Новиот концепт на Toyota всушност најавува компактен SUV кој во хиерархијата на јапонскиот бренд би бил позициониран под големиот bZ4X.
Од Toyota кажуваат дека ова е само „студија“, но ако ги погледнеме деталите ова е навистина блиску до сериски автомобил. Нема налудничави елементи како камери наместо странични ретровизори – „концептот“ изгледа како комплетен автомобил, подготвен за сериско производство.
Според Toyota, концептот најавува забавен, атрактивен автомобил со нулта емисија на штетни гасови. Дизајнот е директно-инспириран од bZ4X, но во покомпактно, помладешко пакување. Ако мораме да го споредиме со некој тековен модел на Toyota, најверојатно би кажале дека е електрична алтернатива на супер-популарниот C-HR. Површините се остри и чисти и целиот дизајн е во насока на подобрување на аеродинамиката.
За компонентите во кабината се користени рециклирани материјали или материјали од растително потекло, особено за седиштата. Распоредот во кабината е сличен како во bZ4X, но сепак тука забележуваме „концептни“ детали кои можеби не би ги виделе во сериско производство.
Сега за сега нема официјални информации дали bZ Compact SUV концептот ќе резултира со сериски модел, но навистина ни изгледа како ова да е само опипување на пулсот на јавноста пред официјално претставување на серискиот автомобил. bZ4X концептот е безмалку идентичен со серискиот автомобил и очекуваме да се повтори приказната.