ТЕСТ: Peugeot 3008 Hybrid4 300 AWD GT – Врвни перформанси од хибридниот врв на 3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 3008 Hybrid4 300 AWD GT – Врвни перформанси од хибридниот врв на 3008!

Најмоќната изведба на 3008 истовремено е и најефиксната. Поминавме ден-два зад воланот на плаг-ин хибридниот 3008 Hybrid4 GT – и еве зошто сме убедени дека токму ова е најдобрата верзија на францускиот SUV.

Peugeot „од прва“ го погоди 3008. Уште при неговото лансирање во (сега веќе далечната) 2016-та година, францускиот бренд го наметна својот SUV како еден од доминантните во сегментот и на купувачите им понуди комфорен, динамичен и практичен избор.

Но со оглед на сè построгите еко-норми и сè поголемата освестеност на купувачите во однос на еколошката прифатливост на автомобилите – како и моќните перформанси и врвната ефикасност која доаѓа со електрификацијата – сосем е разбирлива одлуката на Peugeot да ја прошири понудата со плаг-ин хибридни верзии. Ова не е наш прв контакт со плаг-ин хибридниот 3008 – за прв пат седнавме зад воланот на интернационалната промоција во Шпанија минатата година – но сега дојде време да го повозиме и на домашен терен.

Тајната е во напредниот плаг-ин хибриден погон.

Верзии? Па да, 3008 се нуди во две плаг-ин хибридни изведби. Едната се вика Hybrid и комбинира 1.6-литарски тубо-бензинец со електромотор за вкупно 225 коњски сили. Другата (логично) се вика Hybrid4 – и токму за таа изведба ќе зборуваме денес. Hybrid4 всушност значи дека овој 3008 го комбинира одличниот и моќен 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили со два електромотори – едниот со 110, другиот со 113 коњски сили. Оваа комбинација кон сите четири тркала испорачува вкупно 300 коњски сили и моќни 500 Nm вртежен момент. Плус, литиум-јонската батерија со капацитет од 13.2 kWh овозможува автономија од околу 55 километри на струја во градски услови.

Океј, сето тоа звучи одлично „на хартија“, но како е во реалноста? Па, накратко кажано – импресивно. Сакате малку „на подолго“? Подготвени? Ајде.

Неколку пати сме зборувале досега, но начинот на кој се користи плаг-ин хибридно возило е малку поинаков. Плаг-ин хибридните возила бараат мали промени на навиките – но придобивките од нив се повеќе кратни. Ајде прво за онаа автономија на електрична енергија – ако дневно поминувате 50-тина километри со вашиот автомобил, и имате можност да го полните секоја вечер – тогаш при возењето воопшто нема да потрошите бензин. Потрошувачката на сок од диносауруси паѓа на 0 (и со зборови – нула) литри на 100 километри. Доколку сепак ги надминете тие 50-тина километри кои ви ги нудат батеријата и задниот електромотор, тогаш очекувајте потрошувачка од околу 3 литри на 100 изминати километри.

Но со цел да им одговориме и на „хејтерите“, направивме еден експеримент – доколку ја испразните батеријата „до даска“, тогаш Peugeot 3008 Hybrid4 станува конвенционален хибрид кој цело време ја дополнува и ја празни батеријата – и во тој случај можете да очекувате потрошувачка од околу 6 литри бензин на 100 километри.

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

А системските перформанси се импресивни – големиот 3008 забрзува до 100 километри на час за само 6.1 секунда и постигнува максимални 235 километри на час. Коњските сили и вртежниот момент од електромоторите кои се достапни „од нула“ гарантираат моќно и неуморно забрзување нанапред во скоро сите ситуации, а во оние моменти кога ќе сакате да возите опуштено и смирено – го добивате и тоа. Комплетното отсуство од вибрации кога се вози само на струја е нешто на кое човек лесно се навикнува. Тука е мирно, тивко и супер-рафинирано.

Едноставно кажано – плаг-ин хибридните возила (доколку имате услови да ги полните, секако) едноставно имаат смисла, особено ако повеќето од километрите ги поминувате во град. Тука врвната ефикасност навистина доаѓа до израз.

3008 во моментов е најубавиот модел во сегментот

А доаѓа до израз и привлечниот дизајн на 3008. Веќе сме кажале, но ќе кажеме пак – 3008 најверојатно е најубавиот модел во сегментот во моментов. Пропорциите се идеални за еден SUV, а деталите се едноставно – убави. Со неодамнешнот освежување, 3008 доби нова предна маска и редизајнирани предни светла, а Black Pack пакетот кој Peugeot за прв пат го нуди кај својот SUV (и кој го имаше и нашиот тестен модел) го подигнува впечатокот едно скалило погоре.

Ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека црно-на-црно-на-црно комбинацијата не ни се допаѓа баш бидејќи црната боја сокрива детали, но од друга страна, не можеме да негираме дека изгледа посебно и доминантно. Како stealth бомбардер!

Од друга страна, немаме ама баш никакви замерки за ентериерот на овој врвно-опремен 3008. Првиот и најсилен впечаток го оставаат спортските седишта обвиени во супер-фина црвена Nappa кожа. Плус, се гледа дека многу, многу внимание е посветено на изборот на материјали и текстури за 3008 да биде прикажан во вистинско светло – од алуминиумот, преку текстурираната гума и дрвените детали, па сè до кожата – тука сè е мајсторски изработено.

Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Благодарение на сончевиот кров, во кабината влегува многу, многу светлина – па амбиентот оди уште едно скалило нагоре. Повеќе од доволно простор има и на задната клупа, како за главите, така и за нозете на патниците – па повторно, навистина немаме никакви забелешки. Единствениот компромис е направен во багажникот, каде поради хибридните компоненти капацитетот е за нијанса намален. Сега имаме на располагање 395 литри, односно 1357 литри со преклопени задни седишта.

Зад управувачот на 3008 Hybrid4 е слично како во спортски автомобил

Добро, но како е зад воланот на 3008 Hybrid4? Првото кое го забележуваме е дека движењето на струја е супер-рафинирано, смирено и тивко. Во оној момент кога интимно ќе ја запознаеме педалата за гас со патосникот под неа, остануваме малку вчудоневидени од перформансите – ова е семеен SUV, побогу!

Дополнително, конфигурацијата придонесува и кон динамичното управување – да, „нема бегање“ од фактот дека 3008 Hybrid4 тежи 1840 килограми, но благодарение на батериите и електромоторите тежиштето е прилично ниско, па по свиоци 3008 повеќе се однесува како спортски автомобил отколку голем SUV. Насочете го од свиок во свиок и на момент ќе забележите како заигрува задниот дел и како 3008 ја менува насоката со ентузијазам и подготвеност кои успешно ги прикриваат неговите тежина и димензии.

Има неколку режими на работа – стандардниот, хибриден режим самиот „си брка работа“ и нуди идеален компромис меѓу ефикасност и перформанси. Тука е Sport режимот кој нуди максимални перформанси, а за повремени излети и надвор од асфалтот тука е 4х4 режимот.

Особено е интересен e-Save системот кој ја одржува батеријата на одредено ниво (на пример, не ја празни додека возите на автопат), за кога ќе бидеме во урбана околина да можеме да возите на струја и да не ги разбудиме соседите.

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

Заклучокот е лесен – Peugeot веќе цврсто гази во премиум сегментот.

Кога ќе го земеме сето тоа предвид, доаѓаме до неизбежниот заклучок дека со 3008 – и тоа особено со вака-конфигуриран примерок – Peugeot цврсто нагазува во премиум сегментите, кон кои и цели веќе неколку години. Комбинацијата од авангарден дизајн, премиум ентериер со многу технологии (Focal премиум аудио уредот треба да се слушне за вистински да се искуси, а Night Vision камерата е приказна сама за себе) и врвен хибриден 4х4 погон, наметнува дека 3008 успешно ја трасира иднината на Peugeot – всушност, во ова се уверивме кога неодамна го возевме плаг-ин хибридниот 308 во Кан.

По сето ова, ајде да ја заокружиме дискусијата. Кратко и јасно – 3008 ни се допаѓаше и претходно, а во оваа конфигурација ни се допаѓа уште повеќе. Плаг-ин хибридните возила имаат свое место и своја поента. Хејтерите ќе продолжат да хејтаат, но хејтаат оние кои не ги разбираат ваквите возила и не знаат како правилно да ги користат. Од друга страна, оние кои ќе разберат како да го извлечат максимумот од нив (а има многу за „влечење“, верувајте) ќе уживаат во врвни, атлетски перформанси, без притоа да бидат казнети на бензинските пумпи. А нели сите го сакавме тоа?

Спецификации

Модел: Peugeot 3008 GT Pack HYbrid4 300 AWD e-EAT8
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 200 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 300 Nm / 3000 вртежи во минута
Моќност (електромотори): Преден: 110 коњски сили
Заден: 113 коњски сили
Вртежен Момент (електромотори): Преден: 320 Nm
Заден: 166 Nm
Системска Моќност: 300 коњски сили
Системски Вртежен Момент: 520 Nm
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 6.1 секундa
Максимална Брзина: 235 километри на час
(135 километри на час на електрична енергија)
Должина: 4447 mm
Ширина: 2098 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1624 mm
Тежина: 1853 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2675 mm
Багажен Простор: 395 – 1357 литри
Потрошувачка: 2.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 3008 1.2 PureTech S&S Active Pack – 29.480 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 3008 GT Pack HYbrid4 300 AWD e-EAT8 – 69.820 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.