент (електромотор): 320 Nm
Системска Моќност: 180 коњски сили
Системски Вртежен Момент: 360 Nm
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 7.6 секунди
Максимална Брзина: 225 километри на час
Должина: 4367 mm
Ширина: 2060 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1444 mm
Тежина: 1603 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2675 mm
Багажен Простор: 361 – 1271 литри
Потрошувачка: 2.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 308 1.2 PureTech 110 Active Pack BVM6  – 26.510 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 308 1.6 Plug-In Hybrid 180 е-ЕАТ8 Active Pack – 43.550 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.