ЕУ од 2035 ќе ја забрани продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ЕУ од 2035 ќе ја забрани продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување

Минатата седмица Европската Унија постигна договор за закон кој од 2035 ќе ја забрани продажбата на нови бензински и дизел возила – а сето тоа со цел да се забрза транзицијата кон електрични возила.

Преговарачите од земјите од ЕУ и Европскиот Парламент кои ги одобруваат новите закони, како и Европската Комисија која ги предлага законите се согласија дека производителите на автомобили мораат да постигнат стопроцентно намалување на емисијата на штетни гасови до 2035 – а во суштина тоа значи дека во земјите на Европската Унија ќе се забрани продажбата на нови возила со бензински или дизел мотори.

Тоа ги вклучува и хибридните како и плаг-ин хибридните возила бидејќи тие сепак имаат некаква емисија на штетни гасови. Сепак, треба да биде јасно дека ова не значи дека од 2035 ќе биде забрането да се возат возила со бензински или дизел мотори, туку дека ќе биде забранета продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување. Сопствениците на ваквите возила ќе можат и понатаму да ги возат.

Истовремено, транзицијата кон електричните возила ќе се забрза и преку намалувањето на CO2 за 55% во однос на бројките од 2021, иако ова намалување иницијално е поставено на 37.5%.

Овој развој на настаните и не е толку изненадувачки, со оглед на инвестициите кои се прават за постигнување целосна електрификација. Некои од производителите веќе поставија и крајни рокови за целосна електрификација – Fiat, Ford и Peugeot најавија дека ќе станат „фул-електрик“ брендови до 2030, Opel до 2028, Volkswagen до 2033…

Секако, не е сè толку едноставно – Европската Асоцијација на Производители на Автомобили (ACEA) реагираше и предупреди дека целосно забранување на одредени технологии не е продуктивно и побара моторите со внатрешно согорување и возилата со водородни горивни ќелии да имаат значително учество во транзицијата кон ултра-ниски емисии на штетни гасови. Преговарачите се согласија дека ЕУ ќе подготви предлог за тоа како „возила кои користат CО2-неутрални горива“ ќе може да се продаваат и по 2035-тата година.

Производелите кои произведуваат помалку од 10.000 возила годишно не се исклучени од овој нов закон, но имаат една екстра година за транзиција кон возила со нулта емисија на штетни гасови – но да бидеме искрени, таа една година нема да направи ама баш никаква разлика.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.