Денес започнува законската обврска за зимска опрема во нашите возила – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Денес започнува законската обврска за зимска опрема во нашите возила

Да не кажете дека не сме Ве потсетиле – од денес започнува законската обврска за зимска опрема во нашите возила!

Како и секогаш, и оваа година остануваме поборници за користење на зимска опрема, особено зимски пневматици. Веќе неколку пати сме дискутирале за тоа дали само две зимски гуми се доволни (секако дека не!), или пак дали погонот на сите четири тркала е доволна замена за зимските гуми (повторно – секако дека не!). Согласно законот за безбедност во сообраќајот, нашите возила мора да бидат опремени со соодветна зимска опрема.

За одбележување на стартот на законската обврска за зимска опрема, денес Мотоцентар, РСБСП, Сити Мол и МВР организираат информативна кампања преку која ги информираат возачите околу нивните обврски. Законот гласи:

Според членот 361 од Законот за Безбедност во Сообраќајот „Моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 Ноември до 15 Март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.“ Повторно ќе напоменеме дека ова значи дека зимската опрема не е задолжителна само надвор од населените места, туку и во населените места.

Под зимска опрема за вашето возило се подразбира:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни помагала (синџири за снег).
  • Не заборавајте дека синџирите за снег се поставуваат на погонските тркала.

Доколку вашето возило има погон на сите четири тркала, тогаш опремата е:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри или
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни синџири за снег.
  • Ако имаат постојан погон на четири тркала, синџирите се поставуваат на задната осовина.
  • Ако имаат преклоплив погон, тогаш синџирите се поставуваат најмалку на постојано вклучената осовина.

Повторно да нагласиме – доколку вашиот автомобил има погон само на две тркала, зимски пневматици само на погонските тркала ниту ги задоволуваат законските барања за зимска опрема, ниту пак ја препорачуваме оваа опција, бидејќи едноставно не е безбедна.

Имајте предвид дека зимски пневматици се оние кои имаат ознака „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Оние кои ја имаат само „М+S“ ознаката (или некоја нејзина варијанта) не ги задоволуваат стандардите за зимски пневматици, и не се сметаат за зимски пневматици – а со тоа не ги исполнуваат законските барања.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.