full screen background image
Search

Во салонот на BMW пристигна супер-реткиот M4 CSL!

Полесен, помоќен, побрз и супер-редок – во салонот на BMW во Скопје пристигна спектакуларниот M4 CSL!

М4 CLS е цели 110 килограми полесен од „обичниот“ М4. Како?

Отстранети се задните седишта, а предните се заменети со карбонски кои се супер лесни и заштедуваат дури 24 килограми. Карбон-керамички сопирачки, ковани тркала и лесни пружини кратат дополнителни 21 килограм. Елиминирање на звучната изолација и користење полесни материјали резултира со заштеда од 15 килограми.

Отстранет е автоматскиот клима уред, а редизајнирана е и предната решетка како и елементи од задниот дел. Кровот, поклопецот на моторот и поклопецот на багажниот простор се изработени од карбон.

Океј, но што е со моторот? 3-литарскиот линиски шест-цилиндерски турбо-бензинец сега испорачува 550 коњски сили и 650 Nm вртежен момент кои се испорачуваат кон задните тркала преку 8-брзински автоматски менувач.

Нема опција за мануелен менувач, но поентата е да се извадат максимални перформанси – а автоматскиот менувач секогаш побрзо ќе менува брзини. Резултат? 100 километри на час за 3.7 секунди и 0-200 километри на час за 10.7 секунди, како и максимална брзина од импресивни 307 километри на час.

Целиот автомобил е 8 милиметри поблиску до подлогата од M4 Competition, а суспензијата е зацврстена и нуди подиректна комуникација со патот. Секако, има и зацврстени анти-рол стабилизатори, а системите за безбедност се прилагодени да понудат контролирано пролизгување и поспортско, подинамично возење. Сопирачките се дополнително зајакнати, а притисокот на сопирачките може да се регулира преку М-менито во автомобилот. Силата се пренесува кон подлогата преку Michelin Pilot Sport Cup 2 R пневматици.

М4 CSL ќе го препознаете по црвените детали кои се во чест на 50-годишнината на M GmbH, а ќе забележите и уникатни аеро додатоци, дневни светла и редизајнирани браници. Кај M4 CSL дебитираат BMW Laser задните светла, а забележуваме и дискретен заден спојлер како кај E46 M3 CSL. Ќе бидат произведени само 1000 примероци и среќни сме што еден пристигна и кај нас!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.