CARCLUB ИНТЕРВЈУ: Pierre Leclercq, Дизајн директор во Citroën – Како дизајнер, среќен сум дека не мораме да дизајнираме ретро автомобили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARCLUB ИНТЕРВЈУ: Pierre Leclercq, Дизајн директор во Citroën – Како дизајнер, среќен сум дека не мораме да дизајнираме ретро автомобили!

Неодамна имавме можност да седнеме и да поразговараме со Pierre Leclercq, кој во моментов е на чело на дизајнерскиот оддел во Citroën. Со него зборувавме за новиот Citroën C4 X, но и за дизајнерските елементи кои го издвојуваат Citroën од конкуренцијата, како и начинот на кој францускиот бренд ја пренесува ориентацијата кон комфорот преку дизајнот на своите автомобили.

Каде припаѓа новиот C4 X, за кои купувачи е наменет, но и кои му се конкурентите?

Сè започнува со желбата дека на купувачите ќе им се допадне новиот автомобили. Барањата од одделот за продукти беа навистина високи. На самиот почеток не знаевме каков автомобил ќе биде – можеше да биде многу нешта – можеше да биде караван, лимузина, но секогаш се обидуваме да донесеме нешто ново, нешто поемотивно и за вистинските купувачи да биде што е можно повозбудливо.

Очигледни конкуренти се седаните, но свесни сме дека нивната популарност изминативе неколку години е веќе намалена. Тоа е силуета што во некои земји проаѓа навистина лошо, па затоа со C4 X носиме нешто што е малку повозбудливо, поинакво, па и неочекувано во сегментот на седаните.

Факт дека имаме автомобил кој е малку подалеку од земјата, што пак е важно за комфорот. Комфорот е нешто што сакаме да го интегрираме во секој автомобил, а тоа има навистина изненадувачки ефект. Кога прв пат ќе го погледнете, не разбирате што е. Истиот впечаток го имавме и со C5 X кога прв пат го покажавме – многу новинари нè прашуваа „Што е ова?“. Но убавината дојде кога новинарите го возеа автомобилот низ град и надвор од градот, и се враќаа со впечатокот „да, тоа е тоа, разбираме.“ Мислам дека и тука приказната ќе биде таква. Кога ќе го пробате, ќе ја разберете практичноста и комфорот. Се надевам дека повеќето луѓе ќе бидат возбудени од дизајнот – а дизајнот сепак е многу субјективен.

Како е кога треба да се искористи истиот дизајн за повеќе различни верзии на истиот автомобил? Како на пример електричен автомобил, но и автомобил со мотор со внатрешно согорување?

Па знаете, ако започнете проект само со електрична платформа, тогаш веројатно ќе направите нешто со тоа што ќе си играте со волумените и работи со кои не би си играле на мултиенергетска платформа. Тука имаме автомобил кој треба да биде и со мотор со внатрешно согорување, но и електричен. Затоа, разликите во дизајнот меѓу различните верзии се минимални.

Дали мислите дека ова е начинот? Дека електрични автомобили нема да изгледаат како електрични автомобили?

На ваква, мулти-енергетска платформа разликите меѓу верзиите би требало да бидат минималистички. Ако ја пробате електричната верзија (која патем јас мислам дека е најдобрата верзија) тогаш нема причина зошто да не е секси. Електричните автомобили можат да бидат секси!

Колку е тешко да се имплементира специфичен дизајн за една компанија на една иста платформа која се користи кај повеќе брендови?

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Citroen целосно го откри новиот C3 Aircross

Во право сте. Порано бевме четири брендови, сега сме четиринаесет брендови. Секоја година имаме огромна презентација кога пред Carlos Tavares – нашиот главен извршен директор – ја презентираме ДНК-та на секој бренд. Тоа е огромна презентација, трае 45 минути и ги презентираме јадрените вредности на брендот и во која насока сакаме да одиме. Имаме и Vision модели кои ги користиме за да покажеме каде сакаме да одиме. Јас сум одговорен за Citroën, има по еден главен дизајнер за секој бренд, а над нас имаме двајца – Jean-Pierre Ploué кој е одговорен за седум брендови, како и Ralph Gilles во САД кој е одговорен за останатите.

