Официјална македонска премиера на електричниот Ford Mustang Mach-E – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјална македонска премиера на електричниот Ford Mustang Mach-E

И покрај тоа што веќе објавивме, денес електричниот Ford Mustang Mach-E ја имаше својата официјална премиера пред македонската јавност.

Ние веќе ги објавивме информациите за новиот Mustang Mach-E, но денес електричниот кросовер на Ford ја имаше својата официјална презентација пред македонската јавност. На официјалната презентација имавме можност повторно да се „видиме“ со електричната изведба на легендарниот Mustang, која пак претставува историски доказ за развојот на автомобилизмот и преминот во ерата на електрични автомобили.

Според категоризацијата на Ford, Mustang Mach-E е целосно-електричен компактен кросовер кој носи батерија со капацитет од 98.8 kWh и нуди автономија од импресиви 540 километри со едно полнење. Полнењето може да се врши во домашни услови, но и на брзи полначи со моќност до 150 kW. Пристигнатите примероци се токму со најголемата батерија како и погон на сите четири тркала. Достапна е и верзија со помала батерија и погон на задните тркала.

„Брендот Ford како пионер во автомобилската индустрија продолжува со својата електрификација во Европа каде, до 2024 година, се планира да се лансираат девет комплетно електрични модели. Како официјален импортер и сервисер, компанијата Ми-Да Гранд Моторс ќе продолжи да ги обезбедува најновите современи автомобилски решенија за клиентите во Македонија“ – рече Дритон Заири, генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс.

Истовремено, од Ми-Да Гранд Моторс ја искористија можноста да ја нагласат одличната соработка со Ford, големиот број на возила на залиха и брзата достапност на автомобилите – вистински исклучок во тековната криза со автомобили. Најавуваат и акциски и промотивни цени кои ќе следат во следниот период.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.