Нивна работа е да ни кажат „внимавајте, ова го видов кај Alfa Romeo, ова е за Peugeot, ова е на Citroën.“ Многу често се состануваме со одговорните за дизајн на другите брендови, и споделуваме. Цврсто верувам дека колку повеќе споделуваме, толку полесно ќе се издвоиме. Значи споделуваме, па потоа ја зајакнуваме нашата ДНК и имаме јасна територија.

Дали мислите дека со ваквите хибридни дизајни на лимузина, кросовер и SUV се отвора ново поглавје во автомобилскиот дизајн? Сега веќе сè е SUV и јавноста бара нешто ново.

Мислам дека и понатаму ќе има седани, SUV модели и кросовери. Не е тајна дека со електрификацијата нашите автомобили ќе станат малку „подебели“. Си играме со форми со кои не сме толку запознаени. Ќе видиме значителни измени во ентериерите. Колачот не расте толку многу, а сите сакаат парче од него. Мораме да најдеме нешто ново и да понудиме нешто ново, не можеме само да следиме, мораме понекогаш и да водиме.

Дали C4 и C4 X се дизајнирани истовремено? Како ќе ги убедите купувачите дека C4 X не само C4 седан?

C4 X е дизајниран по C4. Одделот за продукти знаеше од самиот почеток дека сака два продукти, со различни волумени и различни купувачи – и секако за различни пазари. Во право сте, C4 X е развиен на основата на C4. Тоа се правилата на игра. Како и многу други автомобили во индустријата, сакате да користите делови од друг автомобил, но да понудите продукт кој е што е можно поразличен.

Мислам дека успеавте да го направите C4 доволно препознатлив, со доволно силен идентитет, за да можете доволно да го издвоите C4 X и да демонстрирате дека цели сосем друга група на купувачи.

Очигледно, C4 е навистина компактен и ако го погледнете C4 гледате дека има нешто супер-интересно кај него. Задните светла се прикачени на стаклените површини и тоа е различно и уникатно. Кај C4 X сакавме екстремна чистина, растегнат дизајн и повеќе обоена каросерија. Сите овие детали беа одлучени пред да почнеме да цртаме, за да бидеме сигурни дека ќе добиеме доволно различен автомобил.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 - Француска револуција!

Меѓуоскиното растојание е идентично, така?

Да, идентично.

Зошто го лансирате C4 X во конзервативни бои? Порано бевте храбри со боите, но сега лансирате со безбедни бои.

Добро прашање. Сребрената боја ја сакаме бидејќи го рефлектира синото небо или земјените тонови – без разлика дали е светло сребрена или некоја потемна нијанса. За мене, ова е одличен избор за прво прикажување на автомобил, бидејќи ги покажува сите форми на автомобилот. Белата боја воопшто не ја пробувавме додека дизајниравме бидејќи знаевме дека доаѓа – но кога ја видовме за прв пат во пред-продукциска изведба, сите се заљубивме. Со темните бои препознаваме една форма, една пропорција – тука е сосем поинаква. Но не се грижете, ќе има и други бои понатаму.

Дали е тајна колкав беше буџетот за дизајнирање на C4 X?

Да бидам искрен, не знам. Не би ви кажал, но не знам.

Доволно фер.

Ќе бидам навистина искрен со вас. Во Citroën мораме да ги направиме работите на паметен начин. Идејата е да не правиме супер-скапи автомобили. Ние сме брендот во групацијата кој прави популарни, народни автомобили – и лично, тоа е страна на компанијата која навистина ми се допаѓа. Тоа значи дека мораме да ги правиме автомобилите на паметен начин.

Дали тоа значи дека веќе не треба да бидете толку храбри и авангардни, бидејќи таа улога сега ја има DS?

Не, не би го рекол тоа воопшто. DS е сосем поинаква приказна и не би зборувал за тоа, тие имаат долгорочен план. Ние знаеме дека сме во мејнстрим пазарот, но не сакаме да имаме мејнстрим дизајн и сакаме да ги изненадиме луѓето. Сакаме да продолжиме со тоа. ДНК-та на брендот еволуира навистина брзо и сакаме дизајнот да еволуира. Ќе продолжиме да преземаме ризици – со секој проект, како на пример со Ami – ќе пробаме да бидеме дисруптивни и да изнудуваме реакција.

Тоа што ми се допаѓа кај Citroën е дека кога сите други „бркаат“ времиња на тркачки патеки и зборуваат за брзина и така натаму, Citroën го става комфорот на прво место. Колку е тешко да се пренесе таа цел кон комфорот во самиот дизајн. Да знае купувачот само со гледање на автомобилот дека „ова е комфорен автомобил“, особено кога тркалата стануваат сè поголеми бидејќи купувачите го бараат тоа – што пак негативно влијае на удобноста. Како дизајнот го пренесува тоа?

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 - Француска револуција!

Добро прашање, и би можеле за тоа да дискутираме навистина долго. Можеби првото нешто е дека јас не сум Французин, јас сум Белгиец – и кога за прв пат дојдов во Франција за да започнам со оваа работа мислев дека Peugeot и Citroën се многу слични. Но кога ми покажаа студии за купувачите на двата брендови видов и сфатив дека тие се навистина различни. Купувачите на Peugeot сакаат „врум-врум“, додека нашите купувачи сакаат удобност, практичност и флексибилност. Нашите купувачи се помодерни. Побрзо ќе ја прифатат електрификацијата, на пример. За мене, овие работи беа супер-интересни.

Во однос на комфорот, има толку многу работи да се направат. Во однос на пропорциите, имаме и поголема дистанца од подлогата, различни димензии на тркалата – а сите овие работи влијаат на удобноста во кабината. Но во кабината не се само седиштата – тука е и архитектурата. Дигиталното искуство – како ќе користите интеракција меѓу човекот и машината. Нема да „бркаме“ екрани, но сакаме тоа да биде целосно-функционално и да го добиете за најдобрата цена.

Многу работи на кои може и треба да се работи. Секако, треба да бидеме сигурни дека го разбереме тоа како бренд. Не бркаме времиња на патеки и перформанси. Ние сме популарен бренд и јас сум среќен да работам за популарен бренд. Многу брендови кажуваат дека сакаат да бидат премиум, но да прифатите и да кажете дека сакате да бидете популарен бренд е навистина храбро.

Имам прашање кое се навраќа на постарите автомобили. Има ли одредена тежина дизајнот кога имате толку препознатливи автомобили во минатото? Бидејќи, скоро и да не гледаме влијание од старите автомобили во новите дизајни – а тоа е навистина храбро. Јас израснав во Citroën GS и Xantia и секогаш сум имал место во срцето за тие автомобили. Како се поврзувате со старите автомобили во новите?

И ова е добро прашање. И јас исто така израснав во CX и автомобили на Citroën. Но како дизајнер, јас сум супер-среќен дека од нас не бараат да правиме ретро дизајни. Всушност, тоа би било лесно – ајде да направиме враќање кон DS или 2CV. Тоа е лесно да се направи. Но од друга страна, да се каже – задржете ја филозофијата на Citroën, секогаш пробувајте да одново да иновирате, да најдете начин да ја намалите тежината или трошокот, да направите одличен дизајн инженеринг.

За мене тоа е Citroën кога ќе го видите 2CV – неверојатен дизајн инженеринг. Пробајте да ја задржите истата филозофија, но дизајнот мора да биде тотално различен, да биде свеж!

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.